Фотоволтаиците веќе создаваат вишоци струја, потребна е итна промена на регулативата

Фотоволтаици/Фото: МИА

Домашните компании треба да знаат дека цената на струјата во одредени делови од денот се спушта и до 10 евра за мегаватчас и треба да сметаат дека конкуренцијата веќе дава свои средства само за некој да им ја купи струјата. Затоа, државата мора да ги смени правилата за поставување фотоволтаици и да се обезбедат субвенции за батерии, порача Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетската асоцијација

Иако личи дека сме ја премавнале енергетската криза, бидејќи просечните цени на струјата веќе извесен период се движат од 100 до 150 евра за мегаватчас, дневните варијации на произведената струја се движат и до 400 отсто, што според Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација е невидено досега. Оттука, државата и компаниите мора да се одбранат од овие случувања, а единствениот краткорочен лек на кој сега може да сметаме е складирање на вишокот енергија во батерии. Анѓушев е дециден дека поставувањето на фотоволтаиците е единствениот спас за компаниите, но за државата веќе станува проблем, кој бара итна интервенција.

-Да претпоставиме дека ќе се инсталираат фотоволтаични централи од 700 мегавати струја, во кои ќе се инвестираат 700 милиони евра, а од нив 200 милиони се инвестиција на компаниите. Остатокот треба да се обезбеди со кредити, кои треба да се враќаат под претпоставка дека вишокот произведена струја ќе се продаде. Тоа е точно, но со ваквиот пад на цените и дневните флуктуации, продажбата на таа струја ќе потрае, а кредитите ќе притискаат. Не сме сами на светот и не сме само ние на кои им текнало да поставуваат фотолвотаици. Домашните компании треба да знаат дека цената на струјата во одредени делови од денот се спушта и до 10 евра за мегаватчас! Па треба да сметаат дека конкуренцијата веќе дава свои средства само за некој да им ја купи струјата – поентираше Анѓушев. Затоа, државата мора да ги смени правилата за поставување фотоволтаици и да се обезбедат субвенции за батерии.

Претседателот на МЕА, вели дека имаме енергетска стратегија и таа треба да се ревидира, а државата треба уште сега на крајот на оваа грејна сезона да креира мерки за следната. Анѓушев смета дека ќе биде доцна ако почнеме да се подготвуваме во јули или август.

-Ситуацијата треба да се следи постојано. Тоа значи дека „не е вечна определбата“ дека мора да ги вклучиме сите енергетски капацитети за да обезбедиме стопроцентно покривање на пазарот со домашно производство на струја. Нашиот предлог е капацитетите да се пуштаат и гасат по потреба, според цените на берзите. Дали е подобро да увезуваме јаглен и гас за да ни работат капацитетите или пак е поевтино да увезуваме струја – праша Анѓушев?

Претседателот на МЕА и порача на државата што побрзо да се сертифицира за да може да издава зелени сертификати, кои се приход за компаниите. Тој ја поддржува идејата за формирање на македонска Берза на струја, на која ќе се снабдуваат сите државни компании и ќе се избегне можноста од шпекулативни тендери, се заложи и за интензивирање на изградбата на магистралните гасоводи и дистрибутивната мрежа, а побара да се зголеми користењето на хидрогенот, како евтина енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот