Границите затворени, платените зелени картони подарок од граѓаните?!

epa08246686 A Macedonian police officer wearing a face mask passes back the documents of a passenger crossing the Tabanovce Serbian - North Macedinian border near Kumanovo, Republic of North Macedonia, 25 February 2020. The Macedonian government decided to take stronger control on border crossing because of recent Coronavirus cases in Italy. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од средината на март границите се затворени, што значи дека сите оние што платиле за зелен картон, односно за полиса за осигурување од автоодговорност во сите европски земји што се членки на Системот за зелена карта, ова осигурување не може да го искористат. Износот за зелениот картон, пак, не е мал. Според податоците на АМСМ, цената на зелениот картон на патничко возило до 66 киловати за периодот додека трае полисата за автоодговорност, односно за една година, изнесува 3.690 денари, а ако тој документ е изваден со времетраење од еден месец е 1.860 денари. За автомобил со поголема моќност од 66 киловати, за една година зелениот картон чини 5.536 денари, а за еден месец 3.075 денари.

Овие пари влегле во буџетите на осигурителните компании, а практично не постои ризик од несреќа во странство, затоа што нема патувања во странство. Во практиката се можни различни случаи. Можно е некој да купил месечно осигурување за возењето во странство непосредно пред да се затворат границите и тоа целосно да му пропаднало. Можно е некој, пак, да планирал патувањето да си го покрие со годишното осигурување кое важи и во јуни…

Од Организација на потрошувачи велат дека пред повеќе од еден месец доставиле писмо до Министерството за финансии и до Агенцијата за супервизија на осигурување во кое бараат или да се продолжи рокот по истекот на зелениот картон за она време за кое тој не важел поради затворените граници или, пак, да се даде одреден попуст при вадење на следниот зелен картон.

– Во Агенцијата за супервизија ни кажаа дека ќе го дадат ова наше барање до Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, но сѐ уште немаме никаков одговор. Прашањето за зелениот картон, покрај писмено, и усно го поставивме на една средба во Министерството за финансии, но ништо конкретно не ни беше кажано.

Според Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, Владата формира Комисија за осигурување од автомобилска одговорност. Комисијата е составена од три члена и претседател. Претседателот и еден член на Комисијата се именуваат на предлог на Министерството за финансии, еден член се именува на предлог на Агенцијата за супервизија на осигурување и еден член се именува на предлог на Националното биро за осигурување. Владата, на предлог од Комисијата, донесува одлука за висината на дополнителната премија за издавање меѓународни зелени карти.

„Слободен печат“ испрати прашање до Владата, како крајна инстанца што би требало да донесе одлука за евентуално пролонгирање на времетраењето на зелената карта или попуст при следното вадење, до каде е овој процес, дали се состанала Комисијата и дали има некаков предлог. Одговор на ова прашање немаме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот