Германската министерка за образование во посета на Тајван, прва таква по 26 години

Германска министерка за образование во Тајван / Фото ЕPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Министерката за образование на Германија денеска потпиша договор за технолошка соработка со Тајван на почетокот на првата посета на германски министер на островската земја по 26 години.

Бетина Старк-Ватцингер потпиша договор за наука и технологија со Тајван за време на првиот ден од посетата што наиде на остри критики од Кина. Пекинг го смета Тајван за своја територија и се противи на дипломатските односи на другите земји со Тајпеј.

Кина го засили воениот, дипломатскиот и економскиот притисок врз островската држава по серијата посети на официјални лица од САД, Европа и други делови од светот.

На церемонијата на потпишување во Тајпеј, Старк-Ватцингер рече дека е „големо задоволство и чест“ да се биде првиот германски министер што го посетил Тајван во повеќе од две децении.

„Овој договор ќе ја зајакне соработката заснована на демократски вредности, транспарентност, отвореност, реципроцитет и научна слобода“, рече таа.

Кинеското Министерство за надворешни работи објави дека „остро се противи“ на „злонамерната“ посета.

Портпаролот на Министерството, Ванг Венбин, рече дека Кина ја повика Германија „веднаш“ да ја прекине „интеракцијата со сепаратистичките сили во Тајван, веднаш да престане да им испраќа погрешен сигнал и веднаш да престане да го користи тајванското прашање за мешање во внатрешните работи на Кина“.

Германското Министерство за надворешни работи минатата недела ја потврди својата посветеност на политиката на „една Кина“, според која има формални билатерални врски со Пекинг, но и одржува „блиски и добри врски со Тајван“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот