Фронтот против корупција не смее да се ситни, клучна алка е правосудниот систем

Јавното обвинителство ги замрзна односите со ДКСК/Фото монтажа: Слободен печат

Сите институции имаат обврска да работат во најдобар интерес на граѓаните, професионално и доследно да ја извршуваат својата функција, а интензивната координација е еден од суштинските предуслови за успех, нагласија од Кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска.

Во екот на засилените заложби за борба против растечката корупција во државава се скараа и ја замрзнаа соработката двете најповикани институции Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Јавното обвинителство по повод разоткривањето на злоупотребите околу конфискацијата на имотот на компанијата „Трансмет“ од случајот на СЈО познат како „Труст“ на сметка на ДКСК испорача серија обвинувања, дека постапувале надвор од своите надлежности, се обидувале да влијааат врз истрагата и да нанесат штета на постапките во тек.

Обвинителството на Јовевски смета дека Антикорупциска се конфронтира со други институции и предизвикува огромна штета на напорите за спречување на корупцијата, нарекувајќи ги нивните иницијативи нецелисходни, со оглед на тоа што таму веќе се водела постапка за целиот случај со имотот од предметот „Труст“.

Но ДКСК не го повика само Обвинителството да си ја заврши својата работа и да ги провери двајцата обвинители од своите редови кои постапувале во овој случај Гаврил Бубевски и Артан Ајро, туку изрази сомнежи и во работата на судиите, нотари, извршители, вештаци – цела спрега на личности со свои позиции во постапката кои придонеле државниот буџет да се оштети за повеќе милиони евра.

Но обвинителството цврсто застана зад обвинителите Бубевски и Ајро нагласувајќи дека тие не направиле никаков пропуст постапувајќи по предметот  „Труст“ кој го работеа во времето на тогашното Специјално јавно обвинителство. Пред две недели Артан Ајро беше избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје.

Кавгата доаѓа само неколку дена откако ЈО и ДКСК заеднички се заложија дека ќе го зајакнуват националниот фронт за борбата против корупцијата, во екот на два големи скандали кои ги разоткрија институциите на САД, ставајќи ги на црната листа актуелниот градоначалник на Струга Рамиз Мерко и бизнисменот Орце Камчев, осуден за случајот „Парцели на Водно“, а за „Империја“ призна вина по обвинението за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела.

Грковска: Институциите мора да соработуваат

Несогласувањата меѓу ЈО и ДКСК, за „Слободен печат“ ги коментираа од кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење:

-Замрзнувањето на односите меѓу институциите во никој случај не може да биде решение на проблемите, особено кога станува збор за ваков сериозен општествен проблем, кој се рефлектира и на секојдневното живеење на граѓаните, но и на целата држава. Оттука, вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во повеќе наврати потенцирала дека справувањето со корупцијата е едно од најзначајните општествени прашања за кое е неопходен меѓуинституционален, односно широк општествен пристап. Институциите кои имаат законска надлежност на ова поле, мора да соработуваат, децидни се од Кабинетот на вицепремиерката Грковска.

Оттаму потсетуваат дека сите институции имаат обврска да работат во најдобар интерес на граѓаните, професионално и доследно да ја извршуваат својата функција, а интензивната координација е еден од суштинските предуслови за успех, одговорија од Кабинетот.

Откако ДКСК обвини за непостапување во случајот со струшкиот градоначалник Мерко отворен уште во мај 2019, реагираше вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска која потсети дека членовите на Владата ниту можат, ниту смеат да ја преземат улогата на обвинителските и судските органи во државата, нагласувајќи го најголемиот факт во државава  дека правосудните органи не испорачуваат задоволителни резултати во борбата со корупцијата.

Но и додаде дека Антикорупциската комисија ја ужива поддршката од владата и исполнети се нивните барања за да продолжат со борбата со корупцијата и соработката со нив ќе продолжи.

-Кабинетот задолжен за политики за добро владеење и Државната комисија за спречување на корупцијата, соработуваат на повеќе полиња, како во однос на надлежностите на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење поврзани со Етичкиот кодекс за избрани и именувани функционери од Владата, така и во подготовката на Законот за конфискација во граѓанска постапка. Секако Кабинетот има обврска да укаже, кога за одделни предмети, согласно поставеноста на политичкиот систем, нема надлежност да постапува, соопштија за „Слободен печат“ од кабинетот на Грковска.

На прашањето кој е најголем кочничар во справувањето со корупциските скандали во државава и дали надлежните институции имаат капациетот и волја за вистинска борба со криминалот и корупцијата, од Кабинетот одговорија:

-Одговорноста за справување со корупцијата е на сите чинители кои имаат надлежност според закон. И само со координиран пристап, со вклученост на сите, може да се дојде до посакуваните резултати. Клучната алка е правосудниот систем, кој треба да обезбеди владеење на правото и еднаквост пред законот. И токму затоа е неопходно да се зголеми довербата во правосудните органи, а тоа е нешто за кое мора да се погрижат судиите и обвинителите, соопштија од Кабинетот на заменик претседателката на Владата.

Неодамна министерот за правда Кренар Лога на седница  на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор иницираше неколку клучни промени за поголема транспарентост во овој сектор.

Дел од новата развојна стратегија за реформи во правосудството е ослободување на Министерството за правда од надлежностите за издавање на лиценци за вештаците, укинување на дискреционото право на министерот за избор на нотари и извршители, како и предвидување на кривична одговорност на судиите поротници и присуство на јавност во сите постапки пред Апелационите судови и Врховниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот