Грците излегоа на протест против законот за истополовите бракови

Фото: EPA-EFE/ALEXANDROS VLACHOS

Со грчки знамиња, икони, крстови, транспаренти со пораки, но и говори, голем број граѓани денеска се собраа во центарот на Атина за да го изразат нивното несогласување со законот за истополови бракови, што следнава седмица ќе се гласа во Парламентот.

На протестот присуствуваа христијански и црковни организација и здруженија, радикално десничарски партии, попови и свештени лица, но и граѓани од сите возрасти.

„Мајка, татко и деца“; „Поддршка за традиционалното грчко семејство“; „Не за истополово родителство“; „Татковина, религија, семејство“; „Мицотакис, Каселакис, Андрулакис се срам за Крит и Грција“; „Ја поддржуваме светоста на традиционалното семејство“, беа само дел од пораките на паноата на демонстрантите.

На протестот присутни беа и поддржувачи и членови на радикално десничарските и националистички партии Спартанци и Ники што се дел од Парламентот.

Предлог-законот под наслов „Еднаквост во граѓанските бракови, измена на граѓанскиот законик и други одредби“, што предвидува проширување на можноста за брак на лица од ист пол и зајакнување на заштитата од дискриминација, минатата седмица беше доставен во Парламентот, в среда ќе започне расправата на пленарна седница, а в четврток се очекува да биде гласањето.

Истополовите бракови предизвикаа реакции во Грција, несогласувања има и кај пратеници од владејачката Нова демократија, кои или ќе гласаат против или ќе отсуствуваат од гласањето, додека пак со став излезе и Грчката православна црква која на вонредниот состанок на Светиот Синод минатиот месец донесе едногласно одлука дека е против предлог-законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот