Италијанците се подготвуваат да се збогуваат со Берлускони, иднината на Форца Италија нејасна

Италија се збогува од Берлускони / Фото EPA-EFE/MATTEO CORNER

Италија денеска се подготвува да се збогува со поранешниот премиер Силвио Берлускони, милијардерот склон кон скандали, кој доминираше во политиката, бизнисот и фудбалот во земјата најмалку три децении.

Берлускони почина вчера на 86-годишна возраст, три дена откако беше повторно примен во миланската болница Сан Рафаеле и два месеци откако беше откриено дека долго време боледувал од леукемија.

„Италија без Берлускони“, напиша најтиражниот весник во земјата „Кориере дела сера“ на насловната страница, посветувајќи повеќе од 30 страници на извештајот за настанот.

Не е наведена официјална причина за смртта, но италијанскиот весник, кој ја објави веста за смртта на Берлускони, напиша дека тој починал од леукемија, откако неговата состојба ненадејно се влошила во понеделникот вечерта.

Покрај тоа што служеше како премиер на Италија четири пати, Берлускони поседуваше деловна империја вклучувајќи ја медиумската група „МФЕ“ и фудбалските клубови АЦ Милан од 1986 до 2017 година и АЦ Монца од 2018 година.

„Кориере“ напиша дека Берлускони бил доволно добро за да го гледа саботното финале на фудбалската Лига на шампиони помеѓу Интер и Манчестер Сити на телевизија.

Премиерката Џорџа Мелони во понеделникот во телевизиско интервју изјави дека тој ден имала долг разговор со него.

Семејството и блиските пријатели оддаваат почит на приватно бдеење во неговата вила пред државниот погреб во катедралата во Милано во среда, кој најверојатно ќе привлече десетици илјади луѓе.

Министерот за надворешни работи Антонио Тајани, кој ја прекина посетата на Вашингтон, е меѓу оние кои ќе му оддадат почит. Тајани е заменик-претседател на партијата Форца Италија на Берлускони, која сега е во опасност од имплозија.

„Би сакал Форца Италија да има иднина, но, искрено, не ја гледам“, изјави поранешниот министер и член на партијата Џулијано Урбани за дневниот весник „Ла Република“, истакнувајќи дека повеќето нејзини гласачи веќе се обратиле кон Браќата на Италија.

Мелони и претседателот Серџо Матарела се меѓу оние што треба да присуствуваат на погребот, кој ќе се одржи на национален ден на жалост, со знамиња кои се веат на половина копје на сите јавни згради.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот