Град Скопје ќе даде 2,3 милиони евра за изградба на улицата Цветан Димов, која сега е „тесно грло“ во Чаир

Улица Цветан Димов/ Фото: ЈП „Улици и патишта“

Град Скопје ќе вложи 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, за изградба на улицата Цветан Димов во Општина Чаир. Тоа го содржи одлуката за меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Чаир за изработка на проектна документација и изградба на оваа улица од раскрсницата со улиците Џон Кенеди и Христијан Тодоровски Карпош.

Градот во реализацијата на оваа соработка ќе учествува со пари од градскиот Буџет и тоа од годинешниот со 10 милиони денари, 70 милиони денари треба да се обезбедат во 2024 година и 60 милиони денари во Буџетот за 2025 година, како и со решавање на имотно – правните спорови. Општина Чаир ќе учествува со изработка на ревидиран Урбанистички проект. Одлуката за ваквата соработка треба да ја донесе Советот на Град Скопје на седницата закажана на 25 април.

Градоначалничката Данела Арсовска минатата година најави дека ќе се отстранува бетонската ограда на улицата Цветан Димов која беше поставена пред три години за да се спречи претрчувањето на пешаците преку улицата. Најави и дека се подготвува голем проект за овој дел од Чаир, но не кажа што точно се планира.

За оваа многу фреквентна сообраќајница, планови имаше и претходниот градоначалник Петре Шилегов, кој најави дека таа ќе прерасне во булевар со шест ленти широк 29 метри и дека е почната постапка за изработка на проект за реконструкција и изградба на булеварот.

Проширувањето на улицата и нејзиното прераснување во булевар беше исклучително битно затоа што беше планирано оттаму да поминува бас-рапид транзитот во Чаир, во втората фаза, кога требаше да се изврши поврзување меѓу Бутел и Кисела Вода.

Според првичните проценки на Градот, изградбата на булеварот заедно со експропријацијата на објектите кои се наоѓаат на трасата, според тогашните информации на Шилегов, требаше да чини околу 6,5 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот