Интервју со Павле Камилоски за бракот и татковството: Кога ја видов Ирина за првпат, си реков од каде ми дојде оваа убавина

Фото: Приватна архива

Македонскиот музичар и уметник Павле Камилоски, веќе неколку месеци ужива во улогата на татко. Синот Јосиф е центарот на неговиот универзум, кој речиси секој ден со својата мајка Ирина планинари на Водно. Павле и Ирина се венчаа минатата зима, а за нивната свадба наголемо се зборуваше. Освен за музиката, со Павле зборуваме како е да се биде татко, како започна љубовта со планинарката Ирина, колку го промени бракот, а колку синот, како е во Галичник…

Фото: Приватна архива

Се снајде ли лесно во улогата на татко?

– Јосиф е најубавата работа што ми се случила. Остварувањето како родител ми даде смисла за работите што ги правам и оние што следуваат. Не е лесно да си родител, но чувството што Јосиф ми го дава е неспоредливо со ништо што досега имам доживеано. Сиот замор од нередовниот сон поминува кога ќе го земам в раце, а кога ќе го помирисам и ќе украдам негова насмевка, е чувство што ниедна песна не може да го долови.

Ѝ помагаш ли на Ирина, му менуваш ли пелени на Јосиф, стануваш ли ноќе…

– Се разбира. Настојувам и сакам да се чувствувам дека придонесувам што е можно повеќе во секој аспект, без разлика дали е тоа готвење, менување пелени, домашни активности. Многу ми значи да сум присутен во секој миг од неговиот развој. Сакам Ирина и јас заедно да ги правиме оние работи што се поврзани со нашиот син.

Јосиф доби име по твојот татко. Имавте ли негодување околу името или Ирина веднаш се согласи?

– Името што јас го носам е име што постои во нашата фамилија неколку поколенија наназад. Така е и со името на мојот татко. Покрај тоа што името Јосиф навистина ми се допаѓа, сепак, имав желба да ја задржам нашата традиција, а тоа на Ирина многу ѝ се допадна.

Како твојот татко реагираше на ова?

– Мојот татко… мислам дека не постои поубава работа за таткото кога ќе слушне дека неговото име, или по народски кажано „неговата лоза“, продолжува да живее.

Ирина во изминатиов период мотивираше многу мајки, па сите заедно пешачат со своите бебиња на Водно. Таа пешачеше и кога беше бремена. Те фаќаше ли некогаш страв?

– Досега немам видено некој да мотивира толку мајки заедно со нивните бебиња, да ги натера да се искачат на Водно и да направи две добри дела во исто време. Мислам дека нејзиниот ентузијазам и љубов кон работите што ги прави, допира до секој од нас. Не ме фаќало страв кога пешачела бремена, таа е со беспрекорна кондиција, а планинарењето е дел од нејзиниот живот.

Фото: Приватна архива

Те тера ли често да пешачите? На видеата што ги споделува те има и тебе, но не си многу насмеан.

– Хаха… Па и јас сум спортски активен и со задоволство ја придружувам во пешачењето на Водно, најмалку трипати во неделата. Не ми е срам да кажам дека Ирина е повеќе физички спремна од мене, а веројатно вие сте го препознале тоа на мојот израз на лицето на видеата.

Со што те освои Ирина? Беше ли тоа љубов на прв поглед?

– Кога ја видов Ирина за првпат, како мало дете ми дојде да си ги протријам очите. Од која планета падна оваа убавина пред мене? Кога почна да раскажува, ја почувствував искреноста на нејзината душа и детско срце. Ме освои со скромност, со нежен хумор, со нејзината појава, контрастот на нејзината детска и нејзината женствена страна. Ме освои со љубовта што ја носи во себе.

Фото: Инстаграм/Павле Камилоски/Ирина Дишовска

Колку те смени брачниот живот?

– Не би било нормално ако не ме промени. Верувам дека клучот на еден успешен брак е, пред сè, во љубовта, довербата и почитта. Но, веќе сум влезен во друга етапа од животот, која сама по себе носи промени и друг вид одговорност.

Како е на музички план? Рече дека подготвуваш нова песна на средината на октомври. Што да очекуваме?

– Така е, подготвувам нова песна и нов видеозапис, кој треба да биде објавен кон средината на месецот. За мене е новитет правецот што го поставивме заедно со моите драги пријатели и извонредни музичари, парот Дамир Пух и Наташа Миха, кој исто така, ќе биде нов и за мојата публика.

Постојано си ангажиран и имаш настапи. Со кој репертоар настапуваш?

– Благодарен сум и задоволен засега како ми се одвиваат работите на професионален план. Периодов имам закажано доста настапи што треба да ги реализираме, а што се однесува до репертоарот што го интерпретирам на секој следен настап, практикувам да има освежување и разноликост во него. Покрај претстојниот музички сингл, закажан ми е предновогодишен целовечерен концерт на 15 декември, кој треба да биде одржан на големата сцена во Македонскиот народен театар.

Како е во Галичник?

– Галичник е магичен во овој период од годината. Есента во него најмногу ја сакам. Сега почнува целата планина да ја менува бојата во неколку нијанси, студениот воздух, хотелот „Неда“, мирисот, глетката и топлината на каминот, чаша вино покрај него, за мене најубав!

Му кажуваш ли понекој збор галички на Јосиф, за од мал да знае дека галичани го чуваат дијалектот од заборав?

– Тоа задоволство го оставам на баба му и дедо му, тие кои нетрпеливо чекаат да им ги каже имињата и да им зборува со меко „р“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот