Глоба до 3.000 евра ако не се внесат точни податоци за зголемување на стажот- ќе се формира нова управа

Скопје, 28 јуни 2021 - Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Формирањето на новата институција произлегува од новиот Закон за регистар на задолжително социјално осигурување, објавен во Службен весник на РСМ бр. 209 од 5 октомври лани, во кој се утврдени надлежностите на новата управа. Со овој закон граѓаните ќе добијат поголема контрола на плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување и поголема сигурност дека тие редовно и целосно ќе им бидат уплатени

Нова управа од догодина ќе ги обработува податоците од задолжителното социјално осигурување, условите за негово користење, регистрацијата на пријави, одјави и промени во задолжително социјално осигурување, а ќе биде одговорна и за размената на податоци меѓу надлежните органи и другите институции. Формирањето на новата институција произлегува од новиот Закон за регистар на задолжително социјално осигурување, објавен во Службен весник на РСМ бр. 209 од 5 октомври лани, во кој се утврдени надлежностите на новата Управа, велат за „Слободен печат“ од Министерството за труд и социјала. Управата ќе почне со работа во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон, што значи некаде во октомври 2025 година, а тогаш ќе биде именуван и нејзиниот директор.

– Со законот треба да се воспостави нов единствен унифициран регистарски систем, во кој на едно место ќе се собираат и чуваат сите податоци што се однесуваат на задолжителното социјално осигурување, да се елиминираат слабостите на сегашниот систем и да се креира нов ефикасен систем на долг рок. Притоа, постапката за регистрација во системот на задолжително социјално осигурување ќе биде унифицирана, поедноставена и централизирана, со што услугите од системот на социјалното осигурување ќе се обезбедуваат побрзо и поквалитетно. Законот се заснова на начелата на законитост, доверливост, достапност, ефикасност, независност и отчетност. Со донесувањето на законот, на граѓаните ќе им се овозможи поголема контрола на плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување и поголема сигурност дека редовно и целосно ќе им бидат уплатени. Со тоа, пак, понатаму граѓаните ќе можат во целост да ги користат сите права од социјално осигурување што им се загарантирани со закон. Со законот се уредува основањето, организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и раководењето на Управата за водење на регистарот на задолжително социјално осигурување – пишува во образложението на законот.

Казните за невнесувањето точни податоци се високи и тие предвидуваат глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност за регистрациониот агент правно лице ако: не внесе точни податоци за степен на зголемување на стажот, доколку со закон е предвиден таков стаж за соодветното работно место или не внесе точни, целосни и навремени податоци во РЗСО. За истите неточни податоци, но овој пат за регистрациониот агент – физичко лице е предвидена глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност.

– Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на раководното лице на Управата за јавни приходи ако не ја одбие пријавената пресметка за плата и придонеси во случај кога пресметката на придонесите нема да одговара на податоците во РЗСО. Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на раководното лице во институцијата надлежна за задолжително социјално осигурување или во друга институција вклучена во системот на задолжително социјално осигурување ако не ги чува податоците поврзани со системот на задолжително социјално осигурување. Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на раководното лице на изворникот на податоци ако не ги ажурира податоците – стои во Законот.

Законодавецот се оградил дека во однос на прашањата за евиденцијата на задолжителното социјалното осигурување кои не се уредени со овој закон, и натаму ќе се применуваат законите со кои се регулираат здравственото осигурување, пензиското и инвалидското осигурување, осигурувањето во случај на невработеност, задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, како и наплатата на придонесите за задолжителното социјално осигурување и прописите донесени врз основа на овие закони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот