Итно да се одземе концесијата за малите хидроцентрали на Маркова Река

Маркова Река, мала хидроцентрала. / Фото: Еко-свест

Маркова Река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани од погорниот тек на оваа река, велат еко-активистите од „Еко-свест“

Веднаш почнете ја постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145 на концесионерот „Индиго хидро Македонија – Скопје“, по основа на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса, бараат од еколошкото здружение „Еко-свест“. Тие бараат и да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно.

Маркова Река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, велат еко-активистите од „Еко-свест“, кои беа на терен, на потегот на реката од Марков Манастир до под селото Црн Врв, на планината Јакупица, во непосредна близина на Скопје.

На ова место се предвидени три мали хидроцентрали, чиј концесионер е фирмата „Индиго хидро“ ДОО од Скопје. Од нив првата, во подолниот тек на реката е веќе во функција, додека другите две, во пазувите на планината, се во изградба.

Еко-свест: Живиот свет во и околу реката е загрозен

Токму за начинот на кој се изведени градежните активности на реката за потребите на малите хидроцентрали, односно за обемното уништување на речното корито и непосредната околина на Маркова Река, реагираат и од „Еко-свест“.

„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови, кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата што е направена не може да се надомести. Станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило“, сведочи Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко-свест“.

Таа вели дека и покрај повеќегодишната борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани, особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови, сепак се дозволува еколошка катастрофа.

Според членот 44 од Законот за води, ако „носителот на дозволата не ја врши дејноста согласно со условите утврдени со дозволата, односно врши битна и континуирана повреда на условите за вршење на дејноста од јавен интерес утврдени во дозволата“, надлежниот орган треба да постапи. Според член 49 од истиот закон, треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода, велат од „Еко-свест“.

„Индиго хидро“ ДОО вели дека сѐ е по закон

Ние сметаме дека работиме во склад со дозволите и според проектната документација, а во погорниот тек на реката е раскопано поради градежните активности, одговара Билјана Давидовска, управителка на „Индиго хидро“ ДОО на обвинувањата. Давидовска очекува дека за неколку денови, кога ЕВН ќе им пушти струја, ќе ја пуштат во погон и втората хидроцентрала, додека третата уште се гради.

Договорот за концесиите за изградба на мали хидроцентрали на Маркова Река, Министерството за животна средина го потпишало со „Индиго хидро“ во 2015 година. На социјалните мрежи во изминативе две години честопати осамнуваа слики направени од излетници кои барале спас од летните горештини на бреговите на Маркова Река, но затекнувале комплетно празно и уништено речно корито. Досега немаше никаква реакција од надлежните институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот