Изборниот модел ја ситни владината коалиција?

Маја Морачанин, претседателка на ДОМ/Фото: Слободен печат

Условот на ДОМ е Собранието или работната група до јуни да почне расправа за една изборна единица, потоа отворени листи и 50 отсто застапеност на жените на пратеничките листи. Претседателката Морачанин потсети дека промената на изборниот модел бил услов при преговорите за формирање на Владата.

ДОМ ќе ја напушти Владата ако до јуни претседателот на Собранието Талат Џафери не ги стави на пленарна седница измените на изборниот модел, услови пратеничката од ова партија Маја Морачанин. ВМРО-Народна ќе размисли дали ќе замине од „Илинденска“, додека ЛДП и Демократската партија на Турците не условуваат и го напуштаат мнозинството. Наспроти барањето на помалите партии за промена на изборниот модел, владејачката ДУИ повтори дека прифаќа една изборна единица со праг од 5 отсто што, пак, за помалите е неприфатливо.

Ова навестува можно натамошно ситнење на Владата, од каде веќе замина ДС.

Условот на ДОМ е Собранието или работната група до јуни да почне расправа за една изборна единица, потоа отворени листи и 50 отсто застапеност на жените на пратеничките листи. Претседателката на ДОМ Морачанин потсети дека промената на изборниот модел бил услов при преговорите за формирање и на владата предводена од експремиерот Зоран Заев и со актуелната на Димитар Ковачевски.

„Услов на ДОМ е во првите 100 дена од изборот на Владата, еве во јуни истекуваат тие 100 дена, да продолжи дискусијата за Предлог-законот за промена на Изборниот законик за една изборна единица. На пленарна седница треба да се отвори дебатата и да има јавна расправа и да ги слушнеме сите различни ставови. Во спротивно, ќе излеземе од Владата, тоа беше најава уште при реконструкцијата на Владата“, рече Морачанин.

Павле Трајанов од ДС повикувајќи се на анкети рече дека една изборна единица поддржуваат 70 отсто од граѓаните.

„Со воведување една изборна единица, како и со отстранување на системските предности на четирите партии поврзани со финансирање на изборната кампања, медиумскиот простор за политичко претставување и државното финансирање на партиски институти, ќе се создадат еднакви услови за политички натпревар и при носењето круцијални и други стратешки одлуки ќе учествуваат повеќе партии и поединци“, смета Трајанов.

За помалите партии изборен праг од 5 отсто е недостижен, а Трајанов смета дека со толку висок праг ни ДУИ нема да влезе во Парламентот.

„Добро е да нема изборен праг на првите избори по промената на моделот, но може да се разговара да се воведе понизок праг. Цел процес го кочи ДУИ каде нема ништо од демократија“, рече Трајанов.

Според помалите партии, една изборна единица ќе овозможи еднаква тежина на гласот, а не како сега, во шестата изборна единица пратеник да може да се стане со 6.000 гласа. Во Третата изборна единица за пратеничко место се потребни 9.000 гласа. Аргумент дека е потребна промена на изборниот модел за Морачанин е и тоа дека со актуелниот изборен модел се случува партија да освои 30.000 гласа и сепак да не биде застапена во Парламентот.

Претседателката на ЛДП Моника Зајкова оцени дека праг од 5 отсто ќе биде погубен за помалите партии.

„Може да се разговара и за промена на математичката формула за пресметување, односно наместо Донтовиот модел, најсоодветна би била Харе квотата. За тоа дали ќе ја напуштиме Владата, апсолутно не станува збор за условување туку да се отвори прашањето и да се направи системска реформа за поголема демократичност и еднаквост на гласот на граѓаните“, рече Зајкова.

За Љупчо Балковски од ВМРО-Народна една изборна единица ќе значи повеќе партии самостојно да учествуваат во Собранието, а тоа ќе значи и поголема заемна контрола.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми повтори дека за нив е прифатливо една изборна единица, но само со праг од 5 отсто. Според него за измени на изборниот модел е потребен широк консензус.

„Праг од 5 отсто е за да се обезбеди политичка стабилност. Ако Трајанов сака доживотно да има загарантирано пратеничко место , ајде ќе разговараме и за тоа“,  рече Адеми.

ВМРО-ДПМНЕ поддржува една изборна единица.

„Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица, бидејќи тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на целата територија на Македонија и ја повикуваме власта да излезе со вакво решение. Доколку власта излезе со решение за една изборна единица, ние ќе се вклучиме и ќе го дадеме нашиот придонес во утврдувањето на конечниот текст“, рече неодамна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

СДСМ е на ставот дека поддржуваат една изборна единица, а за праг од 5 отсто треба да се разговара. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот