
Истрага против 17 полицајци за злоупотреба и прикривање на насилство во Германија
Полицијата во германската покраина Хесен, во соработка со Јавното обвинителство во Франкфурт, спроведе рација во полициските станици поради сомнение за злоупотреба на службена должност и прикривање на кривични дела.
Препорачано
Според германскиот весник „Билд“, истрагата е насочена против пет полицајки и дванаесет полицајци од Првата полициска станица во Франкфурт. Во рамките на акцијата биле претресени четири полициски станици и 21 стан.
Полицајците се осомничени дека повредиле четиринаесет лица за време или по нивното апсење, при што дел од нив наводно дозволиле или игнорирале насилство, а потоа не го пријавиле. Обвинителството наведува дека има видеа од безбедносни камери и камери на телото кои ги потврдуваат сомневањата.
На снимките, според медиумите, се гледаат тупаници, клоци во главата и туркања на приведените лица, меѓу кои има државјани на Германија, Алжир и Сирија. Едно лице било удрено со главата во врата, а друго турнато по скали. Пријавени се бројни повреди, вклучувајќи скршен нос и модринки на лицето.
Обвинителството веќе поднесе 22 обвиненија за физичко малтретирање и прикривање на докази против 17 полицајци. Дел од нив се обвинети и за лажно гонење на жртвите под изговор дека тие ги нападнале полицајците.
Регионалниот министер за внатрешни работи, Роман Посек, изјави дека случајот претставува „недозволива злоупотреба на службената положба“ и најави итни мерки.
„Против сите обвинети ќе бидат покренати дисциплински постапки, а во шест случаи веднаш ќе биде издадена официјална забрана поради особено сериозни обвиненија“, изјави Посек.
Тој додаде дека единицата ќе биде целосно реструктурирана, а началникот на станицата разрешен.