ФОТО+ВИДЕО | Холандската Влада им се извини на воените ветерани кои беа во Сребреница

Марк Руте, ветерани, Сребреница
Холандската Влада им се извини на илјадници свои поранешни војници испратени да ја бранат Сребреница за време на војната во Босна / 18 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/REMKO DE WAAL

Холандската Влада им се извини на илјадници свои поранешни војници испратени да ја бранат Сребреница за време на војната во Босна.

Премиерот на Холандија Марк Руте вчера изјави дека војниците не биле опремени за да го спречат масакрот и дека им била дадена „невозможна задача“. Во јули 1995 година, околу 8000 бошњачки мажи беа масакрирани од страна на силите на босанските Срби, пишува денеска Би-Би-Си на српски јазик.

Во претходните години, холандските власти инсистираа дека Обединетите нации се виновни што не обезбедиле воздушна поддршка.

Премиерот Марк Руте и воен ветеран / 18 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/REMKO DE WAAL

Но, зборувајќи со воените ветерани во база во централна Холандија, премиерот Руте ги прифати нивните тврдења дека имале проблеми затоа што „нивниот мандат, нивната опрема и воената поддршка за време на мисијата биле несоодветн“ и тоа го оневозможи извршувањето на задачата.

„Денеска се извинувам во име на холандската Влада на сите жени и мажи од Третиот баталјон. Ви се извинувам на сите вас овде, како и на оние кои не се денес овде, им рече Руте на ветераните.

„Со најголема можна почит и уважување за начинот на кој баталјонот продолжи да се труди да ја направи вистинската работа, во многу тешки околности, дури и кога тоа веќе навистина не беше можно“, посочи премиерот.

Премиерот Марк Руте и министерката за одбрана Кајса Олонгрен / 18 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/REMKO DE WAAL

Во јули 1995 година, илјадници Бошњаци избегаа во Сребреница, која беше безбедносна зона на ОН. Баталјон холандски војници со лесно оружје го бранеше градот и не можеа да се спротивстават на напредувањето на војската на Република Српска.

Откако ги принуди холандските сили да се предадат, војската на босанските Срби, под контрола на генералот Ратко Младиќ, ги раздвои мажите и момчињата на возраст од 12 до 77 години поради, како што рекоа тогаш, „испитувања“. Во текот на следните пет дена, тие беа егзекутирани и закопани во масовни гробници.

Државата Србија негираше дека убиствата биле дел од планот за геноцид, но прифати дека е извршено злосторство.

Марк Руте, премиерот на Холандија / 18 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/REMKO DE WAAL

Извинувањето на Руте дојде една година по објавувањето на извештајот кој содржи препораки за тоа како да се поддржат членовите на баталјоните кои се борат со посттрауматско стресно нарушување.

Во 2019 година, холандскиот Врховен суд пресуди дека Холандија е делумно одговорна за смртта на околу 350 мажи во масакрот во Сребреница, бидејќи тие мажи биле префрлени од нивната база и покрај тоа што знаеле дека се во сериозна опасност да бидат мачени или убиени од српските сили.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот