ФОТО+ВИДЕО | Принцот од Брунеј е официјално оженет: Десетдневната гламурозна венчавка продолжува

Фото: EPA

Принцот Абдул Матин од Брунеј, кој важеше за најпосакуван азиски младоженец, по верската свадбена церемонија извршена на 10 јануари, денеска склучи граѓански брак со својата избраничка Аниша Роснах Адам, пишува „Би-би-си“.

Принцот од Брунеј, кој има два и пол милиони следбеници на Инстаграм, главно женски, разочара голем број обожаватели во декември, објавувајќи дека ќе се жени со внуката на советникот на неговиот татко, султанот Хасанал Болкиах.

Фото: EPA-EFE/RUDOLF PORTILLO

Триесет и двегодишниот принц Абдул Матин беше облечен во свечена воена униформа, а неговата три години помлада невеста носеше долг бел фустан и накит за церемонијата, која се одржа во палатата Истана Нурул Иман.

Меѓу 5.000 гости на свадбата беа членови на кралското семејство од Саудиска Арабија и Јордан, како и индонезискиот претседател Џоко Видодо и филипинскиот лидер Фердинанд Маркос Џуниор.

Фото: EPA-EFE/RUDOLF PORTILLO

Двојката го направи своето прво јавно појавување како брачна двојка, мавтајќи им на илјадниците собрани сонародници од задното седиште на Ролс Ројс со отворен покрив додека раскошна поворка се пробиваше низ главниот град Бандар Сери Бегаван.

Локалните телевизиски станици во средата емитуваа верска свадбена церемонија во малиот султанат.

Фото: EPA-EFE/RUDOLF PORTILLO

Принцот е десеттото дете на султанот, монархот со најдолго владеење во светот и еден од најбогатите, петти по редот на наследството. Завршил меѓународна политика на Кралскиот колеџ во Лондон, тој е воен пилот на хеликоптер, активен спортист, игра поло за репрезентацијата на Брунеј, а исто така и скија, скока со падобран, нурка и игра голф.

Својата невеста ја познава уште од детството, а според некои медиуми, таа е многу способна деловна жена, сопственичка на компанија за производство на свила како и на туристичка агенција.

Фото: EPA-EFE/RUDOLF PORTILLO

Свадбените веселби започнаа на 7 јануари и кулминираа со денешната голема церемонија.

На исламската свадбена церемонија, која го официјализираше бракот на принцот, присуствуваа само машки гости, меѓу кои и принцот и неговиот татко.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот