Изборни ветувања во сенката на шовинизмот

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

„Докажавме дека можеме да бидеме Европејци“, рече Зоран Заев во дебатата со Христијан Мицкоски на МРТВ, нагласувајќи дека „сѐ друго што се нуди е одење во изолација“. Притоа уследи и мала тeрминолошка полемика со тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека при употребата на зборот шовинизам треба да се биде повнимателен, затоа што шовинизам е „кога ја напаѓате Силјановска, Рашела, Тамара, а одите дури и чекор понатаму“.

Се чини дека со оваа збрка на поими во телевизиската лидерска дебата дојде до значајно изместување на перспективите. Забелешката на Мицкоски, во контекстот на она што под поимот шовинизам го сортираше лидерот на СДСМ, го префрла тежиштето врз негативните појави во однос на т.н. машки шовинизам, поврзан со отворена или прикриена амортизација на жените, со што се настојува жените во сите сфери, па и во политиката, да се стават во подредена положба.

Мета на таквите напади од страна на СДСМ, според Мицкоски и неговата сугестија како да се користи поимот шовинизам, се истакнатите женски фигури што во најшироката јавност ја претставуваат неговата партија на политичката сцена, а што упатува на нешто сосема поинакво од тврдењето на неговиот опонент Заев дека „сѐ друго што се нуди е одење во изолација, шовинизам и лажен национал-патриотизам“. Но, во исто време, има и еден мал проблем во однос на она што го сугерира Мицкоски, а тоа е фактот дека Силјановска и Рашела се изложени на остри критики и од жени во редовите на СДСМ.

Токму затоа во една ваква анализа се наметнува како можност уште еден агол од кој забелешката на Мицкоски може да добие и поинакво значење, кога станува збор за „повнимателна“ употреба на зборот шовинизам. Гордана Силјановска и Рашела Мизрахи со своите јавни настапи и гестови, со кои се обидуваат да го реафирмираат претходното име на државата, Република Македонија, застанувајќи во предните редови на оние што своите емотивни батерии ги полнат со упорно омаловажување на „северџаните“, всушност го предизвикуваат гневот на СДСМ поради непочитување на новата реалност во државата, новото уставно име, пропагираат претеран национализам и туркајќи го упорно тркалото на промените наназад, пренагласено проповедаат национална исклучивост кон соседите.

Оттаму, можеби, укажувањето на Заев дека „сѐ друго што се нуди е одење во изолација“, беше проследено со таква реакција на Мицкоски, односно со неговата попатна сугестија за терминолошка корекција во дебатата. Сепак, нејаснотиите и измешаните значења во укажувањето на Мицкоски околу употребата на поимот шовинизам се чини дека се повеќе од очигледни.

На поширок план, ваква дебата во последните години се одвива мошне интензивно, при што едно од централните прашања кое неретко се поставува е дали засилувањето на националните шовинизми претставува сериозна закана што би можела да ги разниша темелите на целиот ЕУ-проект? Јакнењето на легитимитетот на ЕУ меѓу обичните граѓани е поврзано, пред сѐ, со јасни заложби за почитување и афирмирање на европските вредности и принципи, без пренагласено национално тактизирање – а што европските граѓани во долгорочна смисла треба да ги направи Европејци.

Иако можеби внатрешните односи во политиката во Македонија не се пресликуваат директно како дел од актуелните глобални тенденции, сѐ повеќе се наметнува сознанието дека корона-кризата открива дека во низа земји од разни политички позиции се поттикнуваат национализмот и расизмот со цел да се заштитат сопствените елитистички интереси.

Во секоја криза спротивностите тендираат кон експлозија. Ефектот од корона-кризата во светот е длабока социјална, економска, а сѐ понагласено и политичка криза, проследена со очигледно националистичко раслојување на општеството. На меѓународен план ЕУ го искуси тоа со остри спротивставувања. Молбата на Италија за помош со заштитна медицинска опрема не наиде на соодветен одговор од страна на ниту една ЕУ-членка, покажувајќи уште еднаш дека во време на криза ЕУ како да постои само на хартија. Владите одеднаш се определуваат да настапат со своја сопствена национална стратегија, притиснати од очигледните пропусти и неуспеси на нивните општествени системи и институции во справувањето со пандемијата. Како последица на тоа, воопшто и не изненадува порастот на национализмот и расизмот.

Но историските искуства покажуваат дека обидите да се злоупотребат одредени општествени турбуленции и тензии, со свесно и пресметано затскривање зад национализмот и расизмот, се осудени на неуспех. Токму затоа е добредојден секој глас кој заговара историски можности и заложби кои водат кон надминување на кризата, особено гласови кои се борат за стабилност и натамошен развој на ЕУ-проектот.

Нема никакви сомневања дека Македонија е дел од европскиот континент. Мнозинството македонски граѓани остануваат цврсто на определбата да ја видат својата земја како членка на европското семејство, која продолжува да се интегрира во политичкиот систем на Унијата. Но во беспоштедната борба за власт останува отворено прашањето: што сѐ би требало да се „натовари“ на едниот тас на терезијата за да превагне уверувањето дека европеизацијата на Македонија, всушност, не е компатибилна со чувството за национален идентитет со кое се манипулира меѓу македонските граѓани.

Движењето во вистинската насока, односно преземањето натамошни реформски чекори во процесот на европска интеграција на Македонија, станува отежнато со засилување на тесноградиот национализам и шовинизам кој, за жал, одредени политички сили, и тоа не само опозицијата, го прегрнуваат и поттикнуваат од тактички причини – особено во време на предизборието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот