Интервју со Томи Салковски: Гледаноста и интересот за добрите и за квалитетните македонски филмови секогаш се големи

Филмовите „Три дена во септември“ на режисерот Даријан Пејовски, „Љубовникот“, „Кобра“ и „Соба со пијано“ на Игор Иванов, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски, „Реквием за Госпоѓа Ј.“ на Бојан Вулетиќ беа дел од филмската понуда на Телма изминатите 20-ина дена, а зад сите нив стои продукцијата „Скопје филм студио“.

Изненадувачки интерес за македонската филмска продукција покажаа македонските телевизии во изминативе 20-ина денови на продолжени празнични викенди во карантин. Меѓу многубројните наслови можеа да се погледнат повеќе филмови во продукција и копродукција на „Скопје филм студио“. Токму затоа разговаравме со продуцентот Томи Салковски.

Требаше ли да се случи пандемија на коронавирус за да можеме да видиме македонски филмови на македонските телевизии? Зошто тоа не беше случај порано?

– Многу едноставно, немаше никаков интерес. Но сега, во оваа криза, треба сите да помогнеме според своите можности и квалитети. Со директорот на ТВ Телма договоривме да реализираме една специјална програма и за време на неколку последователни викенди да ги покажеме сите филмови во продукција и во копродукција на „Скопје филм студио“. Искрено сметам дека ТВ Телма е вистинското место за тоа, бидејќи оваа телевизија од своите почетоци имаше и сѐ уште има специјален однос кон филмот и филмската уметност.

Филмовите веќе имале своја премиера и фестивалски проекции. Што значи прикажувањето на филмот на телевизија за продуцентите и за филмската екипа?

– Филмот е наменет за публика и секоја проекција е важна за целата екипа што учествувала во неговата реализација, особено за актерите, режисерот и продуцентот. Некои од филмовите се направени главно за фестивалско и за киноприкажување, но природно и правилно е секогаш филмот да го заврши своето патување на ТВ-екраните. Телевизиската премиера за екипата на филмот може да биде еднакво стресна како и кинопремиерата, бидејќи телевизијата како медиум има далеку поголема публика и е влезена во секој дом.

Томи Салковски со Даријан Пејовски на снимањето на „Три дена во септември“ (Фотографија: Скопје филм студио)

Колку филмски проекти на „Скопје филм студио“ беа прикажани пред ТВ-аудиториумот овие денови?

– Десетина долгометражни и исто толку краткометражни, играни и документарни филмови се прикажуваат на ТВ Телма во овој период. Досега имавме три викенда посветени на македонскиот филм, а се надевам дека ќе можеме да уживаме уште толку. Посебно се радувам што успеавме да обезбедиме можност за емитување и на краткометражните филмови, кои во Македонија не можат да го најдат своето место ниту во киносалите ниту на ТВ-екраните. Очекувам овој тренд да продолжи и понатаму, бидејќи резултатите се видливи. Гледаноста и интересот за добрите и за квалитетните македонски филмови секогаш се големи, а со тоа се надевам дека и ТВ-станиците ќе го остварат својот бенефит.

Томи Салковски со Игор Иванов и Драган Салковски на снимањето на краткиот филм „Љубовникот“ (Фотографија: Скопје филм студио)

Во овој период е тешко да се предвиди како ќе се развива ситуацијата, но пред нас се денови што се најпогодни за снимање нови филмски продукции. Агенцијата за филм им дава поддршка на филмските продуценти, но колку ќе биде можно годинава да се реализираат нови проекти? Правите ли продукциски планови?

– Моменталната ситуација е навистина многу неизвесна. За сите нас оваа состојба е тотално непозната и нова. Уште на самиот почеток на кризата сите продукции беа приморани да ги затворат своите канцеларии и да се обидат да работат од дома. Во регионот филмските институции почнаа да изготвуваат правилници за работа за периодот кој следи, за потоа да констатираат дека тие се контрадикторни сами по себе. Филмската екипа има сложен механизам на функционирање, сличен на часовникот, па затоа е невозможно во процесот на продукција да се почитуваат мерките од СЗО за дистанца од два метра, како и носење маски.

Пред почетокот на кризата со Игор Иванов-Изи го завршивме филмот „Хомо“, за кој беше планирана промоција на еден од светските фестивали. Во изминатиов период со Даријан Пејовски го подготвувавме играниот филм со наслов „Мими“, кој е планиран да почне со снимање во септември. Но, сега никој ништо не може да знае што ќе се случува ниту во блиска иднина. Сведоци сме дека повеќето холивудски студија ги откажаа сите снимања закажани за 2020 година. Кино салите се заклучени. Канскиот филмски фестивал се откажа, а по него и Локарно и Карлови Вари. Останува само да сме позитивни и, како што велиме ние, да работиме на „ладни подготовки“ на филмот со минимални трошоци.

Тука би сакал да потенцирам дека за нас, филмските работници, најважно е Агенцијата за филм да го продолжи финансирањето на филмовите и филмските проекти според актуелните конкурси, без никакви откажувања. Доколку не сме многу внимателни, се плашам дека корона-кризава може да ѝ зададе тежок удар на и онака кревката македонска филмска продукција.

Сет за снимањето на првата сезона на „Сенки над Балканот“ (Фотографија: Скопје филм студио)

Како македонски копродуцент „Скопје филм студио“ учествува во продукцијата на еден од најголемите телевизиски проекти во регионот – „Сенки над Балканот“. Какви би биле идните планови во однос на други вакви проекти?

– Сметам дека иднината на филмот е на телевизијата и ВоД (VoD) платформите, како Нетфликс, Амазон, ХБО и други. За жал, за разлика од целиот регион, кај нас телевизиите не најдоа интерес да продуцираат ТВ-серии. Како за илустрација, минатата година во Србија се продуцираа 30-ина серии за потребите на нивните ТВ-канали.

Нашата држава е позната во регионот и пошироко по најголем број телевизиски станици, мерено по различни критериуми. Големата конкуренција, малиот пазар, а можеби и менталитетот на нашиот народ, ги наведоа ТВ-станиците да го стават својот фокус на пренесување дневнополитички настани. Останатите термини ги пополнуваат со секаков шунд што доаѓа вообичаено од регионот, а за сопствена продукција не се ни размислува.

Агенцијата за филм на РС Македонија направи сериозен исчекор што почна да кофинансира и ТВ-серии кои имаат креативно комерцијален потенцијал. Но, за жал, кај нас можноста за финансирање вакви проекти тука завршува.

Затоа македонските продуценти што сакаат да работат на ТВ-контент, се одлучуваат да работат како сервис на некои од регионалните серијали преку нудење локации и услови за снимање или се приморани да работат во широки копродукции со преземање на дел од креативно-техничките процеси. Во моментов „Скопје филм студио“ со своите меѓународни партнери работи на два серијала, за кои сметам дека имаат голем интернационален потенцијал. Но за тоа ќе зборуваме во некоја друга пригода.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 30, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 9-10 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот