Хаос во ПСЖ: Ал-Келаифи повторно ги „бркаше“ судиите, спречена тепачка помеѓу Нејмар и Донарума

Ново раззочарување за фудбалерите на ПСЖ/ фото: EPA-EFE/Sergio Perez

Елиминацијата на ПСЖ од Реал Мадрид во осминафиналето во Лигата на шампионите „ја отвори пандорината кутија“ кај „светците“ и на виделина излегоа проблемите во тимот кои вчера за малку ќе резултираа со тепачка помеѓу фудбалерите.

Сопствениците на ПСЖ, катарското кралско семејство, не жалат средства за да ја остварат целта – триумф во Лигата на шампионите, скапо се плаќаат најголемите фудбалски ѕвезди, но веќе 11 година никако да ја остварат целта. Најблиску беа во 2020 година кога во финалето на ЛШ загубија од Баерн Минхен, а по вчерашната елиминација од Реал Мадрид излезе на виделина нетрпеливоста помеѓу фудбалските ѕвезди.

По поразот од 3:1, претседателот на „светците“ Насер Ал-Келаифи, според пишувањето на весниците „Ас“ и „Марка“ експресно ја напуштил ложата на „Сантијаго Бернабеу“ и се обидел да влезе во соблекувалната на судиите за да го искаже револтот од судењето, но влегол во погрешна просторија.

„Проблемот настана кога Ал-Келаифи се збуни и наместо кај судиите заврши во собата на Мехиа Давил, делегат на Реал Мадрид на теренот.  Вознемирен, претседателот на ПСЖ со мака беше отстранет од просторијата оставајќи прилично срамна слика за неговото однесување“, пишува „Марка“.

Ал-Келаифи бил лут поради поништениот гол на Мбапе поради офсајд, како и за наводниот прекршок врз голманот Џанлуиџи Донарума при првиот гол на Карим Бензема.

Медиумите исто така пишуваат дека во последен момент била избегната физичка пресметка помеѓу Донарума и Нејмар. Наводно, Нејмар го обвинил голманот дека е главен виновник за првиот гол на Реал Мадрид, додека Донарума веднаш му возвратил на Бразилецот дека тој ја загубил топката по што „кралевите“ во следната акција го постигнаа вториот гол.

По одговорот на Донарума, Нејмар тргнал физички да се пресмета со голамнот, но бил спречен од соиграчите.

Згора на тоа, „Марка“ пишува дека Ал-Келаифи му се заканил на член на делегацијата на Реал Мадрид дека ќе го убие бидејќи го снимал конфликтот.

Француските медиуми демантираат дека Ал-Келаифи се заканувал, но пишуваат дека цехот ќе го плати тренерот Маурисио Покетино кој треба да добие отказ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот