Иницијатива: Ќе имаат ли шанса скопјани да ја следат работата на општинските совети во живо

Совет на Град Скопје / Фото: Архива

Дали конечно во овој четиригодишен мандат општините и Град Скопје ќе овозможат услови седниците на советите да се пренесуваат во живо за граѓаните да можат да ја следат работата на локалните избраници, останува да се види. Ваква иницијатива деновиве покрена Левица, а ја поддржаа и од Шанса за Центар, но за неа треба да се изјаснат и советниците од останатите политички партии, а потоа и да се овозможат технички услови за реализација на онлајн пренос.

Во некои општини во државата веќе со години жителите имаат можност во живо да ја следат работата на советниците, но не и во скопските општини.

За општините каде што нема ваква пракса, очекуваме при првата следна седница истата да биде спроведена и седниците да бидат соодветно пренесувани во живо од страна на општината, бидејќи општината е должна на граѓаните јавно да им обезбеди достапност до седниците на советот, според член 8 од Законот за локална самоуправа – известија од Левица.

Иницијативата за воведување видео пренос на седниците ја прифаќа и Шанса за Центар, од каде сметаат дека реализацијата ќе обезбеди поголема видливост на работата на Советот на Општина Центар и подобра информираност на граѓаните за одлуките кои се носат, како и за ставовите на нивните избрани советници.

Ова ветување е дел и од заложбите на Шанса за Центар за зголемување на транспарентноста на работата на Советот и на Општината, но и наше барање во Советот уште од 2019 година кое го застапуваше советничката Јана Белчева Андреевска. И во сите други изборни програми има ветување за вакви решенија. На средбата во “Јадро” за усогласување на програмските заложби, а на која беа поканети сите политички страни кои имаат претставници во советот, оваа заложба беше усогласена и со претставниците на СДСМ кои се одзваа на нашата поканата– велат од Шанса за Центар.

Обезбедувањето на пренос во живо на седниците би овозможило поголема транспратентност и граѓаните би имале увид како се решава за проблемите во нивната општина. Се разбира, тоа бара и набавка на соодветна техничка опрема.

Опрема за пренос на седниците засега има обезбедено единствено Град Скопје, но таа се искористи неколкупати само за пренос во живо од неколку градски настани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот