Интервју со музикологот д-р Мирјана Павловска-Шулајковска: Во традиционалниот македонски идиом преовладува мекото пеење

Фотографија: Драги Неделчевски

Црковното пеење од словенско-византиската традиција е мошне важно поглавје од историјата на македонската музичка култура и во пресрет на големиот христијански празник Божиќ со д-р Мирјана Павловска-Шулајковска се осврнуваме кон согледувањата за музичкото културно наследство и духовната музичка практика кај нас.

Музикологот Мирјана Павловска-Шулајковска дипломира на отсеците по пијано и музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. На истиот факултет, во 2007 година магистрира на отсекот по музикологија (ментор: проф. Димитрије Бужаровски). Во 2016 година ги завршува докторските студии при универзитетот „Евро-Балкан“ Скопје, под менторство на проф. Јане Коџабашија, на темата „Византиската музичка култура на територијата на Македонија во периодот на Националната преродба“. Се занимава со педагошка и научноистражувачка дејност.

Автор е на монографии за доајените на македонската музичка култура Данка Фирфова (2009) и Душка Тасеска (2012), како и на книгите „Андон Шахпаски – Краток воскресник“ (2016) и „Краток воскресник“ од Јанаки Стојменович (2022). Член е на Сојузот на композитори на Македонија. Поттикната од научните истражувања од областа на Византиската музичка традиција на територијата на Македонија, Мирјана Павловска-Шулајковска од 2014 година дејствува и во камерниот хор „Херувими“.

Како музиколог Вашиот интерес е насочен кон истражувањето на црковното пеење од словенско-византиската традиција како дел од историјата на македонската музичка култура. Кои се клучните артефакти и музички дејци врз кои ги засновате истражувањата?

– Досегашните академски дебати и научни истражувања на поширокиот план на македонското културно наследство (кои можеа да бидат и пообемни и во поголем број), претставуваат драгоцена основа врз која може да се согледа развојот на црковното пеење од византиската традиција на територијата на Македонија. Неисцрпната кирило-методиевска литература и истражувањата на византиската и на старата словенска музика, делото на Св. Климент и Св. Наум Охридски и Охридската школа, охридските невматски ракописи од XI до XIV век, музичките идеи на Св. Јован Кукузел, нѐ доведуваат до периодот на XIX век и појавата на Хрисантовата (невматска) нотација.

Оваа реформа извршена од страна на Хрисант Брусенски, Хармузиј Хартофилакс и Григориј Протопсалт во 1814 година, ќе одигра значајна улога во развојот на црковното пеење од византиска традиција на поширокиот простор на Источната црква, посебно на територијата на Македонија.

Присуството на невматски ракописи со Хрисантова нотација во Македонија ја наметнало потребата од изучување на ова писмо од страна на црковните пејачи. Најстара, позната, школа по источно црковно пеење на територијата на Македонија формирал стружанецот Наум Миладин. Од оваа школа произлегла низа црковни певци и познавачи на невматското нотно писмо коишто ја продолжиле оваа дејност низ Македонија.

Денес од овој период се зачувани значаен број ракописи, како и печатени зборници на црковни напеви што се употребувале во секојдневната богослужба. Тие содржат композиции од познати византиски композитори, но, и оригинални творби од македонски автори, црковно-музички дејци и нивните откриени ракописни или печатени псалтикии на територијата на Македонија: Димитар Златанов – Градоборски (ок.1800-1887), Калистрат Зографски (ок.1820-1913), Јоан Хармосин – Охридски (1829-1890), Васил Икономов (1848-1934), Димитар Павлов – Штипјанин (1840-1919), Манасиј поп Тодоров (1856-1936), Андон Шахпаски (ок.1860-1928), Васил Иванов Бојаџиев (1876-1950) и др. Овој период го ограничуваме сѐ до појавата на Атанас Бадев и неговата творба за мешан хор „Златоустова литургија“ (печатена во 1898 г.) како историска средба на источниот и западниот музички систем.

Станува збор за откриени околу 50-ина музички ракописи од втората половина на 19-от и почетокот на 20-от век, пишувани со Хрисантова нотација и на црковнословенски јазик, како и на нивните составувачи и автори, кои имаат историска улога во зачувувањето на културниот идентитет на македонскиот народ.

Каква била поврзаноста на народот и на црквата во минатите времиња во однос на зачувувањето на музичката традиција?

– Секако, во процесот на развојот на музичката култура и насоките на нејзиното развивање, соодветни влијанија оствариле и општествените околности. Прифаќањето на новата музичка писменост, започнувањето на западноевропската музичка практика кај нас, како и замената на традиционалното црковно пеење со српското народно црковно појање, попознато како Мокрањчево појање, придонеле употребата на многубројните ракописи и печатени книги на црковно пеење од словенско-византиската традиција сѐ поретко да се употребуваат. Но, современите истражувања покажаа дека во поедини селски цркви, практикувањето на црковното пеење од словенско-византиската традиција можело да се слушне до пред самиот крај на 20-от век, благодарение на посветеноста на некои од псалтите.

Меѓу повеќето примери, Васил Иванов Бојаџиев неговиот „Псалтикиски воскресник“ го создал во периодот помеѓу двете светски војни, формираната Школа за црковно пеење на Андон Шахпаски, која била позната и пошироко во источниот дел на Македонија, во годините по Втората светска војна продолжила да работи под раководство на неговиот син, па практицирањето на црковното пеење од словенско-византиската традиција се одржало до пред самиот крај на 20 век, или дејноста на струшките псалти Сотир Чакар и прота Владимир Санџакоски, кои во последните децении од минатиот век направија тонски записи на црковни пеенија од словенско-византиската традиција, кои се од непроценливо значење за истражувањето на развојниот пат на црковното пеење од старата традиција.

Книга „Краток воскресник“ од Јанаки Стојменович (2022. Транскрипција на европска нотација: Мирјана Павловска-Шулајковска. Центар за византолошки студии, Скопје)

Некои од книгите што ги имате објавено се „Краток воскресник“ на Андон Шахпаски и „Краток воскресник“ од Јанаки Стојменович. Што значи старите музички записи да се транскрибираат по европска нотација? За каков процес станува збор?

– Продлабоченото истражување на нашето музичко наследство од подалечното минато, покрај другите сегменти подразбира и претставување пред нашата културна и стручна јавност на цела редица непознати или малку познати црковно-музички дејци и автори на ракописни и печатени црковно-музички зборници. „Краткиот воскресник“ на Андон Шахпаски како монографско издание беше печатен од страна на проф. Јане Коџабашија, а „Краткиот воскресник“ на Јанаки Стојменович беше во форма на ракопис.

Работата на овие и музичките ракописи за кои говориме, пишувани на невматска Хрисантова нотација и на црковно-словенски јазик подразбира познавање на теоријата и практиката на источното црковно пеење, транскрипција од невматска на европска нотација, секако со соодветно читање и уредување на псалтикиите. На овој начин ги зачувуваме и овозможуваме тие да живеат и во денешницата, бидејќи нотниот текст станува достапен и разбирлив за читање и изведба од професионалните музичари, хорови, псалти, композитори што во своето современо творештво ќе најдат инспирација и нивна имплементација, достапност за анализа, компарација на творбите, начинот на кој се создавани и посебните музички карактеристики на нивните автори и составувачи итн. Овие „разоткривања“ дополнуваат базични делови од големиот културен мозаик на македонската култура, воопшто.

Концерт на хорот на „Танец“ со литургиски творби од црковно-музички дејци што дејствувале на територијата на Македонија

Какви подготовки се потребни еден современ хор да биде во состојба да изведе дела од словенско-византиската традиција, каков што беше случајот со настапот на хорот на „Танец“ на минатогодишните Денови на македонска музика?

– Со работата и дејноста на камерниот хор „Херувими“, истражените творби, претставени на европска нотација ги поставивме со големо внимание кон нивната содржина и значење, со карактеристики на традиционалното македонско црковно пеење, како единствен хорски ансамбл во нашата земја што на својот репертоар изведе и негува творби од псалтикиите на црковно-музичките творци од Македонија, постигнувајќи при тоа забележителни резултати и на некои странски концертни сцени. Овие творби својата изведба ја доживеаја повторно по повеќе од еден век од нивната претходна традиционална употреба во секојдневната богослужба во храмовите на нашиве простори, остварувајќи придонес во реафирмацијата на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија.

Во рамките на Деновите на македонска музика, во соработка на Националната установа „Танец“ и Сојузот на композитори на Македонија, со учество на Хорот на НУ Ансамбл за народни игри и песни „Танец“ беше реализирана прекрасна концертна вечер посветена на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија, која потоа резултираше и со промоција на носач на звук, за што голема благодарност за реализацијата на целиот проект изразувам на м-р Бранка Костиќ-Марковиќ, уметнички раководител во „Танец“.

Токму во оваа насока, Хорот на „Танец“ претстави одлични изведби на овие творби, негувајќи го традиционалниот македонски идиом во кој преовладува мекото пеење, од тивко до умерено, со мелизми што не ја задушуваат мелодијата, чувствувајќи ги мошне природно, со посведочување на принципот на сродност со песнопојната традиција.

Хорот на „Танец“ / Фотографија: НУ „Танец“

На тема „Византиска музика“ учествувавте на 47. „Струшка музичка есен“. Какви форми на реафирмација на црковното пеење од словенско-византиската традиција има во Македонија?

– Манифестацијата „Струшка музичка есен“ во текот на речиси петдецениското постоење претставува значаен сегмент кон отворање и негување на процесот за континуирано изнесување на стручните и на научните сознанија за македонското музичко минато. Во годините на нејзината реализација пред научната јавност беа претставени низа научни трудови во кои се изнесени резултатите од истражувањата на музичкото минато на Македонија. Тие придонесоа црковното пеење од византиската традиција да стане мошне важно поглавје од историјата на македонската музичка култура.

Започнатата истражувачка дејност од страна на музиколозите Драгослав Ортаков и Сотир Голабовски во текот на седумдесетите години од минатиот век и истражувањата на кои работеа и во децениите потоа, сѐ до крајот на нивниот живот, го пронајдоа своето продолжение и надополнување во дејноста на Јане Коџабашија, кој со своите обемни истражувања и многубројни монографски изданија и трактати дава огромен придонес во расветлувањето на историскиот развој на македонското црковно пеење и толкувањето на многу прашања од областа на теоријата и практиката на црковното пеење од словенско-византиската традиција на територијата на Македонија.

Залагајќи се за реафирмацијата на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија од страна на Јане Коџабашија беа публикувани поголем број исклучително значајни книги: „Пасхалија“ на Јоан Хармосин Охридски (транскрибирана и на европска музичка нотација), Димитар Златанов – Градоборски – „Литургија“, Калистрат Зографски – „Литургија и Воскресник“ и „Вечерна и Утрена“, „Јоан Хармосин Охридски – Живот и дело“, „Пасхалија“, Васил Иванов Бојаџиев – „Опширен псалтикиски воскресник“, претставувањето пред научната и културната јавност на новооткриените ракописи од црковно-музичката дејност на Андон Шахпаски: „Краток воскресник“, „Литургиски зборник“ и „Псалтика“, како и опсежната „Антологија на македонското црковно пеење“, издадена во 2918 година во рамките на Европската година на културно наследство, овозможена од Европската Унија.

Несомнено значаен придонес во оваа дејност Јане Коџабашија оствари и со теоретското и практичното истражување на црковното пеење од словенско-византиската традиција со издавањето на теоретските трудови: „Теорија и практика на црковното пеење од византиската традиција“, „Учебник по источно црковно пеење“, „Ортографија со основна теорија на византиската музика“, како први изданија на теоретска и педагошка литература на македонски јазик. Континуираното презентирање на истражувањата од областа на црковното пеење во Македонија, најдоа одраз и во програмската ориентираност кон духовната и црковната музика во репертоарот на повеќе хорови, реализација на неколку документарни емисии и сл.

Снимка од концертот на хорот на „Танец“ е објавена како аудиоприлог кон списанието „Премин“

Од кога датира Вашиот интерес за оваа специфична тематика и што Ве поттикнува да работите во оваа област на музичката традиција?

– Најзначаен удел има проф. д-р Јане Коџабашија, како ментор кому му изразувам благодарност, кој со својата дејност во областа на византиската музичка традиција во Македонија го продолжи процесот започнат на прагот на 70-тите години од минатиот век и создаде развојна истражувачка линија во овој сегмент од македонската музичка историја. Секако, самиот образовен процес и дејноста во областа на музикологијата го трасираа патот и мојот интерес кон истражувања од нашето совремие кон подлабоките слоеви на нашата музичка историја.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 212, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 06-08.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот