Ѓорчепетровци уште чекаат нивните деца да пливаат во затворениот базен

Затворен базен, Фото: Општина Ѓорче Петров

Затворениот базен во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ почна да се гради во февруари 2020 година, како еден од шесте базени од ваков тип што ги гради Агенцијата за млади и спорт во соработка со локалните самоуправи, а според последните информации, запрени се завршните работи од неговата изведба.

Првиот затворен базен што почна да се гради во општина Ѓорче Петров пред повеќе од две години сѐ уште не е завршен, иако рокот за затворање на проектот беше 18 месеци. Според последните информации, запрени се завршните работи од неговата изведба.

Родители на ученици што учат во основните училишта во оваа општина, прашуваат што се случува и до каде е реализацијата на најавуваниот проект.

– Базенот требаше да биде готов уште при крајот на минатата година, барем така се фалеа. Наутро ќе беше наменет за учениците од основните училишта, а попладне ќе имало пливачки клубови. И до каде е базенот, сега никој ништо ниту кажува ниту го спомнуваат. Имам две деца што сакам да ги запишам на пливање и сега треба да ги носам до СЦ „Борис Трајковски“. Чекавме, се надевавме, ама како што стојат работите, изгледа уште долго ќе чекаме – реагира Кристина од Ѓорче Петров.

Затворениот базен во ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ почна да се гради во февруари 2020 година, како еден од шесте затворени базени што ги гради Агенцијата за млади и спорт во соработка со локалните самоуправи. Првичната најава за отворање на базенот беше за ноември лани, барем така најави директорот на Агенцијата Наумче Мојсовски, кој заедно со ексградоначалникот на општина Ѓорче Петров пред една година изврши увид на градежните работи на базенот.

Мојсовски рече дека пандемијата го забавила темпото на работа, но дека работите повторно ќе продолжат поинтензивно.

– До крајот на октомври или почетокот на ноември базенот ќе биде завршен. Со овие димензии на базенот се надевам ќе формираме и пливачки клуб во општина Ѓорче Петров. Ќе биде подобро што повеќе деца од училиштата да го користат – рече тогаш директорот на АМС.

Сега, од Агенцијата за млади и спорт нема одговор на прашањата до каде е реализацијата на изградбата на затворениот базен и кога тој ќе ги отвори вратите за учениците и рекреативците од општината.

Од Општина Ѓорче Петров исто така за подетални информации околу динамиката на изведба во периодот што следува, упатуваат во АМС.

– Досега изведена е фаза затворена карабина, а не е реализиран машинскиот дел. Не се изведени бетонските ѕидови, одводни и доводни инсталации. Практично, завршните работи се стопирани. Според последните информации, опремата е нарачана, но сѐ уште не е стигната – ги споделуваат од општината информациите со кои тие располагаат.

Спортскиот објект што се гради е со димензии 20,40×30,35 метри и со длабочина од 0,9 до 1,4 метри. Според проектот, планирано е базенот да има соблекувални и централен систем на загревање. Планирано е да биде по сите стандарди и да биде енергетски ефикасен и рентабилен.

Изградбата на базенот е со вредност од 38 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот