ИНТЕРВЈУ | Илијевски и Илоска: Социјалните претпријатија ќе креираат своја и ќе подготвуваат идна работна сила

Климентина Илијевски и Александра Лопарска Илоска/Фото: Колаж на Слободен печат

Денес, социјалната економија во ЕУ обезбедува над 13,6 милиони платени работни места, вклучува над 82,8 милиони волонтери и 232 милиони членови

Европската комисија ја препозна важноста на социјалните претпријатија како клучен елементи за надминување на тековни социјални и економски проблеми. Денес, социјалната економија во ЕУ обезбедува над 13,6 милиони платени работни места, вклучува над 82,8 милиони волонтери и 232 милиони членови. Македонската Влада ја потенцира потребата од развојот на социјалното претприемништво и социјалните претпријатија, како долгорочната визија. За реализација неопходно е носење правна рамка за функционирање на социјалните претпријатија, обезбедување на еднаков правен статус и придобивки за сите социјални претпријатија, стои во во предлог законот, кој е објавен на ЕНЕР. За сето ова за „Слободен печат“, зборуваат Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и Александра Лопарска Илоска, истражувачка на јавни политики– „Паблик“.

Што ќе донесе новиот Закон за социјални претпријатија, кој веќе е поставен на ЕНЕР?

– Новиот Закон пред се ќе отвори можности за активација, градење нови вештини, како и можност за влез на пазарот на трудот за ранливите, потешко вработливи лица. Социјалните претпријатија освен што ќе им понудат можност да се надградат и да бидат самостојни работници во рамки на социјалните претпријатија, можат им послужат и како отскочна штица, односно да ги подготват за отворениот пазар на труд. И ова претставува одлична можност да се одговори на постоечките предизвици на бизнис секторот, а тоа е недостигот на работна сила. Но, за да се случи вакво поврзување, помеѓу понудата и побарувачката на работна сила, неопходно е да се осмисли имплементацијата на Законот. Од една страна социјалните претпријатија за работна интеграција ќе креираат своја работна сила, а од друга ќе подготвуваат работна сила која што во иднина ќе може да се вклучи на отворениот пазар на труд. Сепак, доколку не се испланира имплементацијата, постои ризик лицата кои ќе поминуваат низ програмите на социјалните претпријатија повторно да не можат да се вклучат на отворениот пазар на труд или да останат на ниско платени работни позиции без можности за професионален раст и развој.

Дали во земјава веќе постојат социјални претпријатија и во кои области се?

– Во отуство на сеопфатен регистар, во моментов немаме точни податоци за бројот на социјални претпријатија во земјава. Во пракса, бројот на ентитети кој се препознава како дел од секторот и се декларираат како социјални претпријатија е многу мал, не повеќе од 50-тина ентитети. Притоа, најголем дел од нив се микро ентитети, со мал финансиски обрт, со број на вработени до пет лица. Овие ентитети се активни во различни сектори, како управување со отпад, производство на органска козметика, производство на храна, туризам… Сепак, постојат и исклучоци, поголеми ентитети кои работат во хотелиерството, во органското производство и тие социјални претпријатија треба да ги гледаме како добри примери при развојот на социјалното претприемаштво во земјава.

Во Македонија има многу неактивни и долгорочно невработени лица, дали Законот ќе смени нешто од тој аспект?

– Нашиот предлог Закон за социјални претпријатија се фокусира на социјални претпријатија за работна интеграција и во услови кога имаме толкав број на неактивни и на долгорочно невработени лица, ова го гледам како оправдан чекор. Но, во исто време, како земја, важно е да имаме визија што значи развојот на социјалната економија, да го видиме нејзиниот широк спектар на можности. Генерацијата Зет има поинаква визија за иднината, тие сакаат работни места со цел, сакаат да знаат во што го вложуваат своето работно време, бараат смисла во работата, нив не ги води исклучиво профит, туку ги води мисија. За да развиваш социјална економија потребен е ваков ментален склоп, доброто на заедницата е испреплетено со моето лично добро, а профитот не завршува кај мала група моќници, туку е соодветно распределен.

Кои се најактивните сектори на дејствување на овие претпријатија во ЕУ?

– Вo Европа социјалните претпријатија имаат широк дијапазон на активности. Тие со своето делување решаваат различни општествени и еколошки прашања, па се активни и во ИТ секторот и во производството на енергија кое што глобално станува горливо прашање. Во 2021 година се донесе Европскиот акциски план за социјална економија – „Градење на економија што работи во служба на луѓето“ со цел да се поттикнат социјални иновации, да се поддржи развојот на социјалната економија и да се поттикнат општествени и економски трансформации. Во оваа насока, добар момент е што голем дел од повиците на ЕУ за поддршка на социјална економија, се отворени и за инцијативи од социјалната економија за Западен Балкан, па верувам дека младите со визија и од нашата земја и од регионот, своите идеи, иновации и бизниси со цел, ќе имаат можност да ги развиваат со ваква поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот