За што ќе пресечат партиите – позитивна или негативна кампања

Билборди за претседателски избори /Фото: Слободен печат, архива

На само неколку денови од почетокот на процедурата за избор на техничката влада а со тоа и официјално влегување на промотивните кампањи на партиите во изборниот период, некои од политичките чинители веќе почнаа да излегуваат со промоции и политички пораки што изобилуваат и со омаловажувачки тонови.

Аналитичарите, иако засега позитивно го оценуваат првичниот период пред официјалниот почеток на изборната кампања за шеф на државата и изборот на народните претставници во Собранието, сепак, сметаат дека подоцна ќе се „расипе“ и вокабуларот и ќе се интензивираат меѓусебните напади и осуди за тоа кој што сторил во минатото и сл.

Дел од коментарите на упатените дека во земјава, се дека за жал 30 години наназад не постои критериум за чиста изборна кампања, независно дали е за претседателски или парламентарни избори, а тоа во ист момент нè оддалечува од европските вредности, но и кампањи што се одржуваат во западните демократии.

Професорот Јове Кекеновски за оваа тема вели дека кампањите се започнати од поодамна. Навреди, лажни вести, меѓусебните политички обвинувања и сеењето непотребен страв во пораките беа и сè уште се главна пропагандна техника каде што рационалното кај граѓаните се потиснува на сметка на емотивното, а со тоа публиката станува лесен плен на какви било манипулации од различните информациски центри во речиси секои изборни циклуси години наназад. Според него и за овие избори се очекува агресивна и валкана изборна кампања како што ќе одминува времето.

Проф. д-р Јове Кекеновски/ Фото: Слободен печат

– Повеќе од јасно е дека кампањата ќе биде валкана. Не исклучуваме можност да има тензии што би можеле да преминат во различни облици на посериозно или помалку сериозно насилство особено на социјалните мрежи. Од она што можам да го кажам е дека ќе ни бидат потребни сериозни набљудувачи на овој процес за да се ловат сите важни аспекти – објаснува Кекеновски.

Според Кекеновски, нејасно е какви ефекти ќе имаат кампањите на партиите во периодот што следува, но јасно е дека земјава тешко ќе може да ги достигне европските, но и светските нивоа на демократски одржани изборни кампањи.

– Ќе преовладуваат обвинувањата за корупција, за злоупотреби и крадења од една страна и правдања за отчетноста и што е сработено од друга страна на партиите на власт. Жално е дека за три декади не создадовме демократско општество каде пред граѓаните, партиите ќе се натпреваруваат со програми и визии туку останавме закоравени во размислувањата и плановите за подобро утре на граѓаните – заклучува Кекеновски.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека споредбено со минатите избори, атмосферата сега е многу помирна, па, според него, постојат солидни предуслови за да имаме фер избори. Во однос на кампањата, нè очекуваат големи изненадувања во настапите и стратегиите на политичките партии, односно претседателските кандидати.

Петар Арсовски / Утрински брифинг

– Клучниот дел околу програмските определби на кандидатите ќе биде поврзан со надворешната политика односно уставните измени и ЕУ. Ќе преовладуваат обвинувањата и аргументите кој е за а кој против ЕУ. Но, поделеноста на општеството во секој сегмент наведува дека сепак ќе ни престојат кампањи со оцрнувања наместо со проекти и планови. Дополнение на ова мое размислување може да се увиди од секојдневните прес-конференции на партиите кои се преполни со навреди а изостануваат плановите за развој и прогрес – заклучува Арсовски.

Аналитичарот оценува дека засега нема истражувања дали негативните кампањи имаат успех во Македонија, но според него оправдано е прашањето зошто партиите најмногу користат таков тип кампања и дали им е добар изборот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот