Историскиот македонизам е лага во која пропаѓа нашата иднина!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Нашите квазиисторичари не само што свесно ја извитоперуваа македонската историја, заменувајќи ги зборовите „Бугарин со Македонец“ во сите изворни сведоштва, туку не собраа морална одговорност кон вистината за да му објаснат на народот за „бугарскиот“ карактер на македонската револуционерна организација (ВМРО) и покрај нејзините заложби за „независна Македонија“.

На 3 март источните соседи Бугарите го чествуваа еден од најголемите национални празници во својата историја. Имено, по жестоката руско-турска војна во далечната 1878 година, во малото место Сан Стефано на брегот на Мраморното Море се потпишал добропознатиот и фамозен Санстефански договор со кој било уредено и потврдено создавањето на нова словенска балканска држава, благодарение на победата на официјалната руска армија во која се бореле Руси, Украинци, Финци и Молдавци за слободата на „братска словенска Бугарија“. Границите на новата држава зафаќале безмалку половина од територијата на Балканскиот Полуостров, заземајќи ги земјите од реките Дунав и Морава на север до Белото (Егејско) Море на југ, како и од Црното Море на исток до Охридското Езеро и албанските планини на запад, зафаќајќи површина од околу двесте илјади квадратни километри.

По само три месеци од официјализирањето на новата држава, во германската престолнина Берлин се одржал Берлинскиот конгрес, на кој со учеството на сите европски големи сили (вклучително и на Руската Империја) и сите балкански држави признаени и вцртани на меѓународната мапа, со исклучок на новата земја Бугарија, врз чиј територијален „грб“ се прекршиле најголем дел од територијалните ревизии и измени, се разбира, во негативен контекст.

Целокупноста на Санстефанска Бугарија била поделена на три основни дела: автономно кнежество Бугарија од Дунав на север до Стара Планина (Балкан) на југ, автономна област Источна Румелија (во тесни врски со Отоманската Империја) од Стара Планина до Родопите на југ и целокупната етногеографска Македонија која била одземена од составот на бугарската голема држава и вратена во претходните рамки на Отоманската Империја.

Само една има вистина?!

Денес многу историчари во Бугарија интелектуално спорат и дебатираат за историската ролја на Русија: дали свесно и намерно моќната царска руска дипломатија кон крајот на деветнаесеттиот век, жаргонски да се изразам, „ја пуштила низ вода“ Бугарија и бугарскиот народ, првенствено создавајќи голема бугарска држава, однапред знаејќи дека тоа нема да биде прифатено од великите европски сили, кои биле спротивставени на руските амбиции и сфери на интерес на Балканот и во овој дел од европскиот континент, па за само три месеци подоцна примирливо да го прифати ревизорскиот „извештај“ за своето дело – Санстефанска Бугарија, земајќи притоа територии на Кавказ од Отоманската Империја и територијално проширувајќи го руското империско царство со Бесарабија, компензирајќи ја на тој начин својата „попустливост“ во однос на границите на новото кнежество Бугарија? Вистината е таа. Од таа временска отсечка, историска одредница, каменот на сопнување е поставен, од кој се „сопнуваме“ еве веќе речиси век и половина во нашите македонско-бугарски односи.

Сите зла од руската „пандорина кутија“ излегоа на површина и од тој момент (Берлинскиот конгрес) сите идни бугарски влади, премиери, целата политичка елита и свита, па дури и царевите, беа водени од едната и единствена историска водилка во бугарскиот национален бит, суштественост и проектиран мит: обединување на „светата бугарска земја, најромантичниот дел од бугарската историја, Македонија“ во составот на кнежеството Бугарија. И од тука произлегоа сите бугарски воени порази во иднина, денес именувани како национални катастрофи во образовниот систем на источните соседи: двете балкански војни, Првата и Втората светска војна.

Од друга страна, пак, населението на Македонија било подложно на апетитна амбиција на соседните веќе ослободени држави Грција, Бугарија и Србија, кои преку етногеографската територија на Македонија гледале можност за територијално проширување. Србите за излез на море, по долината на реката Вардар, Грците за реализирање на „мегали идејата“, односно за проширување на грчката држава на север со сите Грци во неа и конечно на Бугарите за обединување на „етничките бугарски“ сè уште неослободени земји со матицата Бугарија. Во тој момент етничко шареноликото македонско население, поделено под пропагандите на духовенството на соседните цркви (моќната грчка патријаршија и бугарската егзархија), сè уште немало изградено посебна македонска национална свест, посебен етнички бит и најчесто се сметало за такво, сообразно кон која црква инклинирало (во селата и во градовите што биле под бугарската егзархија луѓето се сметале за Бугари, а кај голем дел од оние што биле под грчката патријаршија, и покрај тоа што биле Словени, преовладал грчкиот етнонационален карактер на себеспознавање).

По враќањето на Македонија во рамките на Отоманската Империја, едни од најголемите државници на современа Бугарија, премиерот Стефан Стамболов и министерот Константин Стоилов, го прават планот за создавање конспиративна, тајна, внатрешна, македонска револуционерна организација, која ќе има цел да создаде плодна почва за економско, духовно, културно, национално и социјално закрепнување на „бугарското“ население во Македонија. Така се роди македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година, од шесте македонски интелектуалци, првоначално под името „Бугаро-македоно-одрински-револуционерни-комитети“, за потоа низ сите свои варијации и модификации, по Првата светска војна, како феникс да се издигне наново од пепелта во нејзината тогашна варијанта ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација).

Предолго време бевме лажени и се самозалажува(в)ме!

Нашите квазиисторичари, во изминативе речиси осумдесет години државност, не само што свесно и карикатурално ја извитоперуваа македонската историја, просто така, заменувајќи ги зборовите „Бугарин со Македонец“ во сите изворни и автентични записни сведоштва, туку од заблуденост, би рекол и од простачка национална инфериорност, не собраа храброст, одважност, ниту морална одговорност кон вистината, да му објаснат на народот за „бугарскиот“ карактер на македонската револуционерна организација (ВМРО) и покрај нејзините заложбени идеали за „независна Македонија“. Тие овој лозунг го поистоветуваа со создавање посебен и самостоен македонски народ/политичка етнонација, со посебен стандардизиран и нормиран македонски литературен јазик, различен од бугарскиот. Да, ама не!

И независно Косово е лозунгот на сите албански револуционери, дејци, интелектуалци и терористи, ама никогаш под тоа не се разбирало создавање посебна косовска етнонација со посебен литературен косовски јазик, различни од албанското национално/културно/духовно поле. Напротив, сите обиди на Крсте Петков Мисирков, претходно и на Ѓорѓија Пулевски за создавање посебен македонски јазик, како основа за следната фаза – создавање посебна македонска етнонација, биле осуетени од првенците на ВМРО, сметајќи го тоа за ерес, бидејќи до еден, без исклучок, се сметале за етнички македонски Бугари, образовани и воспитувани во бугарските егзархиски основни и гимназиски училишта низ македонските поробени градови и села. И тука лежи основата на нашиот проблем.

Изградениот национален мит на сосема погрешни основи, на лаги и на конструкции од нашите историчари и на опсесивно-компулсивната национална нарација на Бугарите со темата „Македонија“ се изворот на сите наши денешни проблеми. И сè додека не сме спремни да ѝ погледнеме на историската вистина в очи, и од денешен ракурс и агол, со ладни глави и без емоции да ја прифатиме, ние ќе немаме ни за милиметар исчекор нанапред во нашите односи од тука па натаму за во иднина. И ќе страдаме пак најмногу ние, „братските македонски и бугарски народи“. А ќефови за тоа ќе тераат нашите ѓаволи во Белград и во Москва, за кои по оваа воено-злосторничка, агресорска, би си дозволил да кажам и нацистичко-монструозна „акција“ на московскиот Хитлер врз Украина, украинскиот народ и украинскиот територијален интегритет и суверенитет, а според реакциите на многубројни наши сограѓани, гледам дека и не ни се ѓаволи, напротив, како да сме „вљубени“ во нив. Не знам дали од толку маки и страданија сме оболеле од стокхолмскиот синдром и како жртви сме се вљубиле во џелатите, но едно знам: некој во изминатиов век и половина си игра со нашите животи, судбини и со нашите иднини како со кукла на конци. Без да го забележиме тоа, заслепени од лажната претстава за себеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот