И за Македонија и за Бугарија изборите поважни од преговорите

Знаме на РСМ и Република Бугарија / Фото: Архива на Слободен печат

Молк Скопје и Софија веќе два месецa не водат политички разговори, слаба е динамиката и на работните групи, а министерот за надворешни работи Бујар Османи не може да прецизира кога последен пат специјалниот претставник Владо Бучковски бил во Софија – впечаток е дека двете земји се фокусирани на внатрешните проблеми и на предизборието, а приоритетот евроинтеграции е паднат во втор план.

Политичката ситуација во Бугарија каде нема да се состави влада и по вторите парламентарни избори, како и изборната есен во двете земји го запечатија мислењето дека Македонија оваа година нема на што да се надева за почеток на преговорите за членство со ЕУ, што, пак, иако звучи парадоксално, според оценките на аналитичарите може да излезе и добро за нас.

Скопје и Софија веќе два месеца не водат политички разговори, слаба е динамиката и на работните групи, а министерот за надворешни работи Бујар Османи не може да прецизира кога последен пат специјалниот претставник Владо Бучковски бил во Софија. Впечаток е дека двете земји се фокусирани на внатрешните проблеми и на предизборието, а приоритетот евроинтеграции е паднат во втор план.

Детергент за совеста на Германија и на Франција

Лидерот на НСДП Тито Петковски вели дека ништо суштествено нема да се промени засега, без разлика дали Бугарија има техничка или политичка влада.

Техничката влада е со ограничен мандат за далекусежни политички решенија, а претседателот Румен Радев, пак, води националистичка политика и ја моделира политичката активност во своја полза. Тој би сакал и со уставни измени да се воведе претседателски систем во земјата, односно како единствена функционална владејачка институција во Бугарија ја води политиката во насока на негов реизбор. Но, и да има влада, тоа нема да смени ништо. Потврда за тоа е, на пример, и новата изјава на Кирил Топалов дека Белград ја попречува Македонија на патот кон ЕУ. Тој е член на мешовитата историска комисија која треба да е научна, академска, а дава оценки како да е министер за надворешни работи – вели Петковски за „Слободен печат“.

Тој оценува дека долгото траење на бугарската блокада за македонските преговори со ЕУ може да излезе и корисно од аспект што се остава простор во Бугарија да се зголеми бројот на разумните политичари, кој засега е мал, плитичари кои, како што вели, „ќе го освестат општеството дека Македонија не може да е под нивна контрола“.

Запрашан за последиците за нашите евроинтеграции од предолгото траење на спорот и опасноста да се пропуштат напорите на словенечкото претседателство, Петковски вели дека ништо не е случајно во овој процес.

Земјите како Германија, Франција и Холандија не сакаат проширување на ЕУ и јас сум убеден дека тие ја користат Бугарија како заморче, како детергент за да ја исперат својата совест, односно како оправдување за непроширувањето. САД видоа дека ЕУ не е способна да ги реализира своите заложби за проширувањето и почна да делува. Сојузот Отворен Балкан кој неодамна беше формиран меѓу Македонија, Србија и Албанија беше иницијатива изнесена на самитот во Сараево во 2019 година токму од САД за целиот Западен Балкан, како обид да се воспостават нормални односи во регионот. Тоа е некоја алтернатива на ЕУ. Тоа не е нова Југославија, како што се коментира, но е добра подготовка за Македонија во иднина, затоа што ќе овозможи развој, изградба на инфраструктура и слично – вели Петковски.

ЕУ ни должи

Според министерот Османи, вестите дека во Бугарија ќе има трети по ред парламентарни избори се обесхрабрувачки за нашите очекувања дека ќе ги почнеме преговорите со ЕУ до крајот на годинава.

– Се покажа во изминатите месеци дека политичка влада е важна за надминување на разликите, иако јас се надевав дека тоа ќе може и со службена влада затоа што одлуката за меѓувладина конференција е службена, а политичката одлука за почеток на преговори е веќе донесена – вели Османи.

Тој повтори дека одговорноста што не преговараме е на ЕУ, а не на македонската влада, затоа што земјата не само што ги исполнува базичните услови за преговори, туку и ги надминува, а Унијата не успева да постигне консензус и да им верува на сопствените институции.

Османи откри дека последниот состанок на експертските тимови на двете земји бил пред пред неколку недели, а за да се направат суштински исчекори е потребна политичка влада.

– Мојот став е дотогаш да не се создаде „гап“ во комуникацијата бидејќи тогаш потешко ќе може да се направи атмосфера за продолжување на разговорите. Треба да се продолжи со мерките за градење доверба –  изјави Османи.

Ставот на премиерот Зоран Заев е дека членството во ЕУ останува најголема стратешка аспирација, но ќе расте и соработката во регионот.

– Во меѓувреме, ќе направиме се да го олесниме нашиот живот овде во Северна Македонија, во регионот, во земјите со коишто сме заедно аспиранти за полноправно членство, заедно со земјите соседи кои се членки, Бугарија и Грција и со шесте земји од Западен Балкан. Верувам дека се повеќе ќе придонесеме во севкупното олеснување, европеизирање на животот – рече Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека во декември треба да се испорача тоа што е ветено, односно на следниот самит на ЕУ да почне процесот на преговори без какви било условувања.

– Нема повеќе потреба за договори и преговори. Што ќе се преговара или договора со која било идна влада на Бугарија? Нели прашањето со Бугарија е затворено? Што е сега повторно договарање или преговарање, па да зависиме дали некој ќе направел влада, едноставно во декември треба да се испорача тоа што е ветено. Јас разбирам принцип на консензус, ја разбирам волјата на мнозинството земји-членки, но ако навистина таму тие сакат да има почеток на преговори со Македонија, тоа ќе го дозволат на следниот самит без какви било условувања, преговарања и договарања – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот