Граѓаните почнаа да го „ситнат“ и огревот што го чуваа за идната зима

Дрва за огрев / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Годинава нема огревното дрво нема да поскапува, но оние што купуваат поголеми количества мора да се обратат до приватните складишта, а таму цената е повисока

Ја „ситниме“ втората декада од мај, а на сите страни фрчат климите и инверторите. За загревање на домовите, граѓаните почнаа да ги „ситнат“ и залихите на дрва што ги чуваа за наредната сезона. Регуларната грејна сезона заврши пред десетина дена, па „ноемвриските“ температури во пролет ја зголемија потрошувачката на струја, но и побарувачката на дрва.

Валентин Груевски, директор на ЈП „Национални шуми“, за „Слободен печат“ вели дека имаат нешто огревно дрво, кое им е останато од претходната зима, но и дека има граѓани што веќе сега почнале да купуваат нови количини. Добрата вест е дека годинава нема да има зголемување на цената на огревното дрво, но оние што купуваат поголеми количества мора да се обратат до приватните складишта, каде што цената е повисока. Најголем број, дури 62 отсто од вкупниот број македонски домаќинства користат дрва за греење, 29 отсто користат електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење, покажуваат статистичките податоци.

– Во моментот имаме нешто даб по цена од 2.492 денари плус ДДВ од 18 проценти, како и бука чија што цена за просторен метар е нешто пониска (2.402 денари плус ДДВ). Оние кои имаат потреба од поголеми количества се обраќаат до приватните складишта, каде цената се движи од 4.500 до 4.800 денари. Ова особено важи за пензионерските здруженија, кои почнаа со нарачките – додава Груевски.

Директорот на ова јавно претпријатие е загрижен од врнежливото време, кое не им дозволува да влезат во шумите.

– Врнеше во април и сега во мај, дрвосечачите не може да влезат во шумите. Дрвата се мокри, теренот е лизгав, но се надеваме дека состојбата ќе се подобри. Може да кажам дека годинава цената на огревот ќе остане иста како лани. Граѓаните и сега ложат, оти поголемиот дел од градовите во внатрешноста се греат со печки. Иако зимата беше исклучително блага, сега температурите се изненадувачки ниски, па еве вчера во Битола врнеше и малку снег – вели Груевски.

Експертите одамна признаа дека греењето со дрва сè уште е економски најисплатливо, иако не е и најеколошка варијанта. За грејна сезона за дрва треба да се издвојат повеќе од 40.000 денари. Најевтината варијанта е гас, но тој засега е достапен само во два града – Куманово и Струмица. Инаку, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите. Само во Скопје има централно греење и со него се затоплуваат околу 60.000 домаќинства. Лани во ноември, ЕСМ го основаше претпријатието кое ќе треба со топлинска енергија да ги загрева домовите и институциите во Битола. Во април започна поставувањето на цевките од топловодот од РЕК „Битола“ до самиот град. Топловодот ќе обезбеди топлинска енергија за Битола, Новаци и Могила – трите општини во близина на термоелектраната. Покрај Скопје, Битола некогаш имала парно греење и своја Топлификација, но сега повторно се зговара идејата дека радијаторите повторно ќе се згреат преку РЕК „Битола“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот