И Алити и Ангелов едногласни: Цивилните жртви од 2001-ва да добијат отштета без оглед на националноста

Македонските и партиите на Албанците треба со закон да ги опфатат цивилните жртви од конфликтот во 2001 година. Тие семејства изгубиле блиски, но да се опфатат и исчезнатите Албанци и Македонци во 2001 година. Не станува збор за голема бројка, вели Рафиз Алити, експретседател на Собранието

Нема одговор дали Владата е подготвена да ги обесштети или да им помогне на семејствата на убиени, ранети и исчезнати цивили (Македонци и Албанци) во конфликтот од 2001 година. Прашањето дали ќе подготви закон за таа категорија граѓани, кои во 2001 година настрадале како колатерална штета во воениот судир помеѓу припадниците на безбедносните сили и припадниците на т.н. ОНА, го воскресна Рафиз Алити, експретседател на Собранието, во телевизиско гостување.
Алити тврди дека премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети веќе разговарале за тоа, што Ковачевски експресно го демантираше. На нашето прашање до затворањето на весникот, не добивме одговор од Владата дали владините партнери разговарале за настраданите цивили.
Алити за „Слободен печат“ вели дека и ексгенералот Стојанче Ангелов изјавил дека разговарал со Ахмети и со Ковачевски и дека има расположение да се донесе таков закон.

– За припадниците на ОНА, според Рамковниот договор, е предвидена ресоцијализација, и 70-80 отсто од припадниците на УЧК се вработени и или се интегрирани некаде, но има некои што се без работа. Македонските и партиите на Албанците треба со закон да ги опфатат цивилните жртви од конфликтот во 2001 година, без оглед на националноста. Тие семејства изгубиле блиски, но да се опфатат и исчезнатите Албанци и Македонци во 2001 година. Не станува збор за голема бројка. Исчезнати се повеќе мажи, сопругите ги израснале децата сами и сега треба некаква грижа за нив. Законот треба да го направат експерти и тој да се однесува за цивилите и за исчезнатите. Не зборувам за обесштетување лица под униформата на УЧК – вели Алити.

Ангелов за „Слободен печат“ е категоричен дека премиерот нема врска со тоа прашање.

– Премиерот со ова нема врска. Јас преговарав и јас преземам одговорност за изјави во тој дел. Ако има нешто за исчезнатите цивили, тоа треба да важи за двете страни. Но, ова е мој политички став. Кога јас зборував за обесштетување на воените инвалиди и на семејствата на загинатите бранители, имаше и едно барање да им се помогне и на цивилите што настрадале, оти има ранети и повредени. Но, тоа е надвор од мојата надлежност. Премиерот не бил расположен никогаш да прифати нешто, што било за другата страна – вели Ангелов.

За иницијативата на „Достоинство“ за обесштетување на петнаесетина семејства на загинати бранители, како и на триесетина воени инвалиди од 2001 година, за која Ангелов неодамна најави дека ќе излезе од Владата ако биде отфрлена, вели дека нема ништо ново.

– Нашата иницијатива уште не е отфрлена, но не е ни решена позитивно. Јас имав одврзани раце да преговарам и разговарав со претставници на ДУИ за да добијам поддршка. Во ниеден момент не станало прашање дека тие бараат закон за статусот на ветераните на УЧК. Како „Достоинство“ 15 години повторуваме дека нема да дозволиме да бидеме израмнети со тие кои ја нападната државата, ставајќи нè во ист закон. Но, генерално, од морален аспект, за ранетите и повредените цивили во војната нема проблем да им се помогне ако некој сака и му треба помош од државата, зборувам за цивилите Албанци – вели Ангелов.

Тој додава дека има надеж да се прифати иницијативата за бранителите и дека ако цената за тоа е да бидат опфатени и цивили-Албанци од конфликтот тоа е прифатливо.

– Мене како човек тоа не ми пречи, луѓе кои се ранети, повредени, што биле колатерална штета… На Абедин му настрада половина семејство, 10 мртви и повеќе ранети, меѓу кои и неговиот син ранет во глава. Настрадаа како колатерална штета – вели Ангелов.

Поранешниот припадник на ОНА Абедин Зумбери за „Слободен печат“ открива дека пред три години за обесштетување на цивилните жртви од конфликтот, заедно со Ангелов разговарале и со претседателот на државата Стево Пендаровски, но дека не добиле конкретен одговор.

– При гранатирање од безбедносните сили изгубивме 10 члена од семејството, деца и жени. По конфликтот тужевме за 10 члена од семејството и, за жал, за ниту еден од семејството не добивме обештетување за цивилните жртви. Не само што не добивме, туку моравме да платиме и судски трошоци. Некои од предметите ги пуштивме до судот во Стразбур, но и од таму уште нема одговор. Обесштетувања добија Македонци од Матејче и од други села, дури и за стока и за земјиште, а ние не можеме за луѓе, за цивилни жртви. Не верувам дека има повеќе од 25 до 30 цивилни жртви – вели Зумбери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот