Ивановска вели дека Антикорупциска поднела забелешки за автопатиштата, но Уставниот суд ги отфрлил

Билјана Ивановска ДКСК
Билјана Ивановска / Фото: МИА

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, вечерва во гостување на телевизијата „21“ рече дека Антикорупциска поднела забелешки околу договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, но тие биле одбиени од Уставниот суд.

Ивановска вели дека ДКСК препорачала да се запре, односно да се намали усвојувањето закони во скратена постапка во Собранието, а посебно укажала на специјалниот закон, донесен како закон од посебен јавен интерес, за да се додели договорот на „Бехтел и Енка“. Антикорупциска утврдила дека договорот кој Владата го потпиша со конзорциумот содржи делови кои се спротивни на Уставот.

„Ние утврдивме дека има неуставни елементи, дека е спротивно на Уставот, но Уставниот суд тоа ни го отфрли“, рече Ивановска.

Таа додаде дека во националната стратегија за спречување на корупцијата навеле дека Законот за легализација на дивоградбите, за кој рече дека „нема покоруптивен закон“, треба да се ограничи, но не поминале ни два месеца, а власта и опозицијата заеднички изгласале нов таков закон, којшто е насочен кон легализација не на објекти во кои живеат социјално загрозени луѓе, туку „баш на оние кои узурпираат“.

„Среќа, не го потпиша претседателот и тој закон сѐ уште не е донесен,“ рече Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот