ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАН БОГОЕВ: Ќе спроведеме маалски референдум за проблемите со паркинзите – Слободен печат
ВестиСкопје

ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАН БОГОЕВ: Ќе спроведеме маалски референдум за проблемите со паркинзите

Општината планира да вработи и комунални инспектори кои ќе се грижат за тоа нивото на хигиената да се подобри.

За финансиските проблеми на општина Карпош, најавената изградба на адреналински парк, за проблемите со паркирањето, со хигиената и со улиците низ Карпош, разговаравме со градоначалникот Стефан Богоев. Во интервју за порталот „Слободен печат“, Богоев открива и кои се идните проекти што се планираат во општината.

Ја презедовте општина Карпош со долг од неколку милиони евра. Каква е сега финансиската состојба на општината?

– Општината кога ја затекнав должеше околу 18 милиони евра. Со финансиска помош од Владата скративме еден значителен дел од долгот на општината. Она што дополнително го направивме е што почнавме сериозно домаќински да работиме, односно продадовме три возила коишто беа непотребни, а беа во возниот парк на општината, едно од нив прилично луксузно, „ауди ку 7“ џип. За сметка на тие, набавивме ново возило кое користи за потребите на општината.

Се скрати бројот на вработени, а вработените коишто си работеле вредно, чесно и квалитетно, без оглед на етничка припадност или политичка определба, си останаа нормално да си работат. Имаше и луѓе коишто биле политички и партиски вработени, а кои притоа не работеле, тука скративме сериозна бројка, можеби стотина луѓе се скратија во тој дел и се осврнавме само на ефикасност и ефективност на администрацијата и оптимизирање на трошоците.

Она што целосно го скративме се прославите за денот на општината, прослави за различни патронати каде што се трошеле многу пари на кетеринг, на јадење, на пиење, се трошеле многу пари само на еден спортски клуб кој добивал огромна сума за сметка на сите останати, така што со целата оптиматизација некако успеавме понормално, ќе кажам, да функционираме. Велам понормално, затоа што се уште има сериозни потешкотии во делот на финансиското работење. Во меѓувреме, не можете да им кажете на граѓаните дека сега е задолжена општината и јас нема да работам ништо. Затоа се осврнавме на она што се баш приоритети на граѓаните, но имаме и сериозен тим што работи на проекти и аплицира за да добиеме грантови, да добиеме пари од меѓународни институции. Веќе добивме на неколку места, очекуваме во нареден период повеќе, се со цел за нормално и тековно да се одвиваат работите во општината.

Во врска со изградбата на Адреналинскиот парк, најавено беше дека ќе започне да се гради во мај. Како оди тој процес?

– Пред близу две недели, во тек на изборниот процес го потпишав финалниот договор со Светска банка и со канцеларијата на вицепремиерот преку којшто оди проектот. Договорот за изградба на Адреналинскиот парк во моментов се финишира со административно-техничките работи, а треба да се отвори посебна наменска сметка, да се распишат тендерите и слично. Верувам дека во текот на летото ќе почне да се поставува паркот имајќи предвид дека и самиот проект е ограничен со рокови, односно треба до одреден период да биде целосно завршен и да се пушти во употреба. Имајќи предвид дека не се работи за некоја градба, тоа е поставување урбана опрема, реквизити, детски игралишта, нови скверови, многу повеќе зеленило, практично целиот простор кај вештачката карпа којшто сега е на некој начин депонија се оплеменува, така што имајќи предвид какви зафати ќе има, мислам дека ќе оди брзо и дека многу скоро граѓаните на Карпош и граѓаните на Скопје и на државата, ќе имаат едно уникатно катче какво што досега немало во државата, кое ќе го користат за дружење, рекреација и дополнително зеленило што ќе придонесе во борбата за чист воздух и здрава животна средина.

Тој рок до кога е, до кога може да се очекува да биде готов паркот?

– Мислам дека, имајќи ги предвид и временските услови, генерално би требало до крајот на годината да биде завршен, но сепак во договорот постојат и одредени можности за отстапки поради временските прилики или неприлики. Знаете како е, градежната сезона е сега, меѓутоа таа може да запре во октомври, но може да трае и до декември, се зависи од временските услови. Секако летово ќе се отпочне, верувам дека ќе не послужи и времето за да можеме побрзо да завршиме.

Многу од жителите реагираат, посебно за паркинзите во Карпош 1, дека граѓаните што не можат да се паркираат во општина Центар, каде што се наплаќа, ги преполнуваат паркинзите во Карпош 1. Дали сте размислите како да го решите тој проблем?

– Запознаен сум целосно со проблемот. Мојот став и во предизборието и сега е дека паркингот треба да биде бесплатен во Карпош, меѓутоа, од друга страна, не секогаш градоначалникот е 100 проценти во право. До мене стигнаа повеќе од 300 потписи од 300 станари, значи зборуваме за 300 станбени единици кои кога ќе ги помножиме со бројот на жители што живеат во тие станови, можеби ќе дојдеме до илјада луѓе, коишто бараат да се воведе некакво регулирано паркирање. Дали ќе биде тоа со резиденцијални налепници, дали тоа ќе биде зонски паркинг којшто ќе биде бесплатен и многу поволен за граѓаните – тоа не е дефинирано, меѓутоа сепак, големиот број потписи и барања од граѓаните ме става мене во позиција да ја разгледам јас мојата почетна позиција, односно, да ја променам мојата позиција за бесплатно паркирање.

Во летниот период ние сме спремни да направиме нешто што досега не било направено, а тоа е маалски референдум, односно изјаснување на ниво на населба, на ниво на урбана заедница. Досега имало референдумски изјаснувања на ниво на општини, проблемот со ГТЦ во Општина Центар пред неколку години, изјаснувањето за рудниците во јужниот дел на државата, но ова би било баш на микро ниво, маалско или изјаснување на населено место, каде што граѓаните ќе се изјаснат дали се согласуваат вака да се регулира паркингот под тие услови или вака да биде паркингот под тие услови. Практично таа е тема која може да предизвика одредени финансиски импликации, затоа треба граѓаните да се изјаснат и да си го кажат својот став без притоа јас како општина и градоначалник да се мешам со службите, напротив, нашата цел би била во такво сценарио целосно да оставиме и да обезбедиме демократски процес за граѓаните сами да си одлучат. Што ќе одлучат мнозинството граѓани тоа ќе се почитува, меѓутоа секако проактивно настапуваме во делот со проблемот со паркирање. По мене, не сметам дека е во ред да се узурпираат зелени површини за изградба на нови паркинзи.

Улиците кај училиштата „Јан Амос Коменски“, НОВА и „Јахја Кемал“ се преполни со автомобили што претставува опасност за децата. Дали планирате да преземете нешто во врска со овој проблем?

Во делот Тафталиџе 1, кај училиштата „Јан Амос Коменски“, и НОВА основното и средното, „Јахја Кемал“ основното и средното, погоре е малку и градинката „Мајски цвет“ се создава навистина голема гужва, бидејќи има четири институции коишто се наоѓаат на многу мал простор. Тука ние, го поминавме веќе и на Совет, поминат е и низ институции, во моментов е во фаза на имплементација проектот за еднонасочен сообраќај на улицата „Прашка“. Таа е една од најпроблематичните сообраќајници бидејќи е преоптеретена и од новите градби, коишто се случија во минатото, но и од гимназијата и основното училиште НОВА. Таму со донација на НОВА се направи еднонасочен систем на сообраќај, се воведе Зона 30, каде е дозволено максимум 30 км на час да се вози и се поставува нова хоризонтална и вертикална сигнализација и нови лежечки полицајци.

Во финална фаза ни е, во органите на Град Скопје и во полицијата, проектот за обезбедување со лежечки полицајци и на забавувачи на брзина на улицата „Варшавска“, таа е улицата пред „Јан Амос Коменски“ училиштето и пред градинката „Мајски цвет“ и верувам дека на тој начин посериозно ќе се обезбеди целиот тој дел, додека за „Јахја Кемал“ училиштето, кое е на улица „Лондонска“, тоа е градска сообраќајница. Градот Скопје неодамна ја реконструираше целосно улицата, остана бележењето на вертикална и хоризонтална сообраќајница и обезбедување на целиот тој дел, за што сум информиран дека Градот Скопје ќе го спроведе во наредниве месец до два, така што верувам дека на тој начин, целиот тој дел околу овие три училишта и една градинка ќе биде многу сериозно обезбеден со цел нормално движење на учениците и на пешаците. Но, ја користам приликата и да апелирам до родителите, секој носи одговорност, родителот може да се потруди малку повеќе да паркира малку подоле и детето да си го однесе во градинка или училиште. Најчесто граѓаните сакаат пред самиот влез да застанат и тука се создава целата гужва.

Многу од граѓаните се бунат за хигиената во Карпош. Имавме информации дека многу од контејнерите се преполни и дека недоволно често се празнат. Дали имате некој план како да ја подобрите хигиената?

– Важно е граѓаните да знаат какви се надлежностите во делот на подигање на комуналниот отпад, тоа се контејнери и канти за ѓубре. Задолженија по закон си има „Комунална хигиена“, јавното претпријатие на Град Скопје. Од друга страна, како што споменав, ние продадовме неколку луксузни возила за да купиме камион за собирање шут и за смет. Скративме во администрација сериозно, но вработивме 25 хигиеничари кои се грижат за хигиената во општината, воведовме и дежурства во недела, а саботата ја направивме работен ден за хигиеничарите и службите што чистат. Инспекциите ни се почесто на терен, правиме и големи акции, направивме и една голема еко акција со волонтери и ни се приклучија многу граѓани, фирми и институции.

Ја исчистивме децениската депонија покрај кејот на Вардар, продолжуваме и со другите депонии кои се таложени 20, 30, 40 години на кејот на Вардар, но она што е битно да се каже е дека во летниот период планираме да набавиме, се надевам дека процедурата ќе ја завршиме во летниот период за од есен веќе да ја имаме, и цистерна за миење на улиците што општината никогаш ја немала, но и веќе работиме и сме во финална фаза за промена на систематизацијата во општината. Со тоа во летниот период ќе добиеме двајца нови комунални инспектори.

Сакам да апелирам до јавноста во оваа прилика, комуналните инспектори пишуваат посериозни казни и санкции отколку комуналните редари коишто интензивно работат во моментов. Наше е преку тие комунални инспектори да воведеме ред. Не може ние толку да чистиме колку што можат несовесните компании и граѓани да направат шут и смет. Секој треба да тргне од себе. Таму каде што нема да проработи свеста, тука се инспекциските служби. Но целта не ни е да го тероризираме населението со овие двајца комунални инспектори и нов градежен инспектор што ќе го добиеме летово, туку напротив, уште сега ја користам приликата да предупредам дека тие инспектори ќе бидат дежурни и во попладневните часови и за викендите и нема да имаат пардон за казнување и за несовесни граѓани и за несовесни компании. Да не биде потоа дека не сме спомнале, не ни е целта да казнуваме, целта ни е да ги опомениме граѓаните уште сега да внимаваат и да се грижат за својата животна средина бидејќи тоа е нивна животна средина.

Кога ќе отидеме во Виена, во Љубљана, во Берлин или во Лондон, сите знаеме каква е ситуацијата таму, но и сите знаеме дека граѓаните таму не фрлаат ѓубре и знаеме дека казните таму се многу сериозни за таква работа. Целта ако ни е на сите, не да одиме во Европа, туку Европа да ја донесеме тука, мора да тргнеме од себе. 

Кои се вашите идни проекти за општина Карпош? Што ви претстои?

– Адреналинскиот парк го спомнав. Адреналинскиот парк е прва фаза од големиот парк којшто треба да биде финален.  Исто така, од Министерството за труд и социјална политика добивме грант за надградба на капацитетите на две градинки, тоа ќе биде градинката во Карпош 1 „Распеана младост“ и градинката во Карпош 3 „Орце Николов“. Летово ќе работиме на реконструкција на повеќе школи и градинки, сега го утврдуваме приоритетот како ќе одат за да се вклопат во средствата. Најверојатно една од градинките што прва ќе се реконструира ќе биде „Мајски цвет“ во урбаната заедница „Владо Таевски“, на улица „Римска“. Ќе ја отвориме свечено првата градинка којашто е изградена од темел во Бардовци, градинката ќе се вика „Јасмин“, таа ќе се отвара многу скоро. Она што добивме грант и од УСАИД, тоа се пари за целосна реконструкција на тоалетите во ОУ „Аврам Писевски“, така што училиштата и градинките ќе бидат сериозно реконструирани. Летниот период тековно продолжува асфалтирање на улици, нови тротоари, нови патеки, поставување нови детски игралишта, ќе се прави детски парк во населбата Криви Дол за првпат. Таму може 20 години ниедно сериозно разубавување не е направено и еден детски парк со содржини и со лулашки ќе се прави и во Нерези. „Паркови зеленило“ уредува неколку зелени скверови на територијата на општината, кај булеварот „8 Септември“, кај Драмски театар, а ќе почне сега и на улицата „Волгоградска“, спроти Сити мол.

Доколку ме прашувате што би издвоил, дефинитивно, покрај сите работи што ги правиме и сите работи што планираме да ги правиме, тендерите распишани или проектите во фаза на изработка или на апликација, покрај се друго јас лично нема да се смирам и нема да бидам задоволен се додека не ја завршиме приказната со спортскиот центар „Партизан“. Тоа лично на мене и лично на голем број карпошани, коишто растеле во тој спортско рекреативен објект, им значи. Ние имаме веќе и еден тим со странски архитекти коишто волонтираат, го прават идејното решение кое наскоро ќе биде готово, но секако ја чекаме Владата да го реши спорот и да ни го предаде во владение спортско-рекреативниот центар „Партизан“, бидејќи симболиката е таа. Граѓаните мислеа дека смислено се запушта за да се сруши и да се изградат стамбени згради, но ние сакаме да им го покажеме токму спротивното, дека ќе направиме се што е во наша можност, се што е во наша моќ и сила за тој објект да се задржи автентичен и да биде расадник на нови спортски кадри и да биде симбол на здравото живеење во општина Карпош, нешто по што општината, да речеме, долги, долги години била популарна и била позната. Така што имаме голем број проекти што се работат, но ако треба да издвојам, картичката „Мој Карпош“ ми е навистина гордост, Адреналинскиот парк исто така, но нема да се смирам додека не успееме „Партизан“ да го завршиме.

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close