„Имам 30 години и сум со маж кој е 27 години постар од мене“: Психологот Дора Попова – Узуновски одговара на вашите прашања

драга дора
Фото: Приватна архива

Имате проблем и сакате совет од стручњак? Дора Попова-Узуновски, гешталт психолог и магистер на Психолошки науки во областа на клиничката и советодавната психологија, основач на Центарот за применета психологија „Дора“ во Скопје, ви дава совет како да го решите вашиот проблем.

Драга Дора, имам 30 години и во подолга врска сум со маж кој е 27 години постар од мене. Имаме навистина убава врска и одлично се согласуваме. Проблемот е што нашата врска ја држиме во тајност веќе со години. Ни моите родители не знаат за тоа, зашто се плашиме од нивната реакција. Како тоа да им го кажеме за да прифатат, кога тој е речиси врсник на татко ми? Сепак, некако верувам дека на крајот тоа ќе го прифатат, но што ако не биде така, а јас не сум спремна за разделба? Како да се носам со осудите на другите луѓе?

-Почитувана,

За почеток добро би било да ги испитате ставовите на вашите родители за врска во којашто има поголема разлика во годините меѓу партнерите. Таквиот разговор ќе биде показател на што да се надевате и каква реакција тие би можеле да имаат. Велите дека повеќе години сте во оваа врска. Тоа значи дека меѓу вас веќе постои емоционална приврзаност на високо ниво, а со тоа и взаемна поддршка. Може да разговарате и со партнерот и проверете на што сте подготвени двајцата. Кога родителите не ги прифаќаат изборите на своите деца, па дури и тогаш кога тие се возрасни, тоа може да биде посебно тешко за детето. Тогаш децата често се плашат и се прашуваат од што би биле лишени, доколку направат избор кој не соодветстува со изборот на нивните родители. Доколку сметате дека навистина постои таква можност, тие да не прифатат, во тој случај би било пожелно да поработите на самата себе и носењето на личните одлуки. Важно е да се сфати дека секогаш родителите нема да стојат со поддршка за вашите лични избори. При тоа е особено значајно да ја пронајдете внатрешната потпора во себе и внатрешната поддршка, како и поддршката од партнерот. Пронаоѓањето на внатрешната потпора значи да бидете подготвена, во случај да загубите нешто однадвор, дека секогаш ќе постои вашата внатрешност, вашето автентично „јас“ кое би знаело што е исправно и според тоа дека е на вистинскиот пат. Само така ќе можете да се справите со осудите и предрасудите од надворешниот свет. Нив секогаш ќе ги има, а ние луѓето не можеме да им се допаднеме на сите. Некогаш за сметка на тоа што е добро за нас, губиме нешто друго или некоја драга личност. Тоа е сепак процес на промена кој е предизвик, не е едноставен и неретко носи болка. Затоа се вели „преземање на одговорност“. Тоа значи личноста да биде способна да даде одговор на сопствените барања. Секоја донесена одлука се носи за сметка на некоја друга. Во вашиот случај, ако се работи за љубов, веројатно ја знаете исправноста на сопствената одлука. Ви посакувам среќа.

Почитувана, комуникативна сум и весела личност, исполнителна и професионална во работата, но мојата работа, за жал, бара и повремено појавување на говорница пред јавност или на телевизија. Тогаш ми се случува кочница, не можам да кажам ниту збор, следува блокада и – колку и да сум се подготвувала – на ништо повеќе не се сеќавам, па изгледам како глупачка. Имам ли паника од јавен настап? И како се надминува паниката од јавен настап, како да бидам релаксирана и елоквентна, каква што всушност и сум, „зад камерите“?

-Почитувана,

Според она што ми го опишувате, во вашиот случај веројатно станува збор за опседнатост со тоа како изгледате, како звучите и како другите гледаат на тоа што ќе го изнесете. Изгледа како да имате постојан сомнеж во тоа што го правите. Веројатно, имате некоја перфекционистичка црта на карактерот, и се трудите да изгледате максимално добро и совршено пред камерите. Главниот проблем овде, сепак се наоѓа во вашата самодоверба и во тоа што постои некој силен внатрешен критичар. На самодовербата би требало малку повеќе да поработите, но и да откриете од каде доаѓа тој критичар во вас и како се создал толку силен. Се разбира дека постојат и техники кои би го ублажиле вашиот страв, меѓутоа за подлабоко да го искорените, потребно е повеќе работа на себе. При работата на себе ќе стекнете поголема слобода да бидете „своја“ и спонтана во јавниот настап, па дури и да направите грешка. Тоа ќе ве направи пооригинална во очите на гледачите. За почеток пред следниот јавен настап може да се повлечете пет до десет минути во некоја потивка просторија и да се обидете со техниката за длабоко дишење, да го скенирате целото тело и да проверите каде во вас се наоѓа немирот кој ви го носи гласот на критичарот. Слушнете го тој глас и видете што има да ви каже. Потоа тоа запишете го на лист хартија и збогувајте се со него со тоа што ќе го фрлите листот во корпа и потоа заменете ја мислата на критичарот со мисла на позитивен поддржувач во вас. Ви посакувам среќа.

Дали би сакале анонимно да поставите прашање? Пишете ѝ на Дора за тоа што ве мачи, на: [email protected] или [email protected] со назнака „Драга Дора“, или преку писмо на адресата „Ристо Шишков“ број 20, Скопје, а ние ќе го објавиме нејзиниот советодавен одговор, или директно контактирајте ја во Центарот за применета психологија „Дора“, на телефонскиот број 075 310 781.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот