Азиските „лајкови“ се новите „сајбер сендвичи“

Социјални мрежи ботови / Фото Stu Gray / Alamy / Alamy / Profimedia

Што се ботови и која е нивната стратегија? Под изразот „бот“, или „ботови“ се подразбираат лице, лица или програмирани компјутерски програми, кои наместо луѓето распространуваат разни вести на социјалните мрежи и на интернет-просторот (блогови, портали итн.), кои се од интерес на објавувачот. Се кријат зад измислени имиња и профили што наликуваат на вистински и како такви вршат ефикасна пропаганда за сопствените политички цели.

Најниската и лесна стратегија и алатките што се користат за обликување на јавното мислење со помош на интернет се лажните ботови.

Сепак, не се измамнички сите профили управувани од ботови! Некои служат за корисна цел и се транспарентни за тоа дека се ботови. И не сите лажни профили се управувани исклучиво од ботови – некои се управувани од луѓе. Лажните профили што ги водат луѓе се профили водени од партиите за да ги критикуваат другите или дури и за да се фалат себеси.

Социјални мрежи ботови / Фото Skorzewiak / Alamy / Alamy / Profimedia

Која е нивната задача?

Нивната задача е да ги критикуваат опозициските лидери, како и масовно да ги коментираат најавите на другите медиуми, со пофалби за партијата на власт и да го величаат нивниот лидер.

Секој општински одбор има јато ботови во зависност од големината на локалната власт, градот или општината во која работат. Но, повеќето од ботовите на нашите политичари се индиски, арапски и виетнамски лажни профили, профили-ботови со слики од атрактивни жени од Македонија, стари печалбари-патриоти и вештачки креирани ликови за кои е тешко да се детектираат.

Повеќето од реалните ботови што стојат зад лажните профили се луѓе што се „патриотски програмирани“.

Агитирање, ширење политички пропаганди преку социјалните мрежи и интернет, но и повикување на линч, па дури и експлицитен говор на омраза кон политичките опоненти, луѓе и профили на лица на социјалните мрежи е сликата што се провлекува во Македонија пред речиси секој изборен циклус години наназад, а е присутна и денес.
Имено, од речиси сите досегашни предизборни кампањи, македонското општество е инфицирано од интернет-армии од стотици партиски активисти, кои ги репродуцираат пораките на политичките лидери за да добијат поголема гледаност.

Ваков феномен не е нешто непознато за земјите од регионот, а медиумите од Хрватска на оваа тема во изминатиот период анализираа и заклучија дека политичките партии во земјата на интернет купуваат таканаречени ботови, многу лесно и за мали пари. Како што се наведува во текст на хрватски Индекс, хрватската невладина организација Гонг, која ги надгледувала изборите во земјата (годинава имаат три избори), детектираше огромен број лажни профили што се одушевуваат од понудата на ХДЗ и од изјавите на Пленковиќ.

Според медиумот, за само седум долари можат да се купат 500 „лајкови“. Се купуваат и „пријатели“, вештачки се пумпа бројот на прегледи за да се остави впечаток дека некое видео е популарно, а има решение и за коментари бидејќи постојат многу страници што нудат оставање коментари приспособени на потребите/јазикот на купувачот.

За состојбата со фармите на ботови во Македонија, нашиот експерт Емир Хасановиќ, политички аналитичар, ни потврди дека во Македонија истражувањата на оваа тема се комплексен потфат.

– Ботовите и нивното користење е глобален тренд, кој служи за прикажување на зголемена привидна популарност и стимулирање на алгоритмите што ја промовираат содржината кај повеќе корисници. Во термини што ги разбираме, ботовите и нивната улога може да се спореди со партиските митинзи и мерење на партиската потенција, но во виртуелна арена. Односно тој што има повеќе „лајкови“ и коментари, се перципира како попопуларен. Во нашата земја, за жал, нема доволно истражувања на оваа тема, бидејќи тоа е мошне комплексен потфат. „Natural language processing“ и тестирањето кое може да ни даде научни заклучоци, за жал, не е доволно застапено кај нас. Без податоци и докази не би можел да коментирам со сигурност за присуството, меѓутоа има многу индиции дека ботовите и манипулацијата со алгоритмите ќе станат една нова опција на бескрупулозните кампањи. Постои реална и итна потреба да се градат капацитети за следење на оваа малигна појава – вели Хасановиќ.

Емир Хасановиќ / Фото принтскрин

Комуникологот Бојан Кордалов за „Слободен печат“ за истата тема вели дека секој обид за манипулација или изигрување на слободната волја на граѓаните, претставува сериозен проблем и удар врз демократијата.

– Само слободно изразената изборна волја и глас можат и водат кон унапредување на општествата, а со самото тоа и кон напредок на демократските процеси и положбата на секој човек. За жал, според сè поголемиот број анализи и истражувања што доаѓаат од официјалните европски институции, станува јасно дека странските влијанија врз изборните процеси се во подем, а оттука е неопходно македонските институции уште попосветено да се здружат со меѓународните институции во создавање отпор и успешна битка со овие негативни појави. Дополнително, политичките партии мора да излезат од онаа стандардна преокупираност само со голата желба за победа и директно да изградат вештини и ресурси за да знаат како да ги препознаат и да се справат со ботовите, со странските влијанија преку дезинформации и штетни наративи, а со тоа и да дадат конкретен придонес во оваа важна демократска битка од интерес за секој наш граѓанин – вели Кордалов.

Бојан Кордалов – коминиколог/ Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

Политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека не е изненадување што политичките партии се секогаш иновативни кога станува збор за собирање гласови за преземање на власта.

– Овие „иновативни решенија“ честопати надминуваат минимално етичко однесување и здрава политичка конкуренција со тоа што не избираат средства за постигнување на целта. Во овој контекст, социјалните мрежи како комуникациски канал многу се експлоатираат за ширење партиска пропаганда, особено црни кампањи. Северна Македонија не е исклучок од светскиот тренд каде што „трол-фармите“ се главни носители на дигиталните кампањи, а во многу случаи и главни инструменти за масовна дезинформација! Нивната употреба не е наменета само за ширење одредена политичка порака, туку почесто се користат за оцрнување на политичките противници, за промена на перцепцијата и за наметнување одреден наратив за различни прашања и настани што влијаат на рејтингот на партијата. Денес, сите страни, покрај официјалните комуникациски центри, секако имаат и алармни центри со фарми за тролови – вели Селими за „Слободен печат“.

Сефер Селими/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

За партиските ботови

Партија е здружение на граѓани кои имаат индивидуално членство. Секоја партија треба да има одреден број членови, а нивниот став и цели се да изгледаат успешни и јасни, особено на социјалните мрежи. А колку се јасни?

Соопштувањето на политичките цели и барањето јавна согласност, отсекогаш било дел од
главните барања за политичко лидерство во демократијата. Сепак, од почетокот на
современата партиска демократија, условите и манифестацијата на комуникација значително е сменета. Она што порано бараше неколку денови за анализа, сега може да потрае неколку минути со користење компјутери за анализа на важни информации.

Рекламирањето на политичките кампањи се прошири надвор од статичните дводимензионални веб-страници, кои порано служеа како онлајн билборди, летоци за кандидатска позиција и традиционални собирања на партиските поддржувачи. Сето ова движење на современата комуникација воведе нова ера на онлајн потрошувачки медиуми и мрежни содржини.

Во Македонија тие „современи комуникации“ се релативно нов збор во политичкиот речник. А како практика на користење на интернетот во глобално политичко рекламирање, тоа датира дури од деведесеттите години на минатиот век.

Партиските стратези се инспирирани од американското искуство. Меѓутоа, за да се натераат македонските гласачи да бидат вовлечени во веб-политиката во доволен број на прво место, се бара посистемски пристап.

Таа „современа“ комуникација најмногу стреми кон платформите за социјални медиуми што се дел од секојдневниот живот, овозможувајќи им на луѓето низ светот меѓусебно поврзување во големи групи за дискусија кои се однесуваат на секоја тема, вклучително и важни социјални или политички прашања. Исто така, социјалните медиуми се богат извор на податоци со секакви информации, кои ефективно се искористени за проучување на однесувањето на луѓето, нивните мислења, ставови, расположенија, интереси и активности.

„Нешто повеќе од 50 отсто од корисниците користат интернет за информирање и за читање вести“, се наведува во извештајот на Македонскиот институт за медиуми. Овој процент кај младите од 15 до 29 години оди и до 85 отсто.

Но, за разлика од традиционалните медиуми, социјалните мрежи се многу голема алатка во рацете на дезинформаторите.

Голем број истражувања покажаа дека социјалните медиуми играат важна улога и во циркулацијата на имиџот за јавната политика. И на тој начин, сè повеќе македонски
политички платформи почнаа да управуваат на социјалните мрежи преку канализирање на дезинформации и манипулативни кампањи, преку спамирање, ширење дезинформации, а и бодрење на нивните сопартиски „браќа“.

Според нашата анализа на профилите на раководителите на партиите и партиските профили, овие податоци покажаа употреба на „лажни“ профили, модерно дефинирани како социјални ботови, кои се појавуваат како легитимни корисници, имитирајќи човечко однесување насочено кон влијание на дискусии од секаков вид, вклучително и политички прашања, особено пред изборите.

Ботовите што спамираат на политичките страни како Твитер, Фејсбук и пошироко се лажни профили и се отворени само од една причина: да се користат за пропаганда, а во најчест случај нивно користење за „лајкување“ и коментирање на активностите што ги спроведува некој инфлуенсер, главниот функционер или партијата…

Нивното ботување треба да помогне и да создаде некаква перцепција дека таа партија или функционер е поддржан од народот.

(Продолжува)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот