Интервју со Мицко Јанкуловски: Љубопитноста е став, а истражувањето е начин на живот

Мултимедијалниот уметник Мицко Мице Јанкуловски е меѓу добитниците на највисоката државна награда „11 Октомври“ за долгогодишна работа во областа на уметноста, а тоа е одлична можност да се нурнеме подлабоко во суштината на неговото творештво.

Потребна е огромна самодоверба, континуитет и доследност во творештвото, цел и визија во реализацијата на делата, силен истражувачки дух што постојано ќе ве влече напред, понекогаш и малку среќа, за вредностите што ги создавате да бидат препознаени во општеството. Кај Мицко Јанкуловски сите овие услови се одамна исполнети, остануваше само да се дочека вистинскиот момент.

Добитник сте на многубројни домашни и меѓународни награди за Вашите уметнички дела. Какви чувства кај Вас разви добивањето на највисоката државна награда „11 Октомври“?

– Секогаш сум верувал дека времето не се мери со часови, туку се мери со настани. Јас сум проживеал повеќе човечки животи во градење и создавање вредности, најпрвин како индивидуален порив, а потоа како придонес кон општеството. Човекот е социјално суштество и не е можно да прави вредни индивидуални потфати, а тие да не се во исто време и колективна вредност. Единствената разлика е во тоа дали општеството каде што поединецот делува ги препознава и ги вреднува неговите индивидуални постигнувања.

Оваа награда ни го овозможува токму тоа и за мене претставува остварување на најголемата желба на секој поединец – да биде препознаен од својата заедница на највисоко ниво.

Во говорот на врачувањето на наградата посочивте на неколку клучни пораки во однос на уметничкото дејствување. Меѓу нив истакнавте дека уметникот не го брои времето во часови, туку со настани. Во која смисла?

– Па, времето како физички феномен ние го восприемаме линеарно. Човекот тоа го зема како факт и воопшто не размислува за тоа. Но, кој како го користи времето и што постигнал за истото време дадено за секој поединец (линеарно) е веќе друга работа. Затоа сметам дека времето треба да се мери со настани и тогаш нема да биде важно кој колку години има, кој колку време потрошил за да создаде нешто, туку ќе биде важно кој колку и какви постигнувања има во текот на својот живот. Ова е генерално и важи за сите, но уште повеќе важи за уметниците, кои во процесот на создавање времето не го третираат линеарно, тие „патуваат“ напред-назад, во минатото – во иднината и откриваат нови светови. Токму тоа сметам дека е најголемиот придонес на секој уметник за општеството. Колку што уметникот ќе отиде далеку во својата имагинација – толку општеството ќе се развива во својата реалност. Знаете за познатата изјава на Пикасо: „Сè што можеш да замислиш е реално!“ Несомнено е дека општеството сè побрзо се движи кон реалноста каде времето се мери само со настани.

Посочивте дека уметничкото дело е индивидуален потфат, но откако ќе биде завршено станува колективно добро. Проблемот е само дали ќе бидат препознаени неговите вредности. Во Вашиот случај вредностите се препознаени, но колку како држава успеавме да изградиме систем базиран на вредности?

– Одговорот на тоа прашање секогаш зависи од тоа кој го одговара. Во нашава држава секогаш недостасува системски пристап и сметам дека тука потфрламе како општество. Од една страна, знаеме дека институциите секогаш делуваат во рамките на моменталните можности, кои се секогаш недоволни и во кои не се вградени критериуми за вистински вредности и приоритети. Од друга страна, не создадовме ниту свест, а камоли пазар за уметност, па уметничката продукција генерално зависи од „доделувањето“ средства од Министерството за култура (или други институции) што придонесува уметноста да се класифицира како „трошач на буџет“, а не создавач на вредност.

Уметниците затоа од своја страна се чувствуваат недоволно вреднувани од заедницата, често и неразбрани и не можат да се начудат како тоа заедницата не може да ги препознае и соодветно да ги вреднува нивните индивидуални постигнувања и вредноста што ја создаваат на индивидуално, а неизбежно и на колективно ниво… зашто, на крајот од денот, уметноста (а не политиката) ќе биде онаа која ќе сведочи за степенот на развој на општеството во кое живееме.

Вистината е дека придонесот на секој уметник посебно не може да се опфати само со линеарното време, не може да се измери со моменталната општоприфатена скала на вредности (каква и да е), ниту, пак, може да се разбере само со сознанијата и информациите кои ги имаме во времето во кое живееме. За севкупноста на неговиот придонес во уметноста и културата потребна е временска дистанца.

Мултимедијалноста е дел од мојата личност и јас природно со себе и во себе носам повеќе аспекти, со посебна страст кон сликарството / Фотографија: Корнелија Конеска

Дипломиравте на Архитектонскиот факултет во Скопје, но Вашиот интерес е мултимедијален и се занимавате со цртеж, илустрација, карикатура, анимација, документаристика, а паралелно сите овие години и со сликарство. Можете ли да го откриете двигателот што Ве однесе во сите овие области?

– Во текот на целиот мој живот јас сум бил исклучително активен – и професионално и општествено. Сликата што ја насликав на 15-годишна возраст (во 1969 г.), панел со насликани форми во разни бои, беше создадена со цел таа да кружи и, така, да можам да го видам спектарот на бои што притоа се создава. Ме интересираше кинетиката. Конкретната слика со круг, како и другите со органски форми од тоа време, беа основа на моето уметничко творештво и тие ме дефинираа како уметник. Според многу уметнички критичари, овој почеток, сликите од тоа време, билe исклучително оригинални во историски контекст на уметноста.

Паралелно, уште во куси пантолони, бев активен со правење цртежи и илустрации, кои беа објавувани најпрвин во „Колибри“ (Нова Македонија), а потоа во „Студентски збор“, „Остен“… Со текот на времето, паралелно цртав карикатури, имав и свој карактеристичен лик и голем успех на полето на уметничката карикатура и сатиричното сликарство. Работата на анимирани филмови и пишувањето палиндроми се истражувања преку кои сум ја задоволувал мојата љубопитност и желба да се изразам во други медиуми, додека постојано работев и истражував во цртежот и сликарството. Но, разновидните искуства ме граделе како уметник, така што денес професионалците во уметноста ме препознаваат како мултимедијален уметник.

Мултимедијалноста е дел од мојата личност и јас природно со себе и во себе носам повеќе аспекти, со посебна страст кон сликарството. Сите овие аспекти се различни, но не и спротивставени… тие се надополнуваат, еден со друг се предизвикуваат и експоненцијално растат, на тој начин правејќи ме активен, па дури и хиперактивен во светот на уметноста.

Значаен дел од животот посветувате на „Остен“ и на неговата Светска галерија на карикатури. Го има ли карикатурата, а и сатиричната илустрација, истиот третман и значење во општеството како во времето кога „Остен“ беше создаден?

– Јас би рекол дека реалноста на времето во кое живееме ја замени карикатурата и сатирата. Реалноста е и сатирична и карикатурална, но не на интересен, критички и конструктивен начин. Јавната комуникација е полна со навреди, омраза, што е одраз на сопствените фрустрации, стравови, несигурност и неподносливата леснотија на неодговорност за пуштената мисла во етер. Карикатурата е уметност на пренесување на пораки. Оттука артикулацијата на критичката мисла сублимирана во визуелна порака е вистинскиот атрибут на карикатурата што треба да се негува, да се надградува и да се усовршува. Во јавната комуникација денес како да недостасува артикулација, затоа – не! Карикатурата во нашето општество го нема соодветниот третман како во времето кога беше создаден „Остен“ – кој направи, без ни малку претерување, Скопје да биде центарот на светот на светската карикатура. Жално е што како општество тоа не го негувавме, ниту го трансформиравме во согласност со брзите промени на дигиталното време. „Остен“ остана како единствен светилник, кој приспособувајќи се како знае и умее, упорно ја одржува таа традиција.

Активностите на галеријата „Остен“ ги одржувате до ден-денес преку годишната организација на Светската галерија на карикатури, која е надградена и со „Остен“ Биеналето на цртеж. Имајќи предвид дека сето тоа е педантно документирано, колку дела има во двете колекции?

– „Остен“ денес е Установа од културата за музејско-галериска дејност која има почит кон минатото, активна е во сегашноста и има планови за иднината. Како препознатлив бренд во областа на уметноста, еманципираната мисла и ослободеното творештво од 1945 година, „Остен“ со своето искуство и влијание врз развојот на културата и уметноста е одлична основа за проекти кои ги привлекуваат уметниците и карикатуристите ширум светот, ја едуцираат пошироката публика и ги анимираат уметничките професионалци (куратори, теоретичари, критичари и историчари на уметност) – сите оние што обезбедуваат увид и произведуваат материјали што го документираат развојот и движењата на уметноста во наше време.

Најголемото достигнување на „Остен“ е Музејот на цртеж, кој има значителна колекција од повеќе од 15.000 уметнички дела, од над 3.000 уметници од повеќе од 80 земји (цртежи, графики, слики, скулптури, керамики), вклучително Пикасо, Вазарели, Дали, Миро, Мур, Сулаж, Крег, Абрамовиќ, Кристо, Величковиќ, Циуха, Шагал, Фукс, Андерле, Борн, Рембрант, Де Кунинг, Делакроа, Пизаро, Тулуз-Лотрек, Алешински, Брак, Матис, Хартунг, Дикс, Ернст, Колвиц, Пенк, Такис, Рембрант, Кунелис, Бејкон, Хокни, Хамилтон, Калдер, Индијана, Ворхол, Лихтенштајн, … како и дела на речиси сите значајни македонски уметници, меѓу кои: Пандилов, Мартиноски, Аврамовски-Гуте, Чемерски, Хаџи-Бошков, Хаџи-Василева, Јанкуловски, Кондовски, Калчевски, Коџоман, Куновски, Лазески, Личеноски, Манев, Мазев, Митриќески, Наумовски, Ташковски, Темкова, В. Василев, Н. Василев, Шемов, … и околу 50.000 картони и сатирични цртежи од најголемите карикатуристи во светот.

Активностите на „Остен“ се основен извор за освежување на колекцијата на Музејот на цртеж, но нови дела доаѓаат и како резултат на донации од уметниците кои го препознаваат нашиот ентузијазам и љубов во работењето, а активни сме и на глобалниот пазар на уметност.

Еволутивно дојдов до „Форма 3“, каде што се ослободив од боите, но и од четките, па делата се создадени исклучиво со црна боја / Фотографија: Корнелија Конеска

Последниве десетина години особено сте активен со циклусот „Форма 3“ како надградба на претходните сликарски циклуси „Форма 1“ и „Форма 2“. Во овој случај експериментирате со црната боја. На кој начин и зошто?

– Циклусот „Форма 1“ (каде што сликав органски форми во неорганизирани системи и ги употребив речиси сите бои) ме дефинираше како уметник. „Форма 2“ беше куса преодна фаза каде што формите од „Форма 1“ ги разбив сликајќи нивни детали на платна со големи димензии најчесто со две бои, од кои една е црната. Така природно, еволутивно дојдов до „Форма 3“, каде што се ослободив од боите, но и од четките, па делата се создадени исклучиво со црна боја врз која интервенирам со различни алатки за гребење со кои постигнувам бескрајни релјефни сензации. Атрибути на делата од оваа фаза се:

Монохромност – зашто се насликани само со една боја – црната;

Модуларност – затоа што димензиите на сликите се претходно обмислени секогаш во одреден однос една со друга, што дозволува секоја слика да може да биде дело за себе, но и дел од полиптих;

Мултипликација – затоа што сликите (заради нивната модуларност) се мултиплицираат и така се создаваат нови дела;

Минимализам – зашто делата, концептот и пораката што се испраќа кон пошироката публика се постигнати со минимум елементи – што е најтешко … но, сепак, се работи за резултат на повеќе од 50-годишно уметничко творештво!

Во последниве неколку години Јанкуловски е добитник и на повеќе престижни меѓународни награди – со наградата во Ларнака, Кипар

Само во последниве неколку години добивте значајни меѓународни награди за Вашето творештво на уметнички биеналиња во Фиренца – Италија, Ларнака – Кипар, Варна во Бугарија. Каква беше рецепцијата на вашите дела на сите овие уметнички настани и каде ќе биде Вашето следно претставување?

– Првичната реакција на гледачите генерално е тактилна. Сите сакаат да ги допрат моите слики. Јас им дозволувам… Фасцинацијата доаѓа оттаму што никој не очекува да најде нешто интересно во црната боја. Однадвор, сликањето со црна боја изгледа ограничувачки, во смисла – што може уште да се направи, црната ги впива сите бои, тоа е крајот, таму сè завршува. Но, за мене љубопитноста е став, а истражувањето ми е начин на живот, па јас откривам сè поинтересни работи за црното, и тоа станува приказна без крај.

Во моментов сум тотално опседнат со карбонот – најцрната досега позната црна боја (неодамна откриена со помош на новите технологии, нанотехнологијата) која го апсорбира светлосниот спектар на бои повеќе од 99 проценти. Сликите создадени со оваа боја ја тераат публиката да ги открива сликите чекор по чекор додека им се приближува, правејќи ефект на изненадување при откривање на богатата содржина во сликите, кои на прв поглед изгледаат како црни квадрати или правоаголници.

Токму со дела создадени со карбон црната боја ќе се претставам на две изложби во Њујорк во декември 2022 – во галеријата „Артифакт“ во Долниот источен дел на Њујорк (Lower East Side), во вибрантно соседство со многу уметност, галерии, музеи, како и во „МЦ Галерија“. Сето ова е исклучително мотивирачко за мене како сликар и како што минува времето се ослободувам од другите активности и целосно се посветувам на сликарството. А што е уметноста ако не, како што кажал Пикасо, „…елиминирање на непотребното“!

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 150, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот