Интервју со Владимир Мандичевски Манде, автор на книгата „Јас пратеник“: Не сум „нов“ во пишувањето, но за првпат објавувам книга

Владимир Мандичевски Манде, генерален продуцент на „Баги комуникации“ / Фотографија: Приватна архива

Многумина го познаваат Владимир Мандичевски Манде како страстен колекционер на музика, книги и филмови, иновативен и посветен културен менаџер и професионален продуцент на промотивни проекти, а неодамна сите ги изненади со својата прва книга „Јас пратеник“.

Амбиентот на храмот на совршениот звук „Аудиокултура“ беше одличен избор за промоција на првата книга на Владимир Мандичевски Манде со наслов „Јас пратеник“. Иако тоа беше настан со книжевен предзнак, каде промотор беше д-р Милан Јазбец, а фрагменти од книгата читаше актерот Рубенс Муратовски, сепак музичката точка на Бобан Мирковски и Гоце Димовски ја приближија публиката до професионалната преокупација на Манде.

Голем број негови пријатели, веројатно, го знаат од „Баги шоп“, некои од нив се сеќаваат дека Манде го донесе Џејмс Браун во Скопје, а најмногу го знаат како врвен професионален менаџер и генерален продуцент на „Баги комуникации“. Малкумина знаеја дека, сепак, тој се занимава и со пишување, а околу објавата на првата книга немало дилема „дали“, туку „кога“. Така се појави „Јас пратеник“ со главниот лик Ристе од Зимзирово, а со Владимир Мандичевски Манде разговаравме и за книгата и за сите негови професионални ангажмани во последниве 40-ина години.

Долго време Ве познаваме како музички продуцент и кога размислував за интервју, планирав тоа да биде за концертите што ги организирате. Но, ме изненадивте со објава на книга. Како и зошто воопшто дојдовте на идеја да пишувате книга?

– Книгата како медиум за изразување е нов за мене. Инаку, јас со години наназад пишувам. Ќе наведам само два примера: на Интернет имам блог за музика (www.musicalphabet.com), на кој има информации за повеќе од единаесет илјади музички албуми, најдобрите музички изданија од светската продукција, но и најдобрите македонски музички албуми. Блогот е релевантен извор на информации, има посетители буквално од целиот свет, со мене комуницираат музичари, продуценти, дизајнери. Во последните триесетина години, пак, пишувам дневник за она што го работам, случувањата во мојата професија, но и за оние во нашето општество, а често и за поважните настани во светски рамки. Дневникот го пишувам насекаде, дома, на патувањата, во авиони, хотели, ресторани, на тонски проби, пишуван е на салвети, влезници и најразлични видови хартија, до сега имам напишано повеќе од 700 страници. Еден ден, можеби, и дневникот ќе биде објавен во форма на книга.

Како што можете да забележите, не сум „нов“ во пишувањето, но за првпат објавувам книга. Како и другите форми на пишување и книгата е начин да кажете нешто, да коментирате, да отсликате нешто што сметате дека е важно. Така, всушност, настана книгата „Јас пратеник“.

Како и другите форми на пишување и книгата е начин да кажете нешто, да коментирате, да отсликате нешто што сметате дека е важно

Фиктивен лик Ристе од фиктивното место Зимзирово го минува процесот на станување пратеник. На почетокот на книгата е нагласено дека станува збор за измислени ликови, места и случувања, но колку суштински книгата е заснована на реалноста во државата?

– Ниеден од ликовите во книгата не е создаден врз основа на конкретна личност, туку врз основа на карактеристики на одредени групации, на оние на обичните, секојдневни луѓе, а особено на оние од политичката сцена. Тие групации постојат и опстојуваат во нашето општество, живеат и работат немајќи многу заеднички допирни точки, а сепак се зависни едни од други. Ликовите од книгата не се препознатливи само за нашето општество, туку со мали измени и за целиот балкански регион.

Приказната во книгата е сатира напишана на едноставен јазик. Сепак, колкав и каков ангажман претставуваше пишувањето на книгата?

– Јазикот во книгата е едноставен од две основни причини: прво, затоа што тоа е јазикот на главните ликови, како Ристе и луѓето од неговото семејство и потесно опкружување, а второ, книгата како сатира треба да се обрати на луѓе со различен културен и интелектуален потенцијал, какви што се и самите ликови од книгата. Но, едноставноста на јазикот често е и потешкотија во пишувањето, понекогаш е тешко да се објаснат комплицирани меѓучовечки однесувања и општествени состојби без користење на постоечки фрази и јазик карактеристичен за нив. За мене процесот на креирање на идејата за книгата, нејзината фабула и разработката на ликовите е најважниот дел од процесот, додека самото пишување е само техничка реализација. Но секако, создавањето на книгата во целост воопшто не е едноставно и тоа бара време и многу труд.

Промотор на книгата „Јас пратеник“ беше поранешниот словенечки амбасадор д-р Милан Јазбец

Предговорот за книгата го напиша д-р Милан Јазбец, поранешен словенечки амбасадор и голем пријател на Македонија. Од кога датира Вашата соработка со амбасадорот Јазбец и кои проекти се дел од соработката?

– Милан Јазбец го запознав на почетокот на неговата работа како амбасадор во Македонија и од тие први денови се покажаа нашите заеднички интереси за многу општествени теми, особено за оние од областа на културата. Нашата соработка се одвиваше во неколку различни области, како промоција на позитивните вредности на Македонија во Република Словенија, во областа на издаваштвото (Милан има напишано и издадено повеќе од осумдесет книги) и неговата поддршка на проекти од областа на културата.

Морам да наведам еден интересен детаљ поврзан со Милан. Во мојата, речиси, четири децениска работа во организација на настани, вклучувајќи и концерти, никогаш ниту еден новинар, член на медиуми, а не пак амбасадор или претставник на некоја институција, не ми се обратил со желба да види како изгледа организација на музичка турнеја или поголем фестивал. Токму Милан посака да го види тоа, дојде на една турнеја со мене и Влатко Стефановски низ Македонија, се возеше со нас со комбе, одеше на тонските проби и на концертите, седеше со нас до изутрина и спиеше во истите хотели. Драго ми е што Милан се нафати да го напише предговорот на книгата и да биде промотор на промоцијата.

Дали себеси некогаш би се замислиле како во насловот на книгата „Јас пратеник“?

– Во изминатите години сум имал понуди да се вклучам во политиката и тоа на релативно високи функции во политичката структура, но секогаш ги одбивав. Не се гледам себеси како дел од политичкото милје што функционира во нашето општество. Политичкиот ангажман на поединецот треба да подразбира негово дејствување во рамки на групација за добро на заедницата, а не само за лична корист или на припадниците на неговата групација. Јас не можам да прифатам таков начин на однесување и тоа е главната причина поради која сум останал надвор од политиката. Конкретно, не би можел да се видам себеси во насловот на книгата „Јас пратеник“, барем не, сѐ уште.

Промоцијата се одржа во амбиентот на „Аудиокултура“ во Тафталиџе

Тука се враќаме на почетокот и на Вашата работа како музички продуцент. Каква тежина носи дејноста на организирање концерти и други промотивни настани?

– Организацијата на настани (ивент менаџментот) е исклучително комплицирана, тешка и одговорна работа. Во сите форми на маркетинг и ПР постои можност за поправка, за подобрување на веќе направеното во текот на самиот процес. Во организацијата, една посериозна грешка на самиот настан може да упропасти повеќемесечна работа на планирање и подготовки. Дополнително, организацијата на настани носи одговорност кон учесниците (обезбедување на потребните услови за учество, грижа за зачувување и промовирање на нивниот личен и артистички интегритет), одговорност кон клиентот (испорачување на бараниот и ветен квалитет на услуга), одговорност кон публиката или посетителите (безбедносен аспект, испорачување на ветениот квалитет на програма) и почитување на сите законски и општествени начела. Организацијата на настани зависи и од услови и состојби врз кои не можете да имате директно влијание, како, на пример, временските услови. Со еден збор, организацијата на настани е комплексна, одговорна и често стресна професија. Но, тешко дека би ја заменил со која било друга професија.

Владимир Мандичевски Манде е менаџер на музичари и групи, како и продуцент на музички и ПР-настани / Фотографија: Приватна архива

Годинава со „Баги комуникации“ бележите 34 години дејност. Каква посветеност, ентузијазам и љубов се потребни за толку долго да се остане во дејноста?

– Триесет и четири години е долг период за која било професија, а особено за организацијата на настани. Љубовта е основата за воопшто да се занимавате со оваа професија, имајќи ја предвид нејзината тежина и стресност. Но, адреналинот за време на реализацијата и задоволството после успешно организиран настан се движечката сила. Без ентузијазам, во условите што владеат кај нас, оваа професија и не може, воопшто, да се обавува. Кога работам надвор, во средени инфраструктурни, технички и финансиски услови, ја гледам огромната разлика во процесот на работата. Дури тогаш може во целост да се согледа напорот кој ние го вложуваме во дадените услови, за да го постигнеме истиот резултат.

Посветеноста во оваа професија е неопходна за да се постигнат посакуваните резултати. Кога организирате настан, без оглед дали се работи за концерт, корпоративен или било каков друг вид настан, клиентот или уметникот во тој настан го вложува својот имиџ, бизнис, институционален или артистички идентитет. Бидејќи секој настан е јавен, било преку присутните посетители или гости, или преку промотивната и ПР-кампања, секој евентуален неуспешен настан, директно влијае врз имиџот на клиентот или артистот. Поради ова е неопходна целосна посветеност во работата, за да се елиминира било каква можност за грешка, која може да резултира со реализација на неуспешен настан.

Покрај продукцијата на настани, долго време бевте менаџер на групата „Синтезис“, а во последно време имате одлична соработка со Мухамед Ибрахими и Бобан Мирковски. Што ја прави разликата помеѓу продуцентската и менаџерската работа?

– Менаџерската работа подразбира грижа за севкупниот идентитет и кариера на артистот или уметникот. Ова се однесува на создавање концепт за неговиот уметнички или културен производ, концепт за неговиот јавен имиџ и општествена верификација на неговото творештво, обезбедување на неопходните финансии за неговата работа, како и грижа за неговите настапи (концерти, изложби, промоции).

Продуцентската работа е најчесто на одреден проект и грижа за успешна реализација на истиот. Продуцентот се грижи за обезбедување на финансиите и нивно правилно распоредување и користење, контрола на реализацијата на сите фази на проектот и односите со клиентот (артистот или уметникот). Во основа, двете професии имаат многу заеднички елементи, а за двете заедничка е потребата од висок степен на професионализам, искуство и посветеност.

Музиката во огромен дел имаше влијание врз моето формирање како личност / Фотографија: Приватна архива

Сеќавањата за првата средба со Вас ми се од „Баги шоп“ во „Мавровка“ пред многу години и со Вашата, речиси, фанатична посветеност на музиката. Колку музиката е основата на сѐ што досега сте направиле во животот?

– Музиката во огромен дел имаше влијание врз моето формирање како личност. Квалитетната музика во себе обединува елементи од другите уметности, како литературата и ликовното творештво. Кога како тинејџер слушав албуми што зборуваат за теми што не ги знаев, морав да откривам за што станува збор, па така ги запознав Толкин, Стајнбек, Орвел и Булгаков. Кога ќе земев корица на албум, која на себе имаше делови од уметничко дело, морав да дознаам кој е авторот, па така ги запознав Хиеронимус Бош, Пол Гоген, Винсент Ван Гог и Енди Ворхол. На тоа се надоврзаа и имиња од светот на филмот и телевизијата, кои соработуваа на албумите на познати музичари или беа инспирација за некое нивно дело, па така ги запознав Браќата Маркс и „Монти Пајтон“.

Дополнително, секој музички правец со себе носи одлики на времето и на географската локација во која е создаван, па не можеш да го следиш и да ја разбереш неговата филозофија и вредност без да се запознаеш со нив. Па, така, преку блуз и соул музиката ја дознаваш историјата на црните жители на Америка, или не можеш да ги слушаш „Клеш“ без да ги знаеш општествените услови во кои нивната музика е создавана. И така се градат „леери“ еден врз друг, едно сознание се надоврзува со друго, една информација се надополнува со друга, создавајќи голема слика за светот во кој живееме, слика која во таков обем не може да ја создаде ниедна друга уметност самостојно. Дополнително, музиката стана и дел од мојот професионален живот, ми овозможи познанства и соработка со огромен број креативни луѓе, како во Македонија така и ширум светот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 218, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот