Ѓуриќ: Србите да пробаат да гласаат во Косово, без разлика на документите

Косово избори 2021/ Фото: МИА

Директорот на српската владината канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, денеска ги повика сите граѓани од Косово кои се наоѓаат во избирачкиот список, без оглед на тоа какви документи имаат, да излезат и да се обидат на лице место да го искористат своето право на глас.

– Гласачките одбори во средините со мнозинство на срби сигурно ќе ги прифатат сите документи, а обидите за дискриминација и спречување ќе ги пријавиме на меѓународните организации, рече Ѓуриќ за Радио Телевизија Србија, по повод забраната за гласање со српски документи на изборите во Косово.

Тој кажа дека „масовноста” е единствениот начин да се заштити државниот интерес, затоа што „ако секој србин со право на глас на Косово излезе, нема да можат да нè покрадат”.

Според него, „ако има десет од десетмината српски пратеници, идната покраинска влада нема да може да се формира без српски глас”, а српскиот глас во дијалогот ќе биде далеку посилен.

Тој ги повика на гласање сите кои „ја чувствуваат Србија како своја земја” и очекуваат од Србија да ги сочува институционалните врски, поддршката, образованието, здравствената заштита, сето она од што се живее на Косово.

– Тие треба да застанат во единствен блок кон напорите на Приштина да се истисне, како што велат во Приштина, секое српско влијание на Косово, кажа Ѓуриќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, по вчерашниот повик пред претстојните избори во Косово на претседателот Алекандар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, србите на Косово да гласаат за Српска листа, денес и вицепремиерката, Зорана Михајловиќ, оцени дека одзивот на косовските Срби во голем број на гласачките места и гласањето за Српската листа е важно за заштита на интересите на српскиот народ во овој простор, како и за посилната позиција на Србија во натамошниот процес на решавање на косовското прашање.

Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи, Веjко Одаловиќ, беше уште поконкретен и изјави денеска дека „Приштина е во паника и не исклучува нови провокации и проблеми за Србите.”

– Што се однесува до партиите на косовските Срби, очигледно е дека Приштина поддржува некои партии. Раздорот е направен на одреден начин. Во 1970-тите и 1980-тите, кога се соочивме со создавање на новата држава на Косово, видовме дека клучните луѓе во тоа време беа Срби, кои албанците ги поддржуваа. Ова е тактика која сè уште ги интересира – рече генералниот секретар на МСП.

Покрај властите, во кампањата пред изборите на Косово на 6 октомври, на големо се вклучија и бројните српски провладини медиуми и таблоиди, во поддршка на кандидатите на Српската листа и оцрнување на српските кандидати од листата Слобода, собрани околу Рада Трајковиќ, која од Марко Ѓуриќ беше означена како „перјаница на (Драган) Ѓиласовиот Сојуз за Косово” а видео спотот на кандидатот Ненад Рашиќ во кој тој на албански јазик ги повикува албанските гласачи да гласаат за коалицијата „Слобода” оцени дека „треба да послужи како алиби за грабежи на српските гласови.”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот