Изложба со подарени дела од уметници од Централна Европа е поставена во МСУ

Покана за отворањето на изложбата „Дефрагментација“

Во Музејот на современата уметност – Скопје на 13 јуни, во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ – Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Ќе бидат изложени 96 дела од 86 уметници.

Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност – Скопје. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

На оваа изложба, која претставува и одбележување на 60-годишнината од Скопскиот земјотрес, ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Како што велат кураторите, изложбата е потсетување на светската солидарност, концепт на кој се темели МСУ, а степенувањето на важноста на меѓународната соработка е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

– После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ – Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици – потенцираат Јанчевски и Варошанец.

Франтишек Музика (Чешка), „Мртва природа со чинија“ (1930) / Јозеф Јанкович (Словачка), „Последна вечера“ (1966)

Во колекцијата на МСУ – Скопје се чуваат вкупно 5.291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници од Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дел од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.

– Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и Оршолја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции. Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на Музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање – објаснуваат кураторите Јанчевски и Варошанец.

Јежи Новосијелски (Полска), „Град во планините“ (1964) / Оршолја Дроздик (Унгарија), „Време“ (1978)

Веднаш по веста за земјотресот во Скопје во 1963 година, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подарија дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ.

Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска. Изложбата е реализирана со финансиска поддршка на Амбасадите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во Република Северна Македонија. Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2023 година, известија од Музејот на современата уметност – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот