И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со ист став: Политичките партии со 30 отсто помалку средства за оваа и за наредната година

СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ/Фото: Слободен печат

Партиите денеска со ист став дека во донесениот Законот за финансирање на политички партии се предвидува намалување на средствата што се предвидени за политички партии и тоа по 30 отсто за оваа и за наредната година.

СДСМ, според пратеничката Фаница Николоска, истакна дека ако се спореди со 2019 година токму поради економската криза предизвикана од коронавирусот има намалување со 30 отсто.

– Тоа е со консензус на сите политички партии, освен од една која што беше против тоа намалување предложено од другите политички партии. Секако, СДСМ како одговорна политичка партија и во изминатиот период и Владата предводена од СДСМ покажа во духот на солидарноста дека е секогаш спремна да им помогне на граѓаните со предвидување на финансиски средства со кои што беа опфатени најранливите категории со изминатите три пакети мерки, сега на ред е и четвртиот пакет мерки, рече Николоска.

Потсети дека СДСМ како политичка партија и дел од функционерите во изминатиот период донирале средства таму каде што биле најпотребни, но, исто така, нагласи дека доколку има потреба тие ќе донираат средства за да се помогне и во фондот кој што е отворен за обезбедување на финансиски средства за справување со коронавирусот.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, повтори дека средствата за политичките партии се намалени и оти опозициските пратеници, онака како што најавиле, учествувале при носењето на законите поврзани со корона-кризата.

– Ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, рековме дека ќе учествуваме активно при донесување на законите за намалување на кризата, како здравствената така и економската. Во тие решенија беше законското решение за социјално-загрозените категории, би рекол, и сите оние категории на граѓани, кои што спаѓаат во неа, а не се мала бројка. Во тоа законско решение беше и исплаќањето на субвенциите на лозаропроизводителите кои ги очекуваат овие средства во однос на лошата земјоделска година што ја имаа. Меѓу другите, тука беше и законското решение за финансирање на политичките партии. Практично со новото законско решение го намаливме финансирањето на политичките партии, кое што законски е уредено на 70 проценти, за оваа и за наредната година или во суштина за 60 проценти намалување на финансирањето на политичките партии во наредните две години, имајќи ја предвид економската, здравстената криза и она што значи работа на државата во наредниот период, рече Мицевски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, според него, немаат намера да ги повлечат амандманите за Деловникот и со тоа да го одблокираат носењето на дополнувањето, што би значело и можност за онлајн изјаснување на пратеници со ковид-19 или во самоизолација.

– Не планираме да ги повлечеме амандманите затоа што во процесот „Жан Моне” ние разговаравме за промена на Деловникот, ја разбираме сложеноста и комплексноста на состојбата, меѓутоа 115 пратеници се далеку од доволно за да може Собранието да работи и со физичко присуство, истакна Мицевски.

Сведоци сме, додаде тој, дека седницата во саботата мина во најдобар ред имајќи во предвид дека имаше дијалог и заедничка согласност да минат законите за поддршка, односно за субвенционирање на граѓаните. Мицевски посочи на отсуство на дијалог и транспаретност на власта по однос на законските решенија.

– Сите законски решенија кои се поврзани со помош и поддршка на граѓаните, економијата и стопанството, како што рековме ќе бидат поддржани од опозицијата. Меѓутоа, закони кои сакаат да се протнат на мала врата и кои немаат допирна точка со овие состојби, потребно е да бидат исдискутирани, поразговарани пред да се најдат на собраниска седница. Деловникот е еден од тие закони кои сакаат на сила да влезе во Собранието. Секое законско решение кое на тој начин, насилнички ќе се проба да се вметне во Собранието ќе го доживее истата судсбина како што ја доживеа и Деловникот, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.

Николоска, пак, од СДСМ рече дека тие се отворени за соработка и за разговори, бидејќи на државата и е потребен целосно функционален парламент.

– Сведоци сме дека ВМРО-ДПМНЕ со апсурдни, со бесмислени, смешни амандмани го блокира донесувањето на измените и дополнувањата на Деловникот. Веруваме дека ќе преовлада свеста и кај нив и ќе се удостојат овие измени да ги донесеме затоа што се неопходни и за државата и за граѓаните, рече Николоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот