Им го кројат ли предизборниот имиџ на политичарите, тролови и ботови од Азија?

Ботови, илустрација/ Фото: Patrick Daxenbichler / Panthermedia / Profimedia

Кога ќе се споменат термините „ботови“ и „тролови“ малкумина сфаќаат дека станува збор за две различни работи. Но она што ги поврзува најчесто е изборниот процес. Во Македонија партиите и политичките центри уште имаат капацитет да ја напаѓаат перцепцијата на граѓаните за нивната голема поддршка, честопати со нелогични следбеници.

На пример, кога ќе се појде на профилите на политичарите и ќе се погледне листата на оние кои ги поддржуваат нивните политички објави, може да се пронајдат профили од Азија и од говорни подрачја кои не се поврзани со македонското и албанското, односно ентитети кои на ниеден начин не би можеле да бидат реално заинтересирани за тоа што се случува со изборниот процес во Македонија.

Социјални мрежи ботови / Фото Skorzewiak / Alamy / Alamy / Profimedia

Ботовите и троловите во земјава ги има. Нивното присуство се споменува уште од 2016 година. Особено во предизборен процес политичките партии и нивните центри се обидуваат да ги пласираат нивните ставови и да допрат до електоратот на што повеќе платформи и што побрзо. Исто така, евидентно е дека тие се обидуваат да создадат имиџ на успех, на начин што ќе прикажат дека имаат голем број на допаѓања, следбеници, досег и така да го привлечат вниманието врз себе и своите политики.

Деновиве актуелни се обвинувања кон ВМРО-ДПМНЕ дека креирале центри, таканаречени „дувла“ од коишто се ширеле лажни вести. СДСМ обвини со име и презиме кои биле тие лица, а за дел од нив во медиумите излегоа информации дека уште во минатото пласирале лажни информации – на пример, случајот кога беше објавено дека владата на СДСМ трошела грдни пари за набавка на морски плодови, нешто што подоцна се покажа дека не било баш така, односно дека морските плодови биле набавувани за повеќе служби, дека се работело за годишна набавка и дека таа набавка била само за специјални настани.

Социјални мрежи ботови / Фото: Tero Vesalainen / Alamy / Alamy / Profimedia

Што се ботови, а што се тролови?
Политички центри и здруженија креираат голем број на мрежи за да се пласираат дезинформации и да се напаѓа политиката на противникот. Ова, според експерти за проверка на факти од земјава, е актуелно уште од 2016 година, па и од 2018 година кога биле пласирани карикатури на Твитер со напади на оние што го поддржуваа Преспанскиот договор.

Главната разлика меѓу ботовите и троловите е во тоа што првите се автоматизирани профили, а вторите се профили на физички лица кои спамираат на социјалните мрежи. Троловите може да имаат лажни фотографии на своите профили, но и вистински. Нивните улоги може да се насочени кон поддршка на својата политичка партија, но и може да се впуштат во негативна кампања, односно да ги напаѓаат политичките опоненти. Повеќето од ботовите се активираат во предизборните периоди, креираат мрежа меѓу себе со заедничка цел на напаѓање и изместување на реалната слика во полза на нивната политичка опција.

Најновите услови на функционирање, овозможуваат политичките лидери да ги спонзорираат своите објави на социјалните мрежи и тоа е новиот вид на модерна комуникација со која може да се прошири пораката на саканата таргет група.
Според нашата анализа на партиските челници и истурени фигури во политичкото владеење, кај нас генерално нема многу ботови и тролови, ама кога ги има, навистина ги има. Но, она што го увидовме е дека има чудни профили на Фејсбук кои се географски оддалечени од Македонија, а синхронизирано лајкуваат еден ист политичар.
Логиката изостанува кога ќе се види дека на пример, еден политички лидер има илјадници следбеници, а само неколку стотини допаѓања на последниот пост. Тука се поставува прашањето дали тие следбеници се реални или купени за да се гради имиџот на таа група на социјалните мрежи на политичкиот субјект.

Твитер – Илон Маск – Ботови/ Фото Слободен печат Колаж/ ЕПА

Со увид на една од фан страниците на политичар во земјава, се забележуваат профили од Виетнам, Пакистан, Ангола, Замбија … кои учествуваат во илјадниците „лајкови“ под неговите објави. Познато е дека социјалните мрежи даваат опција да се купат лажни следбеници кои се креирани дури и од надворешна апликација. Тоа што допаѓањата доаѓаат од надворешна апликација всушност им заштедува пари на корисниците кои ја користат, па за спонзорирани објави трошат помал буџет.

Еден од показателите дека нешто не е во ред, односно кој фрла сомнеж дека станува збор за следбеници кои се „купени“ односно ботови и нереални следбеници е следното: Ако на профилот има огромен број на следбеници, на пример 30 илјади, а многу мал дел од нив се достапни да бидат прегледани и да се пристапи до нивниот профил, а останатите се претставени како „останати“, тоа сугерира дека само креаторот на страницата може да ги види и дека се кријат од јавноста со некоја причина – најверојатно зашто се лажни, потекнуваат од далечна земја и не се вистински инволвирани во следење на политиките на политичарот.

Кај други политичари пак, ситуацијата е поинаква, односно транспарентно може да се пристапи до профилите и се реални профили, а максималното сомнително за нив е тоа што од време на време се без многу фотографии, што може да сугерира на тоа дека можеби се тролови.

Македонските партии најмногу го употребуваат Фејсбук за да се промовираат пред своето гласачко тело, меѓутоа и другите социјални мрежи доживуваат подем, со оглед на тоа што таму се таргетираат посебни групи на потенцијални гласачи според возраст и професионален статус во обид да се сврти вниманието на незаинтересираните гласачи кон политиката.

Најсиромашна е промоцијата на Тик Ток затоа што улогата на оваа социјална мрежа е забавна. Дополнително, на оваа социјална мрежа ограничено е времетраењето на видеото што се објавува на две минути, за разлика од Фејсбук каде може да се објави подолг видеоматеријал.

Азиските „лајкови“ се новите „сајбер сендвичи“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот