Италија ќе има пет претставници во ЛШ следната сезона, може и до шест

Фото: EPA-EFE/RICCARDO ANTIMIANI

Новата ера во фудбалската Лига на шампионите со 36 клубови започнува од сезоната 2024/25. Иако оваа сезона немаат клуб во самото финале, италијанската Серија А ќе има дури пет претставници во премиерното издание на новиот формат на најелитното клупско натпреварување.

УЕФА одлучи да додаде максимално значење на Лига Европа и Конференциската лига, па благодарение на специјалниот ранг на двете лиги добиваат дополнително место во ЛШ. Имено, двете национални првенства чии клубови собираат најмногу бодови во натпреварувањата на УЕФА, добиваат уште едно место во Лигата на шампионите за новата сезона.

Со пласманот на Фиорентина во полуфиналето на Конференциската лига, а Аталанта во полуфиналето на Лига Европа, Серија А и официјално го доби петтиот претставник во ЛШ за новата сезона. Покрај Фиорентина и Аталанта, Италијанците во завршницата на Лига Европа ќе ја имаат и Рома, која во италијанското четвртфинале го елиминираше Милан.

Иако нема претставник во полуфиналето на ЛШ (Баерн Минхен – Реал Мадрид, Борусија Дортмунд – ПСЖ), Италија секако успеа да обезбеди дополнително место во елитата.

Интересно е што може да се случи и Серија А да добие и шести претставник, што би било апсолутен рекорд. Ова може да се случи доколку Аталанта или Рома ја освојат Лига Европа и не завршат меѓу првите пет во првенството.

Покрај Италијанците, според моменталната ситуација дополнително место во ЛШ треба да добијат и Германците, во полуфиналето на Лигата на шампионите се Баерн и Борусија Дортмунд, а Баер Леверкузен во полуфиналето на Лига Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот