Интервју со Секси Марса, хип-хоп артист: Треба да го адаптираме светот спрема нас, а не ние спрема него

Филип Самарџиев, под псевдонимот Секси Марса, Фото: Tone Bandits, приватна архива

Секси Марса е несомнено еден посебен тестамент на автентичност и личност што сама по себе постои како движечка референца. При средба со неговото дело со леснотија се приспособуваме на палимпсестниот дух на неговите зборови, односно севкупноста на неговата мисла.

Филип Самарџиев (29), познат под псевдонимот Секси Марса, се претставува како тафталиџанец, паркобран и „фиљантроп“. На македонската хип-хоп сцена е активен од 2018, а во 2019 година го објави EP-изданието „Marsupilami“. „МАR5“ е неговиот втор официјален проект.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Ox Gallery (@oxgallery)

Што го инспирираше издавањето на синглот „Pavlina“ и последователниот проект „MАR5“?

– „Pavlina“ за мене е многу драга песна, љубовна и романтична донекаде, за која целта ми беше да биде наменета за девојка, но има и скриена порака. „Pavlina“ е мојот ,,Candy Shop“. („Candy Shop“ е песна на раперот 50-сент, која до 2015 имаше статус на најдвосмислена песна, н.з.). Албумот е буквално случувањата од моето секојдневие. Обележје на мојот живот пост короната. Целта ми беше да има диверзитет и мислам дека успеавме да го доловиме тоа. Сакав да дадам сѐ од себе, да пробам со различни пристапи, на различни битови.

Фото: Стефан Рајхл

Неколку од песните на проектот се направени со соработници. Дали тие се создаваа во симбиоза? Како ја направи селекција на гости?

– „Boomer“ е една од песните каде што гостуваат „Poppers 69“. Имав концепт дека сакам да направам песна од призмата на бумерот и „Poppers 69“ иако се миленици на една генерација, тие се најголемите бумери што ги познавам. И самиот процес на креација беше со симбиоза и координирање на темата „бумер“. Другите две гостувања се Жак или Петар што е и продуцент на целиот проект и Нако, младата рап-легенда од Карпош 1. Идејата зошто беа поканети е зашто се млади, свежи, лично ми се допаѓаат многу и беа неочекувани гости на мојот проект.

Колку си присутен во апсолутот на сопствените дела? Кој е одговорен за продукцијата и визуелниот јазик на албумот?

– Сеприсутен сум бидејќи сум дел од самиот зачеток, од никулецот на идејата. Се разбира не сум сам, никогаш во ниеден случај, меѓутоа се трудам својата мисла и насока да ги вклучам во сите елементи од процесот. Одговорен за комплетна музичка продукција на овој проект е Петар Трпески или „5R“, затоа и се вика албумот „MАR5“, што е кованица, симбиоза или сплет од нас двајцата. За визуелниот дел се погрижија Илија и Моника од „Cherry Cannon Studio“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sexy Marsa (@sexymarsa)

„Taftanistan“,„Slatanist“, „Marsturbiraj“ уште од насловот најавуваат двојно, твојно, многубројно значење. Дали сметаш дека за твојата музика и нејзините референции е потребна „паметна публика“?

– Мислам дека би било арогантно да кажам дека треба да е некој олку или толку паметен или образован за да ја слуша мојата музика. Целта на тоа што го создавам е да влезе во уво, некој да се запраша, да истражи, да изгугла, да осознае нешто ново – се надевам.

Твоите зборови/стихови се движат на линијата помеѓу искуства на една генерација и интимни моменти? Кој е ризикот со ваков рап? Дали се затвора пристапот до публиката од самиот старт?

– Не мислам дека се затвора пристапот спрема публиката затоа што мојот став е дека треба да се држиме до тоа што суштински сакаме да го правиме и да го адаптираме светот спрема тоа наместо да се адаптираме спрема светот.

Лингвистичкиот аспект во твоите песни е многу изразен. Која е врската меѓу ономатопејата и стихот?

– Сѐ што правам, не го правам намерно. Спонтано ми доаѓа да имам еден тип референции или одреден пристап кон дадена тема. Нема некоја тајна вештина или скриено оружје. Едноставно таков ми е стилот.

Фото: приватна архива

Каков беше процесот на градење рап-персона? Во кој контекст постои Секси Марса во светот?

– Нема некоја тајна што можам да ти ја кажам околу ова, инволвиран бев во музика и музички настани претходно. Пред сè, фан сум на музика, на хип-хоп и рап. Мојата активност на музичкото поле доведе до тоа да се запознаам со правите луѓе што само ме подбутнаа од карпата, со цел да ги раширам креативните крила.

Која е Павлина?

– Моја омилена стрина.

Фото: Tone Bandits

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот