Интервју со новинарот, публицист и издавач Слободан Петровиќ: Не се раѓа, добар новинар се создава

Независноста на медиумите е како слободата. Секогаш е во опасност да ја загубат! / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Меѓу добитниците на престижната награда за посебен придонес за развојот на градот Скопје „13 Ноември“ годинава е новинарот, публицист и издавач Слободан Петровиќ, кој наградата ја добива за повеќедеценискиот придонес во македонската печатена новинска продукција.

Професионалната биографија на Слободан Петровиќ укажува на исполнет живот во целост посветен на новинарската професија. Наградата сосема заслужено стигнува во вистински раце. Уште повеќе што неговиот придонес во развојот и афирмацијата на градот Скопје не е само во рамките на професијата, туку и со повеќевековното скопско потекло, како и ангажманот во повеќе полиња на општествениот живот.

Како колеги, со Слободан Петровиќ разговараме на „ти“, бидејќи прва работа на новинарот е секогаш да го оддели суштинското од ефемерното. Секако, во преден план се состојбите во новинарството, но тука се и неговите сфери на интерес откако го стекна статусот „новинар во пензија“. Во една од неговите искрички Цобе напишал: „Игнорирањето на улогата на корифеите на македонското новинарство е срамно и болно самопонижување на професијата“. Се надеваме дека разговорот со него може да се сфати и како еден чекор кон враќањето на достоинството на професијата.

Убава елипса на животот и професијата се направи со наградата „13 Ноември“. Со новинарството почна како бригадир што работеше на обновата на Скопје по земјотресот, а откако си во пензија, стигна наградата. Какво е чувството?

– Да, навистина е во прашање убава елипса и како стилска фигура и гледано пошироко од лингвистички аспект. Ако така се набљудува, како недозатворена линија, а не геометриски затворена јајчеста форма, во тој случај што го прави кругот отворен? Одговорот е само навидум едноставен зашто фигуративната отвореност претпочита безусловна, безрезервна, значи целосна посветеност на професијата. Но, да си допуштиме мала левтерност по сериозниов почеток. Имено, кога ќе направам паралела помеѓу сопственото минато како новинар професионалец, од една, и, од друга страна, граѓанин, сопруг и родител, се соочувам со сознанието дека, признавам, цел живот сум бил бигамист, што е цената на деловната зависност.

Инаку, веќе на 19-годишна возраст сериозно се инфицирав од новинскиот вирус што се појави додека бев во осмолетка и редовно ја читав „Нова Македонија“ (уште тогаш ги следев извештаите на спортските коментатори Борис Поп Ѓорчев и Никола Ковачевски со кои, деценија подоцна, ќе бидам колега) и од него не сум ослободен до ден-денешен. А почна да се манифестира така што по дневниот ангажман во бригадата (сместена под шатори на некогашна „Панорама“) во расчистувањето на последиците од катастрофалниот земјотрес самоволно продолжував со емитување програма на локалната разгласна станица.

Веста за наградата ме израдува, најмногу поради и заради иницијаторите, предлагачите и поддржувачите на конкурсниот проект, особено ако се знае дека никогаш во полувековната кариера не сум бил предложен за која и да е награда надвор од НИП-от, не сум конкурирал или сум се самопромовирал. А зад предлогот застанаа колеги од новинарскиот кор и јавни личности со потврден професионален и човечки интегритет и дигнитет, како и мои блиски. Затоа сум им посебно благодарен на сите што ме поддржаа, меѓу нив и членовите на Одборот и на Комисијата на наградата, и јас, практично, се чувствував не како кандидат, туку како почес(т)ен лауреат на престижната награда за публицистика на Градот Скопје „13 Ноември“ во 2021 година.

Беше и остана новинар целиот живот. Не ја следеше Черчиловата изрека дека новинарството е убава професија ако на време се напушти! Сепак, тебе новинарството ти стана животна судбина. Зошто?

– Бев, останав и ќе продолжам додека се крепам да се ангажирам активно со пишување, редактирање, уредување, подготвување и издавање нови ракописи, нешто кое го работев цел живот и поради блискоста на новинарството како инстант литература. Исто така, наскоро ќе излезе нов самиздат посветен на добиената награда, а со сестра ми Беба при крај сме со опремата на семејното стебло, животопис по линијата на мајка ни Марица Дерибабова. Да споменам уште само дека ние двајца, сестра ми и јас, сме десетта генерација од познатата скопска фамилија, а тоа значи дека семејните корени ни се „длабоки“ најмалку пет века. Дерибабови, инаку, се ктитори на земјата и на изградбата на црквата Света Петка во Црниче.

Но, да не го заборавиме Черчил, па ќе те потсетам, драг колега, на една друга негова легендарна мисла, иако по друг повод: „Ова не е крај. Не е дури ни почеток на крајот. Ама, можеби, е крај на почетокот!“

Во твојата новинарска биографија се наведени многу, главно печатени медиуми. Беше основач и главен и одговорен уредник на ревијата „Екран“ и на неделникот „Пулс“. Двете списанија не постојат веќе со години. Имаш ли одговор зошто државата дозволува така лесно да згаснат добрите нешта?

– Почнав како новинар соработник во „Вечер“ во 1964 година, а по воениот рок, 1968, преминав во неделникот „Журнал“ како репортер. Наскоро неделникот згасна, а јас во меѓувреме, во 1970 година, го поставив „Екран“ („Екран на нашата младост“), кој по долги и успешни децении беше згаснат насилно. Истата судбина, но ненасилно, ги погоди „Форум“, „Венец“ и „Корав“, но вистинска трагедија за земјата, не само како клучен сегмент од новинско-издавачката дејност, беше насилничкото укинување на „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“ и „Теа модерна“, односно упокојувањето на „Пулс“, „Остен“, „Фокус“…

Навистина не знам зошто државата дозволи да им се случи катаклизма на печатените медиуми, како и зошто се појави „керимдемијата“ и затоа ќе се повикам на Конфучиј, кој прашан за тоа како да се најде излез од одредена криза, одговорил: „Тоа ви е исто како да тргнете во темна соба да барате црна мачка“. А башка што во собата воопшто нема никаква мачка! Случајот со затворањето на весниците, при што стотина новинари и новински персонал останаа без работа, заликува на потрагата по црната мачка, само што нашава е скриена под превезот на власта. Конечно, независноста на медиумите е како слободата. Секогаш е во опасност да ја загубат!

Претходно пропадна целиот НИП „Нова Македонија“, каде што работеше голем дел од животот. Кој имаше интерес да нема силна новинарска мисла во државата, а новинарите, речиси, да бидат исфрлени од редовите за протокол?

– Во една пригода, кога се градеше новиот објект на НИП-от, поставив навидум шеговито прашање: дали на 14-тиот кат ќе се изгради платформа, односно хелиодром? Зошто? Па ако нè збркаат оздола, ние на хелиодромот и магла…

И се случи токму тоа, да бидеме избркани од сопствениот Дом на печатот како резултат на очигледниот валкан бизнис. Јас не го дочекав тажниот чин зашто претходно ја основав „Интерадверт“, агенција за маркетинг и издаваштво.

Со појавата на интернет-порталите и социјалните мрежи новинарската професија комплетно ја менува својата дефиниција. Како новинар од „стар ков“ како гледаш на новите тенденции во новинарството?

– Ние од новинарско-графичката сфера не сме свесни дека уште утре ќе дојде до темелно изместување на позициите на професијата и веќе направив неколку обиди за пребродување, како поединец, на тектонските промени.

Содржината и форматот што ги презентирам со изданието е необврзувачки обид да се промовира новинска и новинарско-истражувачка инсталација на нови, алтернативни форми и содржини, особено ако прифатиме дека сме предолго во фазата на чекање на неминовниот, а скорешен, залез на поимот Гутенбергова галаксија во печатените медиуми.

Практично, тоа значи збогување со класичниот печат и т.н. графичка индустрија и освојување нови технологии. На тие што нема да ги прифатат, им претстои возбудливо, драматично, но и носталгично враќање во минатото, познато како мануфактура или применета новинско-журналистичка инсталација.

Последниот обид е направен деновиве и по специјален повод, добивањето на престижната награда за публицистика, и главно претставува ракотворба за дарување на учесниците во проектот.

Оценката за одреден весник или новинар ќе ја донесете кога ќе објави нешто за кое сте остручен / Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески

Што во твое време беше одлика на добар уредник и добар новинар?

– На времето каде и да одев, службено или приватно, задолжително носев со себе нотесче, тефтерче како она на чикашките полицајци или на вашингтонските репортери од „Вотергејт“, зашто никогаш не се знае што може да се случи, а ти нема каде да нотираш број, адреса, опис на настан да не се заборави. Во слободните интермеца, а ги немав на претек, бележев мисли што ги нареков искрички. Елем, во контекстот на прашањето сум прибележил дека оценката за одреден весник или новинар ќе ја донесете кога ќе објави нешто за кое сте остручен. Понатаму, медиумите се самопозиционираат по тоа што, колку и како објавуваат, напати многу повеќе по тоа што игнорираат. Или зошто е важно еден новинар кој води банкарство да ја знае материјата исто колку и некој директор на банка? Затоа што и двајцата имаат одговорна функција: банкарот да ги оплодува парите, а новинарот да го оплоди јавното мислење.

Нејсе, не се раѓа ни добар уредник ни добар новинар, туку се создава макотрпно како во народната „зрно по зрно погача, камен по камен палата“ и тоа со многу лишувања и безрезервна посветеност. А, пред сè, љубов кон професијата. За категоријата работливост не станува збор, се подразбира, па знаев да ги прекорам помладите и помалку активни зошто кога веќе седат во редакцијата не ѝ свртат телефон на, да речеме, мама – можеби избил пожар во комшии и ете вест. Инаку, воопшто не е случајно што кај нас највисоката годишна државна награда во новинарството/ публицистиката го носи името на новинарот Мито Хаџи-Василев Јасмин, чиј прекар бил „Првиот новинар“!

Има ли можност дел од твоите новинарски искуства да бидат преточени во книга?

– Еден од грчките филозофи има забележано дека доброто прашање е половина одговор. Твоето прашање е заправо најава на деновиве постигнатиот прелиминарен договор со Милан Банов, истакнат новинар, колумнист, публицист, преведувач и своевремено прв човек на „Македонија денес“ и „Денес“, да подготви монографија посветена на мојата дребност, а под наслов „Личност и дело“.

Во времето на НИП-от беше директор на издаваштво, беше редактор и на некои други изданија, а годинава одлучи самиот да ја издадеш книгата „Фантазмагорија: Ода на дрвото“. Со каква цел?

– Со цел да ослободам вишок енергија и емоции. Се шегувам, секако, но шетајќи по земјава како планинар воспримив многу сознанија од природата и планината како моја религија, за дрвјата како живи суштества или за корените кои комуницираат меѓусебно итн. Читајќи ја „Гозба“ на Платон ми се стори добра идејата дејствието да го сместам во обратна насока, во подземен амбиент. Од ласкавите оценки на рецензентите за „Фантазмагорија: Ода на дрвото“ ќе изделам поради просторов само една мисла, дека е ова книга за читање и за гледање. Јас би додал и за слушање кога немите шуми прозборуваат!

„Фантазмагорија: Ода на дрвото“ – Четиво за вистински сладокусци

Како прво авторско дело, Слободан Петровиќ како самиздат ја објави книгата со наслов „Фантазмагорија: Ода на дрвото“. За неговата книга првично се изјаснија неколку рецензенти, додека академик Ферид Мухиќ во една реченица напиша: „Извонредно: инспирирано и инспиративно, поетски и егзактно, конкретно и фантазмагорично, со голема посветеност, просветлувачки едукативно, восхитувачки поетично, сјајот на оптимизмот со меланхолични сенчења, гласот со кој немите шуми прозборуваат!“

Публицистот Милан Банов во книгата пронаоѓа парадигма на дрвото: „Дрвото е овде (не случајно) парадигма на љубовта, добрината, вековноста, силата, стаменоста, надежта, очекувањата, желбите, потребите, па ако сакате, и суштината на човековата опстојба. Петровиќ тоа го сфатил на единствениот исправен начин и тоа, Дрвото, длабоко вкоренето во срцето на авторот, го претставил како код за препознавање, како наш ДНК, природно сраснато во нашите духовни гени“.

Писателот Димитрие Дурацовски констатира дека станува збор за книга за читање и гледање: „Ова е сосема неочекувано и изненадувачки, ваква тема и овој пристап. Уживам!“, напиша Дурацовски, додека графичкиот дизајнер Владимир Сидоровски додава дека станува збор за четиво за сладокусци: „Ова е четиво за вистински сладокусци на пишаниот збор и вистински вљубеници во Мајката Природа. И не очекувајте којзнае колку голема читаност, зашто ова не се чита со очи, туку со душа и срце“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот