Гебелс, нашиот современик

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Зошто е потребно да се потсетуваме на вакви настани и личности, не само во рубриките „на денешен ден“, туку и секој ден во годината? Па, од едноставна причина што денес – без разлика на сите драматични промени во технологијата, или токму поради нив – сите сме потопени во пропаганда и во лажни вести.

Што се случило на денешен ден? Оваа рубрика во медиумите е една од ретките, ако не и единствена, во која може да најдете „вести“ во чија вистинитост може да веруваме во најголема можна мера. Македонската информативна агенција, како поважни настани регистрирани на 13 март, ги наведе овие: 1881 – членови на тајното терористичко здружение „Народна волја“ го убиле рускиот цар Александар Втори Николаевич Романов; 1890 – во Пловдив умрел Иван Генадиев, македонски писател, композитор и општественик; 1895 – во Њујорк изгорела лабораторијата на Никола Тесла со огромната научна документација; 1969 – стапила во сила Меѓународната конвенција за ликвидирање на сите облици на расна дискриминација; 1975 – во Белград умрел Иво Андриќ, нобеловец, еден од најголемите писатели во СФРЈ; 1990 – Советското собрание го изгласало престанокот на 72-годишниот монопол на власт на Комунистичката партија; 1993 – Во Скопје умрел Петар Мазев, еден од најпознатите македонски сликари на 20 век; 1996 – во Варшава умрел Кшиштоф Кишловски, полски режисер од светски ранг; 2006 – во Скопје умрел Димитрие Османли, македонски филмски, театарски и телевизиски режисер…

Се разбира дека е невозможно да се наведат сите важни настани (или личности на кои им се случило нешто), што се случиле на денешен ден. Еве еден таков: на 13 март 1933 година е основано Министерството за народно просветување и пропаганда на Третиот Рајх. Следниот ден положи заклетва, како рајхминистер за пропаганда, најуспешниот медиумски волшебник на 20 век, човекот наречен господар на вистината и на лагата, Јозеф Гебелс. Тоа што овој настан го нема во изборот на МИА секако не значи дека не се случил; поверојатно е дека изоставен поради тоа што него го има вградено во сите други рубрики во сите медиуми: од политика до спорт и забава, секаде, речиси без исклучок.

Гебелс стана синоним за пропаганда, за лажни вести, за манипулација со широките народни маси. Неговите методи и замисли, 89 години по нивното стапување на сила, не само што не се дискредитирани и отфрлени, туку станаа темелни принципи на кои функционира светот – поточно се распаѓа – дури и не само светот на масовните комуникации.

Гебелс бил исклучителнио интелигентен и талентиран, особено за спроведување манипулации со зборови (бил голем оратор) и во нивната примена. Го имал на располагање целиот државен апарат и веќе во јуни 1933 година весниците и речиси сите радиостаници – тие што не биле укинати или затворени – биле авторитарно уредени, поточно наредени на иста борбена линија. Нему му се припишува мислата: „Еднаш изговорена лага, останува лага, ама лагата изговорена илјада пати станува вистина“.

Зошто е потребно да се потсетуваме на вакви настани и личности, не само во рубриките „на денешен ден“, туку и секој ден во годината? Па, од едноставна причина што денес – без разлика на сите драматични промени во технологијата, или токму поради нив – сите сме потопени во пропаганда и во лажни вести. Со засилено темпо доаѓаат на власт луѓе, лидери кои слободно може да се наречат достојни наследници – почитувачи и корисници – на злоделото на Гебелс. Можеби е точно дека во ера на Интернет е невозможно да скриеш – со какви било лажни вести – масовно убиство на илјадници луѓе, ама ако за нешто сме сигурни, тоа е дека и натаму ќе живееме во време кое стручњаците за мас-медиуми го нарекуваат поствистина. Време во кое не ја знаеме вистината, а се очекува да разликуваме што е вистинска, а што лажна вест во политиката, во науката, во трговијата… секаде. Тоа изгледа невозможна (е)мисија во ова време во кое и постоењето на цели народи се прогласува за лажна вест! Особено во војна како сега кога стратезите решаваат што е лага, а што вистина, водачи кои се – да се посетиме на Гистав ле Бон – на граница на лудило, а широките народни маси не сакаат да бидат просветени, туку емоционализирани.

Вистината никогаш не котирала високо на ничија приоритетна листа. Тоа сепак не смее да не спречи барем да се потрудиме веста да ја провериме кај извори (медиуми, институции, па и личности) за кои веруваме дека не се претворени во оружја за масовно уништување. Не само на вистината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот