Излезе првиот самостоен винил на музичарот и композитор Кокан Димушевски

Кокан Димушевски во „Аудиокултура“ / Фотографија: Зденко Петровски

Промоцијата на новиот албум „The back of beyond“ на композиторот Кокан Димушевски се одржа на 20 септември во „Аудиокултура“ во Скопје. Станува збор за негов прв самостоен албум објавен на винил.

Винилот има свое македонско, српско и хрватско издание во ограничен тираж, а извршен продуцент на изданието е Тошо Филиповски од „Корпус деликти рекордс“.

– Изданието може истовремено да се најде во Србија, во Хрватска и во Македонија. Отпечатено е во 300 примероци и во секоја од трите држави се дистрибуирани по 100 примероци – објасни Филиповски.

Промоција на албумот во „Аудиокултура“ / Фотографија: Зденко Петровски

Албумот содржи осум композиции на кои Кокан Димушевски е комплетен автор и изведувач. Материјалот бил осмислен, отсвирен и снимен во времето на ковид-пандемијата во период од десетина дена. Немало конкретен мотив или инспирација, туку Димушевски го свирел тоа што во тие моменти излегувало од него, како космичка или божествена енергија, а тој бил само алатката што ја претворала во музика. Сите композиции се снимени „од прва рака“, или „во еден здив“, и немало доснимување или корекции отпосле.

– Целиот материјал содржи десет композиции, но бидејќи просторот на винилот е ограничен на 20 минути од двете страни одлучив албумот да содржи осум нумери – објасни Димушевски.

Слушачката промоција на албумот во „Аудиокултура“ беше реализирана преку системите на „teoharov Audio“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 197, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот