Испонастинавме

Кај јавното здравство, гордоста на нацијата, сакано и почитувано, а со години занемарувано, работите се сериозни. Тешко е да се посочи каде е проблемот, па како што се сега работите, најдобро е да не се разболуваме.

Ја видов нашата докторка, целата возбудена го пречекав маж ми, уште на вратата, пред да го оставам да ги соблече чевлите, палтото, шалот и капата, да го остави ранецот и да отиде до бањата да си ги измие рацете и лицето, неговата редовна рутина при враќањето од работа пред гушкање и бакнување. Навистина? Беше на лекар, ме праша загрижено. Ама не, бев до Вимблдон вилиџ на кафе, па помина, со еден куп кеси и торби, очигледно била на шопинг и ги користи постновогодишните распродажби. Кои, рака на срце, оваа година не се ништо посебно, од 30 до 50 проценти. Еее, времето кога стигнуваа до 70% веќе на ден-два по Божиќ како да се минато… Туку дигресијата настрана, минато се и деновите кога беше возбудливо кога ќе видевме некој од славните и познати личности, па ги озборуваме дали „во живо“ се поинтересни, поубави, повисоки, пониски, повпечатливи, подотерани, попараспури или… „да не се свртиш двапати по неа“ или, уште подобро – „таков мајка веќе не раѓа“!

Каков Шон Пен, каков Мајкл Даглас, каква принцеза Ана, Џулија Робертс, Том Круз и Грејс Џонс, фино за Тјери Анри, Куртоа, Анелка и други фудбалери, плус еден куп тенисери и тенисерки (блазирана вимблдончанка сум, па тоа е)… и да не редам сега, животот во Лондон плус работата како новинарка плус љубопитност плус среќа да сте во вистинско време на вистинско место за резултат имаше средби и „виѓавања“ со познати (добро, и со помалку познати) личности. Ама животот во Лондон, без оглед на тоа што и како работите и колку сте љубопитни, а среќата и приватното здравствено осигурување настрана, последните години ќе ве доведе во ситуација средбата со вашиот матичен лекар или лекарка да биде вистинска реткост или настан за прикажување. Не случајно, на улица, туку во ординација, по потреба и „во живо“.

Чекај сега, држи го телефонот малку погоре, сврти го во лево, му давам инструкции на маж ми додека се обидувам да ја гледам мојата матична и да видам што и како гледа… ду ју си мај чест, докторке Блејк? Да, да, само приближете го малку да погледнам подобро… хмм, ми личи тоа на обична алергија, вели таа. Колку време сте со овој осип? Па, има веќе три недели, се обидувам да не се чешам ама имам и на рацете и на грбот, плус кивам, очите ми солзат и носот ми тече и не знам дали сум настината или алергосана, ѝ велам со самосожалувачки тон откако три недели не успевам да закажам преглед, а ги искористив сите народни лекови и мастите донесени „за не дај Боже“ од мојата главна татковина.

И не сум сама. Еден од четири пациенти во Обединетото Кралство на Велика Британија, а за Северна Ирска и да не зборуваме, не успева да види матичен лекар и се лекува со лекови купени „на своја рака“ од аптеки, велат наодите од неодамнешното истражување. Па, наместо во живо, среќни се оние што ќе можат да видат лекар на мобилен. Е, сега, ова не е решение за секого. Во ред е за алергија или за нешто што е очигледно. И за некој што има мобилен и интернет. Но за еден дел од повозрасната популација, кои едвај научиле да телефонираат со мобилни до ќерките, синовите, пријателите или за прва помош и за здравствени проблеми за кои или нема кој да ви држи мобилен или не е за држење мобилен, едноставно мора да се види(те) со лекар. Или, ако дојде ножот до коска, да одите на итна помош во болница, да платите приватен лекар или да го искористите приватното здравствено осигурување, како што го сторија 11 процени од Британците.

И сè ќе беше подобро да не беше полошо, односно моментно да не е во тек сезоната на грип, ковид (да, да, ковид) и, за да биде уште поинтересно – скарлатина. Се сеќавате на скарлатина? А здравствениот систем е на работ на имплозија, исцрпен од пандемијата, од брегзитот (дали тоа сите медицински сестри од Европа заминаа во Германија?) , од лошото менаџирање и од безидејноста на тековната влада. Дека не е сè во парите, може да се суди по сегашниот министер за здравство Стивен Бејкер, кој изјави дека и да му даде премиерот повеќе пари, нема да знае во што и како да ги вложи?! Дајте ни ги нам, (едно)гласни се преостанатите медицински сестри, браќа и другите здравствени работници кои штрајкуваат овој месец незадоволни од ниските плати и од понудата за зголемување од само два (2) проценти.

Кризата во здравството е различна од онаа во образованието и во транспортот, каде што исто така има проблеми и штрајкови. Лично, сметам дека штрајковите во транспортот се непотребни и се покажување мускули на синдикатите каде што не е неопходно, вработените тука се едни од најдобро платените и со одлични услови за работа. Образованието е посебен случај. Но, кај здравството, кај јавното здравство, гордоста на нацијата, сакано и почитувано, а со години занемарувано, работите се сериозни, зашто тука станува збор за живот и смрт. Тешко е да се посочи каде е проблемот – од системите на набавки, до матичните лекари, преку повиците за брза помош до приемите во итните оддели на болниците до слободните легла во болниците кои ги нема и домовите за грижа на стари лица, целиот систем бара целосна реконструкција.

И што сега? Како што се сега работите, најдобро да не се разболуваме, да не настинуваме, да не киваме, да не седиме на провев, да внимаваме како поминуваме улица, да пиеме витамини, да имаме залихи домашна ракија, да ставаме маски кога влегуваме во затворени простории. И да, извесни членови на семејството да ја усовршат вештината на држењето мобилен и попрофесионално да научат да снимаат делови од телото во медицински цели. А можеби ќе се најде и за други цели, никогаш не се знае.

Авторката е новинарка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот