ИНФОГРАФИК | Европските горештини се „свежина“ во споредба со 54 степени во Калифорнија или 52 во Кина

Разладување во фонтана на плус 40 во Рим - Фотографија ЕПА, Џузепе Лами

„Долината на смртта“ во Калифорнија вчера го оправда своето име откако беше измерена рекордна температура од 53,9 степени, а во Кина биле измерени 52,2 степени, откако во јануари температурата се спушти до минус 53

Топлотниот бран што во изминатата и во оваа недела го гори Медитеранот останува во сенка на пеколните температури во Калифорнија или во Кина, каде што живата во термометрите надмина 50 Целзиусови степени.

Долината на смртта во Калифорнија вчера го оправда своето име откако беше измерена рекордна температура од 53,9 степени. Во Детх Вели е измерена досега највисоката температура во историјата (56,7 степени), но одамна не се памети толку жежок ден како изминатата сабота, кога минималната температура не се спуштила под 38 степени.

Пустата калифорниска долина вообичаено е една од најжешките точки на планетата, но од жештините се загрозени 110 милиони луѓе во градовите. Во Феникс во Аризона максималната температура 16 дена по ред не била под 43 степени, а во неделата достигна 46.

Локалните власти во Лас Вегас предупредија дека температурите од 47,2 степени се превисоки и за пустинските услови во Невада. Во Ел Пасо во Тексас максималната температура цел месец не се спуштила под 38 степени, а максималната достигнала 45,5 степени.

Во дури 38 града низ САД температурата ги соборила историските рекорди. Воведени се вонредни мерки, на луѓето им се препорачува да не ги напуштаат разладуваните простории, заради што се отворени сали за згрижување бездомници и лица без климатизери во домовите.

Метеоролозите предупредуваат дека жешкиот бран ќе продолжи барем уште една недела. Тие додаваат дека за жештините придонесува феноменот на топлотна купола, кога високиот притисок го притиска воздухот до површината и уште повеќе го загрева, создавајќи циклично струење на жежок воздух, но и спречувајќи појава на облаци и ветер. Феноменот деновиве ќе се прошири низ јужните региони на САД.

инфографика: Елисавета Бејкова

Во другите региони, во исто време, се предупредува на силни циклони и поројни дождови, поради што се можни поплави. Слична е ситуацијата и во пацифичкиот регион – температури над 50 степени во Кина и катастрофални поплави во Кореја.

Во Кина, каде што пред половина година беа забележани температури од минус 53 Целзиусови (во местото Мохе на 22 јануари), деновиве температурите се за неверојатни 105 степени повисоки. Во местото Санбао во депресијата Турпан во неделата биле измерени 52,2 степени. Метеоролозите предупредија дека во тој регион максималната температура уште неколку денови ќе биде околу 50 степени. Лани Кина беше погодена од суша, а годинава од поројни дождови, особено во централните региони.

Во Јужна Кореја, пак, најмалку 39 луѓе загинаа при поплавите и лизгањата на земја, вклучувајќи ја и големата трагедија кога река кал збриша возила блокирани во тунел. Претседателот Јун Сук-jол вети впрегнување на сите расположливи капацитети за помош на луѓето погодени од невремето, но и дека целосно ќе го преиспита начинот на кој земјата се справува со екстремните ситуации.

– Сезоната на монсунски дождови сè уште не е завршена, а според прогнозата повторно ќе има обилни врнежи. Овој вид екстремни временски настани ќе станат сѐ почести. Треба да ги прифатиме и да се справиме со климатските промени – изјави претседателот Јун.

Во Јапонија беа регистрирани високи температури во 20 од 47 јапонски префектури, а во поплавите по обилните врнежи загинаа осум лица.

Во Европа температурите „едвај надминаа“ 40 степени, но не се памети кога биле повисоки, особено во Италија, каде што е објавена „црвена тревога“ во 16 града. Во Шпанија шумски пожари уништија 5.000 хектари и беа евакуирани 4.000 луѓе. Црвена тревога беше објавена за Андалузија, Арагон, Каталонија и во Мајорка каде што се очекуваат 42 до 44 Целзиусови.

Во Грција горештините полека попуштаат, но атинскиот Акропол и вчера беше затворен за посетители.

Од ден на ден планетата е сѐ пожешка и пожешка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот