Институциите ќе вработуваат без амин на министерот за финансии

Денес на дневен ред во Собранието се измените на Законот за буџети и на Законот за извршување на буџетот. Според нив, Прв контролен механизам е планот за вработувања, што го одобрува Министерството за финансии. Потоа, секој буџетски корисник кога вработува, за секој оглас треба да потпише изјава под морална и материјална одговорност, дека огласот е според планот за вработувања.

За вработувањата во буџетските институции нема да има потреба од потпис на министерот за финансии, туку за нив ќе си одлучува секоја институција според својот финансиски план. Ова се новините во измените на Законот за буџети и на Законот за извршување на буџетот. Според министерот за финансии Фатмир Бесими ова е одлично системско решение, за децентрализирање на одговорноста и за подобрување на менаџментот на институциите во однос на човечките ресурси. Тој вели дека знае дека првичните реакции ќе бидат дека дури вака ќе се случува хаос и дека секоја институција ќе си вработува колку сака, но тврди дека тоа нема да се случи, затоа што постојат контролни механизми.

– Прв контролен механизам е планот за вработувања, што го одобрува Министерството за финансии. Но, потоа нема да биде како сега моќта за вработување да биде концентрирана само кај министерот за финансии, а нема ни да има игри од типот „министерот не одобрува вработување“, а во суштина институцијата нема пари за вработувањето – вели министерот Фатмир Бесими на брифингот со новинарите.

Тој вели дека од идната година секој буџетски корисник кога вработува, за секој оглас треба да потпише изјава дека под морална и материјална одговорност, огласот е согласно планот за вработувања. Изјавата ќе се потпишува во Агенцијата за вработување, или во Агенцијата за администрација, во зависност од тоа каде се распишува огласот.

– Трошењето на буџетот надвор од планираните средства е кривично дело. Затоа, ќе постои депонирана изјава и секој ќе си сноси одговорност –-рече Бесими.

Но, Бесими не можеше да даде прецизен одговор, што ако има вработувања надвор од плановите.

– Тоа ќе се констатира во извештаите на државниот ревизор. Од друга страна, очекувано е да има и реакција и од вработените. За непочитување на надлежностите, тука е обвинителството. Но, дајте да видиме како во пракса ќе функционира ова решение кое ве уверувам дека е добро, па некои работи ќе се решаваат и во од – рече Бесими без да прецизира кај кого ќе биде контролата ако се пречекори планот.

Во однос на претпријатијата кои се под државна капа, а кои се во загуба, Бесими објасни дека вработувањата ќе одат со одлука на Влада.

– На пример, требаат машиновозачи. Но, Железницата е во загуба. Ако ги нема машиновозачите, тие би требале да престанат со работа. За нив ќе се носи одлука од Влада. И на општинско ниво, тие што работат со загуба, треба да докажат дека за суштински ниво им требаат нови вработувања – вели Бесими.

Тој објаснува дека сега се случува често да има разлика меѓу дадената согласност од страна на Министерството за финансии и реализацијата од некое министерство. Како пример го посочи Министерството за здравство за кое според нивна евиденција се дадени одобренија за 993 вработувања, а според Министерството се реализирани 513.

– Кога пред 20-ина години се воведе Министерството за финансии да дава одобренија за вработувања, тоа беше врзано со аранжман на ММФ. Во меѓувреме, многу работи се променија. Министерството за финансии сега само непотребно троши време и енергија со одобрувањата на вработувањата. Многу институции и покрај тоа што знаат дека немаат пари за нови вработувања, ни праќаат барања по принципот да проверат, да не помине. А како ќе помине, ако на пример имаат пари за тројца вработени, а бараат пет – објасни Бесими на брифингот.

Од околу 130.000 вработени во јавниот сектор, околу 85.000 се буџетски корисници. На пример, финансискиот план и планот за вработувања на градинките ќе го одобрува Министерството за труд и социјална политика, а тоа потоа ќе бара согласност за цела година од Министерството за финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот