Идејата за 70-часовна работна недела ги растргна Индијците

Индијки на „хакатон“ во Бангалор - Фотографија ЕПА, Џагадиш НВ

Ако значително не ја зголемиме работната продуктивност, нема шанси да се натпреваруваме со земјите што прават огромен напредок. Затоа моето барање од младите е да кажат: „Ова е моја земја. Би сакал да работам по 70 часа неделно“, порача милијардерот Нарајана Мурти

Како најнаселена земја на планетата, Индија има огромен потенцијал, но за да го фати побрзо чекорот со најнапредните земји Индијците ќе мора да ги сменат навиките и да работат многу повеќе, речиси двојно отколку досега.

Јавноста во Индија е растргната од иницијативата на милијардерот Нарајана Мурти, кој побара младите луѓе да работат по 70 часа неделно за да ја задвижат економијата на земјата. Индијците, особено младите, жестоко ја отфрлаат и ја критикуваат оваа идеја, но индустријалците и економистите објаснуваат дека навистина ќе мора драстично да се променат работните навики ако земјата воопшто сака да се натпреварува на глобалната сцена.

Со имот проценет на 4 милијарди долари, софтверскиот магнат Мурти не е ни меѓу најбогатите десетмина Индијци, но е највлијателен затоа што неговата ќерка му е сопруга на британскиот премиер Риши Сунак.

– Работната продуктивност на Индија е меѓу најниските во светот. Ако значително не ја зголемиме работната продуктивност, нема шанси да се натпреваруваме со земјите што прават огромен напредок. Затоа моето барање од младите е да кажат: „Ова е моја земја. Би сакал да работам по 70 часа неделно“ – порача Мурти во емисијата на филантропот Мохандас Паи.

Млади и стари, експерти и новинари, телевизии и весници, а особено корисниците на социјалните мрежи, не прекинаа да ја коментираат оваа идеја – едните за да ја потсечат во корен пред да стане официјална иницијатива, а други да укажат на предностите и на алтернативите.

Огромно мнозинство од младите Индијци се против.

– Нема време да се дружиме, да бидеме со семејството, да вежбаме и да се рекреираме. Да не зборуваме дека компаниите очекуваат работниците да им бидат на располагање и кога ќе заврши работното време. Па потоа да не се чудите зошто толку млади луѓе страдаат од срцеви удари – коментирал на социјалните мрежи кардиологот Дипак Кришамурти.

Без труд нема успех

Амбициозните претприемачи размислуваат во спротивна насока.

– Ако сакате да бидете број 1, да бидете најдобар, младите мораат да вложат поголем труд и повеќе време на работните места. Индија навистина сака да се натпреварува со САД и со Кина. Ако сакаме да оствариме велики резултати, тогаш да, ќе мора да жртвуваме толку многу часови за да работиме – вели Ајушмаан Капур, основач на софтверската компанија „Зино“.

Индијците официјално веќе работат повеќе отколку Американците и Европејците. Просечната работна недела во Индија е 47,7 часа, што е речиси за речиси два работни дена повеќе отколку во САД (36,4 часа), во Обединетото Кралство (35,9 часа) или во Германија (34,4 часа), според податоците на Меѓународната организација за труд. Помалку часови неделно на работа поминуваат и традиционално работливите Јапонци (36,6), како и вработените во Сингапур (42,6 часа). Статистички Индија е најблиска до Кина, која исто така има просечно помалку работни часови неделно (46,1).

Фабрика за слатки за празникот Дивали во Ананда Баван – Фотографија ЕПА, Натан Г.

Идејата на Мурти се споредува со иницијативата 996 што ја прифатија многу кинески компании – работа од 9 часот претпладне до 9 часот навечер 6 дена во неделата, односно вкупно 72 часа. Не е објаснето како би биле распоредени часовите низ неделата во Индија, но ако на луѓето им се остави барем еден слободен ден неделно, не останува простор а да не се преслика системот 996.

Веќе работат по 60 часа

Долгогодишниот службеник во одделенија за човечки ресурси Вивек Мудалијар вели дека Индијците всушност веќе работат по 55 до 60 часа неделно.

– Тоа е реалноста, особено за оние што работат со глобални клиенти и имаат состаноци и разговори во незгодни часови. Негативните коментари на идејата на Мурти се само рефлексна реакција. Седумдесет часа звучи многу. Немаше да има толку жестоки реакции ако тој кажеше 60 часа – вели Мудалијар.

Капур вели дека одржувањето баланс помеѓу работата и животот е „западен концепт што не важи во Индија“.

– Развиените земји веќе имаат добра економска основа, врз која може да се потпираат и во следните сто години. Индија, од друга страна, веќе изгуби многу време и секој граѓанин мора да вложи голем број работни часови за националниот економски раст – тврди сопственикот на софтверската компанија.

Тој објаснува дека целиот труд не мора да биде вложен во една компанија, туку да биде расчленет на повеќе.

Синдикатите на индиските софтверски компании жестоко го нападнаа Мурти поради коментарот, истакнувајќи пред сѐ дека е „нелегално да се принудува кој било човек да работи повеќе од 48 часа неделно“, односно шест дена во неделата по осум часа.

– Со засилената автоматизација треба да има константно намалување на работните часови, за да остане повеќе време за креативност и разонода, што од друга страна ја подобрува продуктивноста – соопштија синдикатите.

Одморот ја зголемува продуктивноста

Овој став го поддржува и Меѓународната организација на трудот, објаснувајќи дека претераниот број работни часови се одразува негативно на продуктивноста и на здравјето.

– Долгорочните ефекти вклучуваат зголемен број случаи на зарази, хронични инфекции и ментални болести – објави ИЛО.

Експерти нудат алтернативно решение на проблемот – компаниите да ги мотивираат вработените да работат повеќе и понапорно.

– Давањето избор на луѓето самите да го скројат работното време и просторот е важен предуслов за продуктивност. Ние го напуштивме ставот дека строгото дефинирање на работното време е единствениот рецепт за успех – вели Чандрасехар Срипада, професор по организациско однесување на Индискиот факултет за бизнис. Тој, сепак, додава: „Тоа не важи за напорот. Напорната работа останува мера за успехот“.

Мудалијар истакнува дека флексибилноста треба да биде насочена кон младите мајки за да се мотивираат повеќе да се вработат.

– Долгите часови на работното место го продлабочуваат јазот, отежнувајќи им на жените да напредуваат како мажите, поради што тие се обесхрабрени да градат кариери – вели експертот за човекови ресурси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот