Го пушти ли некој Камчев „низ вода“?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Кога сведокот ќе изјави дека го советувале сè да снима, тешко е да се поверува дека СИТЕ снимки што сега се објавуваат не се негови – а тоа воопшто не е неважно прашање. Друга работа е, ако потекнуваат од него, како тие снимки протекле во јавноста. А кога еднаш почнаа да течат (памтите, од овде до Италија!), таквата поплава тешко се сопира, на сечија штета. Се чини дека „сведокот-жртва“ тукушто го пуштија низ таа вода.

На почетокот, благодарејќи на агресивната и исполитизирана пропаганда, токму со такви снимки Камчев се претставуваше како херојска жртва, а самиот изјавуваше дека е во мисија да ја спаси честа на правната држава во Македонија; по најновиве снимки, тој веќе личи само на, фигуративно речено, добро натоварено магаре кое сака да глуми нагиздан, параден коњ на дефиле пред македонската правна држава.

Но, скандалот е на работ да излезе од контрола на обвинението. Од почетокот, уште минатата пролет, обвинителите цврсто одлучија довербата да ја подарат исклучиво на интерпретацијата на настаните што „сведокот-жртва“ сакаше да ја раскаже. Па, дури, не ги ни сослушаа другите обвинети, а експресно се согласија и со признанието на еден од рекетарите, иако станува јасно дека со тоа веројатно е пропуштена можноста да се комплетира целосната слика за сите и сечии деликвентски намери и дејства во оваа голема афера.

Занимливо, обвинителката Рускоска и во последните, вчерашни изјави тврдоглаво се држи до својата (и на Камчев) верзија на настаните, ставена во ситуација самата да ги демантира исказите на „сведокот-жртва“ што јасно се слушаат во снимките (за ГПС уредот, за платениот истражителен стик, за протекувањето на снимките од Обвинителството…). Не знам зошто, но Обвинителството со својот однос кон „сведокот-жртва“ почнува да наликува на еден познат филозоф кој кога, на смртна постела, свештеникот го прашал дали е подготвен да се откаже од Сатаната, тој со последниот здив му одговорил дека „сега не ми се чини како добар момент да си создавам нови непријатели“…

Зошто толкава подготвеност да се стави сопствениот обвинителски кредибилитет на коцка? Па, не е г. Камчев толкава „Сатана“ за да се ризикува непријателство со него!

Бидејќи и од досегашните сведочења е јасно дека, општо речено, некакви пари се размениле за некој врз некого да влијае, макар што и парите (следени по ГПС) не се знае каде се – но, кој кого поттикнувал, кој што нудел и што барал за возврат, кој кого лажел и надлажувал и местел и подместувал и дали во целата таа филмска шарада Катица Јанева активно учествувала или, со целосно „задремана“ интелигенција, била предмет на вешти манипулации – тие околности се уште понејасни отколку пред почетокот на судењето. А тоа, не само кој ги земал парите, е суштината на целиот случај.

Можеби понатамошното изведување на доказите ќе внесат некој ред во досегашната конфузија од мотиви и дејствија во џакузито од лицемерие во кое заедно весело се шлапкале, со кавијар и шампањ, наводните жртви со наводните рекетари.

Само на Заев како да му се исполнува онаа пророчка, а непристојна августовска изјава, дека нема да дозволи „неколку криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ да му ја урнат Владата. Тоа предупредување, ретроспективно погледнато, некои од спомнатите како опасно да го потцениле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот