Германската министерка за одбрана: Макрон сака да го замени НАТО, ние да го зајакнеме

Фото: EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер се дистанцираше од неодамнешните критики на францускиот претседател Емануел Макрон на сметка на НАТО, велејќи дека додека францускиот претседател сака да го замени овој воен сојуз, Германија сака да го засил.

Макрон во интервју за „Економист“ неодамна рече дека НАТО е во состојба на мозочна смрт, а дека Европа повеќе не може да се потпре на САД, како и дека меѓу Вашингтон и сојузниците во НАТО не постои координација при носењето на стратешките одлуки.

Во интервју за „Велт ам Зонтаг“, германската министерка вели дека Берлин се согласува оти е потребна поголема европска соработка во безбедносната политика, но и дека Париз има различна перспектива од Берлин, пренесува „Политико“.

– Кога Франција зборува за поголема европска соработка во одбраната, тие зборуваат за стратешка автономија. Французите сакаат силна европска соработка која ќе го замени НАТО – рече Крамп-Каренбауер.

Таа додаде дека од друга страна повеќе е загрижена за способноста за делување.

– Мојот став е дека секое зајакнување на европската одбрана исто така го засилува и европскиот столб во НАТО – рече Крамп-Каренбауер или накратко АКК, како што ја нарекуваат во Германија.

Шефицата на германските демохристијани оцени и дека „Франција има различна воена култура од Германија“.

– Тоа се одразува во најновите предлози на нивниот претседател. Но Германија исто така има свои интереси – рече таа истакнувајќи го значението на партнерството на Берлин и Париз и неговата интерграција во НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот