Интервју со проф. Зорица Блажевска: Архитектурата отсекогаш претставувала копнеж по убавото и корисното

Мишко Ралев и Зорица Блажевска / Фотографија: Асоцијација на архитекти на Македонија

Добитничка на престижната награда „Андреја Дамјанов“ за животно дело од областа на архитектурата и градителството за 2022 година е архитектот и професор Зорица Блажевска.

Асоцијацијата на архитектите на Македонија ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело за 2022 година на професорката и архитект Зорица Блажевска. Покрај оддавањето почит на патронот на наградата, чинот на врачување на признанието беше одлична можност да се запознаеме со професионалната, педагошка и научноистражувачка дејност на нејзината добитничка, Зорица Блажевска.

Какво лично чувство носи добивањето на оваа престижна архитектонска награда?

– Добивањето на наградата „Андреја Дамјанов“ кај мене предизвикува длабоки лични чувства: чувство на исполнетост, самореализација, чувство на самопочит, гордост и задоволство од начинот на кој го поминував мојот творечки пат. Наградата ја прифаќам како признание од архитектонската фела за мојата посветеност, како во професионалната дејност, исто така и во мојата академска работа.

Наградата „Андреја Дамјанов“ ја прифаќам како признание од архитектонската фела за мојата посветеност, како во професионалната дејност, исто така и во мојата академска работа

Кое е значењето на патронот на наградата, Андреја Дамјанов? Со какво наследство тој ги задолжи македонската архитектура и архитекти?

– Андреја Дамјанов (1813-1878, с. Папрадиште), е еден од најголемите архитекти и градители на Балканот, прото-мајстор на 19 век. Материјалното и духовното културно наследство на просторите на Македонија е поврзано со изградбата на десетина градски и манастирски цркви. Најзначајна градска црква е „Св. Пантелејмон“ во Велес, изградена на стрмен ридест терен, а од манастирските цркви, црквата во комплексот „Св. Јоаким Осоговски“. Талентот од Бога и искуството стекнато со работата во тајфите на неговиот татко Дамјан, ќе му овозможат да проектира цркви со оригинални, раскошни планови, најчесто трикорабни, инспирирани од византиските просторни концепти, внесувајќи и личен печат. Андреја Дамјанов не бил само архитект, туку и мајстор градител, кој вештините на градењето ги учел изворно од македонската традиционална архитектура.

Делата на Андреја Дамјанов, најголемиот архитект и градител од преродбенскиот период, остануваат во трајно архитектонско и духовно наследство на Македонија. Преземањето на неговото име за патрон на наградата за животно дело во областа на архитектурата претставува симболично оддавање почит кон неговото непроценливо богато материјално и духовно творештво. А архитектите треба добро да се загледаат во длабочините на неговото уметничко и градителско промислување на градбите, како вечна инспирација за професионално дејствување во иднина.

Се сеќавате ли на Вашите лични причини да ја донесете одлуката целиот свој живот да го посветите на архитектурата?

– Родена сум во Карадак Маало (Скопје, н.з.) и детството го поминав по сокаците и по дворовите на маалските куќи. Се одушевував од разноликоста на куќите, нивните скришни места и играта на куќите (полното и дворовите / празното). Кога го завршив осмото одделение сите врсници стоевме пред дилемата каде да го продолжиме образованието. На таа возраст, архитектурата ја разбирав како занает на градење куќи, што лично ми претставуваше предизвик. Со одличниот успех и положениот приемен испит, се запишав во ГУЦ „Здравко Цветковски“, отсек високоградба, како единствена ученичка од моето одделение. Наскоро, по неполн месец, се случи катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. Голем дел од куќите во маалото, меѓу кои и нашата, беа речиси целосно срушени. Сликата на мојот роден град беше тажна. Желбата да учествувам во градењето куќи и во обновата на Скопје, сега доби во интензитет. Училиштето го завршив како првенец на генерацијата и се запишав на Техничкиот факултет во Скопје, отсек архитектура. Така тргнав на патот на учење на архитектурата.

Архитект Зорица Блажевска беше долгогодишна соработничка на професорот Георги Константиновски

Голем дел од професионалниот живот го поминавте во соработка со големиот архитект Георги Константиновски. Кои се Вашите искуства од работата со него?

– Првата средба и контакти со проф. Георги Константиновски, всушност, почнуваат од моите студентски денови. Во трета година на студии го слушавме предметот Проектирање на станбени и угостителски објекти кај проф. Јован Ранковиќ, извонреден педагог и реномиран архитект, дојден од Белград, а проф. Константиновски работеше со нас студентите во совладувањето на студентските проектни задачи. Со реализираната антологиска градба на Историскиот архив на Град Скопје, монументална скулптурална конструкција, и стекнатата диплома магистер по архитектура на Јелскиот универзитет во САД, беше веќе афирмиран архитект и извонредно популарен меѓу студентите.

Проф. Георги Константиновски како неуморен работник и вљубеник во архитектурата основа архитектонско ателје „Андерграунд“, во кое имаа пристап сите студенти што сакаа да учат архитектура низ работа. Меѓу многуте студенти бев и јас, но на крајот само четворица од нас имавме среќа и привилегија да продолжиме како млади соработници на професорот. Непосредното учество во изработката на низа архитектонски проекти, од првите скици и модели за конкретни локациски услови и програмски барања до донесување креативни и рационални одлуки, како и разработка на проектот до ниво за реализација, значеше големо и вредно искуство за моето натамошно професионално дејствување.

Во Вашата работа се истакнуваат три сегменти – проектантска, педагошка и научноистражувачка. Дали би можеле да повлечеме резултанта на сите дејности и што би била таа?

– Мојата професионална кариера се одвиваше на пресекот на мојата педагошка, научноистражувачка и стручно-уметничка дејност. Овие дејности се испреплетени и не можат да бидат продуктивни, ако искуствата од која било од овие области не ја потхранува едната или другите две. Мојата професионална кариера формално започна со моето дипломирање во 1973 г., педагошката дејност со моето вработување како асистент во Институтот за архитектонско проектирање во 1974 г., а мојата научноистражувачка работа со запишувањето на последипломските студии на Архитектонскиот факултет, 1977 година. Основните цели на предметите што ги предавав се однесуваа на развивање особен интерес и чувствителност за егзистенцијалниот простор, како медиум на човековото суштествување, знаења за формите на домување и станбената типологија, како и примена на теоретските знаења во процесот на проектирање.

Во фокусот на мојот научноистражувачки интерес е домувањето и згрижувањето на највулнерабилната категорија од популацијата, лицата во третата доба. Подрачјето на овој интерес, што претставува и основна тема на мојата докторска дисертација, кореспондираше со актуелните демографски предизвици, карактеристични за македонското општество во седумдесеттите и осумдесеттите години на 20 век. Зголемувањето на мојот аналитички и критички интерес за оваа тема ќе резултира во изработка на повеќе идејни и конкурсни проекти и реализација на Домот за нега „Сју Рајдер“ во Ѓорче Петров, како и првонаградениот студентски проект „Реквалификација и редизајн на Домот ’Јане Сандански‘ во Скопје“, работен за меѓународниот конкурс „Архитектура на трета доба“, AEEA AG2. Овој проект, кој под мое менторство го изработија студентите Ана Ѓуреска, Димитар Крстески, Калина Доневска и Љупчо Сачкаровски, го доживувам како најголема награда за мојата наставно-педагошка работа. На крајот, резултантата од сите три дејности што ја карактеризираат мојата личност е архитектонска продукција на повеќе од 100 проекти, околу 15 реализации и искрена посветеност на педагошката дејност и научноистражувачката работа.

Врачувањето на наградата беше проследено со изложба на архитектонски проекти на Зорица Блажевска во галеријата на МАНУ

Голем дел од Вашето творештво е посветено на архитектурата на домувањето, со особен фокус на архитектурата за третата животна доба. Кои се спецификите на овој тип проекти?

– Животот во третата доба ја наметнува потребата за организирана грижа за старите лица, што особено стана актуелна откако значајно се променија условите во кои живее човекот, а се во директна врска со општествено-политичките, демографските, економските и социокултурните промени. Темата за изградба на сместувачки капацитети за повозрасните граѓани е особено растечки ориентиран сектор за градителите и инвеститорите. Меѓутоа, проектирањето вакви објекти претставува комплексна задача. Комплексноста произлегува од спецификите на потребите и проблемите на лицата во третата доба. Потребите постануваат сѐ повеќе меѓузависни со годините. Една од целите на социјалната политика во однос на потребите во домувањето би била обезбедување на алтернативи и низа на можности, како би се одговорило на индивидуализираните потреби и состојби на лицата во третата доба. Оттаму, темата на домување и нега на лицата во третата доба е одговорна архитектонска, но и општествено-политичка задача.

Имате ли коментар за некои ситуации во Скопје, особено во централното градско јадро, каде што се подигнуваат зграда до зграда. Дали се тоа стандардни услови за домување?

– Градењето достоинствени домови за Човекот е вечно прашање и предизвик што ги конфронтира архитектите низ целокупниот цивилизациски и културно-историски развој. Домувањето е рефлексија на општественото ниво на живеење и манифестација на културата и степенот на цивилизацијата на народот на една земја. Станбената архитектура како најзастапена во урбаниот пејзаж, доминантно влијае врз промените на градската форма.

Промената на општествениот капитал и сопственоста над земјиштето, како и административниот хаос кој произлезе од тоа, придонесоа за тешкотии во спроведувањето планирани и проектирани трансформации на одредени урбани фрагменти. Поединечните интервенции во станбените средини со идентитет, придонесоа за нивно бришење од современата мапа на градот. Со доминацијата на приватната станбена изградба и отсуството на општествената, изостана и општествената контрола, а со тоа и континуираното непочитување на усвоените нормативи и стандарди, како за зградите исто така и за домовите. Квалитетот на домувањето не може да се мери со бројот на собите и со скапиот дизајн на фасадите, туку со добрата функција и употребливоста на домот, естетиката на внатрешниот пејзаж, добрата инсолација и убавите погледи. Уште едно заборавено правило, речиси редовно, е проектирање неосветлени простори за комуникација и архитектонски бариери на влезовите во зградите. Не мора да се биде експерт за да се забележи падот на квалитетот на современата станбена архитектура.

На доделувањето на наградата беше поставена изложба со Ваши проекти. Кои се проектите со кои се гордеете и зошто?

– Бројот на проектите со кои се гордеам е голем. Тука можам да ги набројам речиси сите конкурсни проекти, без оглед дали се наградени или не. Како на пример: Проектот за Собранието на град Скопје – чијшто архитектонски концепт се темели на диференцирани просторно/програмски волумени, кои градат динамична просторна композиција со карактеристики на свеченост и монументалност. Потоа проектот за Соборниот храм „Св. Богородица“ во Струмица, па сѐ до проектите што ги работев во последните две децении. Во секој од нив имам вградено иновативност, знаење, емоции и дел од мојата душа. Ќе ги издвојам проектот „Студија за социјално домување“ и Домот за нега „Сју Рајдер“.

По напуштањето на социјалистичкиот политички и економски систем и замирањето на општествената станбена изградба, излегоа на површина многубројни проблеми, општествени тензии и мултипликација на социјални прашања. Ваквите услови поттикнаа редефинирање на моделот на социјалната политика и изградба на социјални станови, за оние што се наоѓаат во услови на потреба од помош во решавањето на станбеното прашање.

Во проектот „Студија на социјалното домување“ се понудени пет просторни приказни, со основна цел редефинирање на есенцијалните елементи на структурата на домовите и реформулирање на типологијата на станбените згради во колективната / маспродукција. Преку рационализација на градбите, развојот на типологијата на домот со внесување на карактеристики на семејната куќа, како и вкупното унапредување на естетиката и етиката на станбената архитектура, се настојуваше станот со достоинство на дом да не биде привилегија само на едни, а неостварен сон на други, туку демократско право на секој човек. Станбените згради за социјално домување ги гради државата, па оттаму тие треба да претставуваат експресија на општествената свест и култура.

Домот за нега „Сју Рајдер“ е прв објект од ваков вид изграден во Македонија

Домот за нега „Сју Рајдер“ е прв објект од ваков вид изграден во Македонија. Објектот е проектиран врз основа на современите функционални и технолошки програми и доминација на хуманата компонента. Строгата композиција на планот како последица на функционалната логика и социјалната организација на просторот, елиминирана е во јасната надворешна артикулација на волумените, преку нивната структуралност и естетичност. Преку осовременувањето на просторните услови во кои престојува индивидуата, постигнато е остварување на неопходната приватност, со цел зачувување на достоинството, интегритетот на личноста и самопочитта и во најтешките моменти од животот. Домот „Сју Рајдер“ претставува манифестација на уште еден начин на суштествување на човекот на земјата.

Какви совети им дававте на Вашите студенти на Архитектонскиот факултет и во кој правец би можела да се развива архитектурата како професија во иднина?

– Моите совети до студентите, и на првите средби и на крајот од студиите, се однесуваат, пред сѐ, на почитување на сопствената личност, на вложување во себе преку патувања и следење литература, да бидат чесни и одговорни во професијата, да бидат љубопитни, да истражуваат, да ги прифаќаат глобалните знаења за новите технологии, средства и материјали, и критички да ги применуваат за локалните цели. Архитектурата отсекогаш претставувала копнеж по убавото и корисното, копнеж по нов подобар свет, така и ќе продолжи. Како архитекти да се обидеме да покажеме повеќе респект кон природата и етичноста во градителството. Во процесот на архитектонското творештво сѐ повеќе навлегуваат нови дисциплини, архитектот одамна не е веќе единствен креатор на иднината на архитектурата.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 166, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот