Горчливата вистина на измамите со брзите кредити: ударот доаѓа одблиску, не откривајте пинови дури ни на децата

нов закон за брзите кредити

И колку е да е мала бројката на измамите, зад нив стојат луѓе со име и презиме, кои понатаму се разочаруваат од системот, бидејќи треба да враќаат пари што никогаш не ги зеле, а општеството има искривена перцепција за нашата работа, вели Никола Јошевски, претседател на Групацијата на финансиски друштва при Комората

Најчестите злоупотреби на личните податоци доаѓаат од кругот на семејството, поточно од оние на кои им се достапни вашиот матичен број или пинот на платежната картичка. Ова е горчливата вистина, која според Никола Јошевски, претседател на Групацијата за финансиските друштва при Стопанската комора на Македонија, се крие зад измамите со кредитите.

Јошевски е дециден дека нивната бројка е далеку помала од сумата на исплатените кредити, но нивната желба е да ги сведат на „0“. Тоа е и целта на новата кампања за заштита на личните податоци, која вклучува повеќе институции, а ќе трае и во ноември. Главните клиенти на финансиските друштва се граѓани, но и мали претпријатија, кои во неможност побрзо да дојдат до потребните средства, си ја пробуваат среќата кај овие компании. Јошевски открива дека 10 до 15 отсто од нивните клиенти се решаваат за користење на нивните услуги најчесто за да ги покријат нивните здравствени проблеми.

Според Народната банка, заклучно со 30 јуни 2023 година, вкупната кредитна изложеност на граѓаните и фирмите во земјава била седум милијарди евра, а изложеноста кон финансиските друштва 140 милиони евра или само два отсто од вкупната кредитна изложеност. Претседателот на оваа Групација ја разбива и фамата на рекламните слогани за „брзите пари“, за кои вели дека постои цела процедура, која можеби поради „младоста на оваа индустрија се злоупотребува од некои вработени“.-

 И колку е да е мала бројката на измамите, зад нив стојат луѓе со име и презиме, кои понатаму се разочаруваат од системот, бидејќи треба да враќаат пари што никогаш не ги зеле, а општеството има искривена перцепција за нашата работа. Финансиските измами постојат секаде во светот и ние не сме имуни на оваа појава. Сметам дека е поголем бројот на оние што се задоволни од нашите услуги, а незнаењето многупати резултира со носење лоши одлуки. Ние сме млада индустрија и не бегаме од одговорноста, а секоја компанија си има свои правила за вработените што прават злоупотреби – додава Јошевски.

Антонела Манева Ставреска од СКСМ посочува дека финансиските друштва се најмладиот и најдинамичниот сегмент на банкарскиот сектор во земјава, кој вработува 1.300 млади луѓе, а годишно во Буџетот уплаќа 10 милиони евра на име на даноци.

– Неодамнешните измени на Законот за финансиски друштва, ќе ги направи уште поодговорни овие компании, а веќе се работи и на изработка на Правилникот што ќе го осигури одговорното однесување при заштитата на личните податоци – истакна Манева Ставреска.

Инаку, според МВР, лани се евидентирани 43 случаи на измами со брзи кредити, а за нив до ОЈО се поднесени 16 кривични пријави и 24 писмени известувања, при што во рамките на расветлените случаи се пријавени 24 сторители, а е поднесено и едно известување до оштетено лице за поднесување приватна тужба против откриен сторител. За седумте месеци, пак, од оваа година во МВР пристигнале 65 пријави за вакви измами. Од полицијата во неколку наврати истакнаа дека граѓаните дознале дека некој ги задолжил крадејќи им ги личните податоци и дека должат пари за кредит што не го подигнале. Во периодот јануари-февруари годинава, на територијата на државата биле регистрирани 27 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, за кои по преземени мерки и активности, 23 сторители добие кривични пријави.

Злоупотребите на идентитетот стигнаа и до Омбудсманот

Повеќе од 30 претставки пристигнале на адресата на Народниот правобранител од граѓани што биле жртва на измама. Од оваа институција побараа да се ограничи електронското аплицирање за брзи кредити со туѓи лични документи. Станува збор за претставки што се однесуваат на висината на надоместоците при издавањето на брзите кредити, но и за злоупотреба на идентитетот.

Процените говорат дека овие неколку години околу 200.000 граѓани зеле брзи кеш кредити, а контролите покажале дека кај повеќе од половината од финансиските друштва има неправилности. Дозволите за основање и работа на финансиските друштва ги издава Министерството за финансии, а Групацијата на СКСМ има 30 членки. Најголем дел од нив одобруваат потрошувачки кредити на физички лица, но во последно време има и мали и микро претпријатија кои се нивни клиенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот