ФОТО+ВИДЕО | Елтон Џон го одржа својот последен концерт: „Педесет години уживање во музиката“

Фото: Instagram/ eltonjohn

Елтон Џон официјално ја заврши својата проштална турнеја под насловот „Farewell Yellow Brick Road“ во Стокхолм, Шведска. Турнејата траеше речиси пет години и опфати 333 концерти, пренесува „Ен-ем-и“.

На настапот во Арената „Теле2“, во шведската престолнина, Елтон Џон ја отпеа неофицијалната химна на турнејата „Goodbye Yellow Brick Road“, како последна песна на концертот. Пред почетокот на песната, англискиот музичар одржа говор пред околу 45.000 присутни во публиката, заблагодарувајќи им се за поддршката во текот на целата негова кариера.

Фото: Instagram/ eltonjohn

„Имав прекрасна кариера. Педесет години чисто уживање во музиката, па колку имам среќа? Немаше да бидам овде да не бевте вие. Купувавте плочи, ЦД-а, албуми, касети… А што е уште поважно, купувавте билети за концертите. Знаете колку сакам да настапувам и концертите ми беа спас. Бевте феноменални“, кажа Елтон во емотивниот говор.

Песната „Goodbye Yellow Brick Road“ беше издадена во 1973 година и беше вториот сингл и насловна песна од седмиот студиски албум на Елтон Џон. Стигна до првите 10 на топ листите во Велика Британија, САД, Австралија, Канада, Ирска, Нов Зеланд, Норвешка и Јужна Африка.

Според „setlist.fm“, Џон оваа песна ја изведувал во живо приближно 1475 пати во последните 50 години. Истата послужи како завршна песна на секој од концертите од турнејата „Farewell Yellow Brick Road“, која првично започна во септември 2018 година во Алентаун, Пенсилванија.

Фото: Instagram/ eltonjohn

Турнејата продолжи низ Северна Америка, Европа, Австралија и Нов Зеланд до март 2020 година, по што беше одложена за речиси две години поради пандемијата и повредата на колкот, поради која Џон мораше да се оперира.

Во јануари 2022 година турнејата повторно продолжи, а траеше речиси 18 месеци. Неговото последно шоу во Велика Британија се одржа на Гластонбери, каде што му се придружија гости како Брендон Флауерс и Рина Савајама.

Во мај 2023 година, турнејата беше официјално признаена како светска турнеја со најголема заработка на сите времиња.

ФОТО | Со солзи го заврши последното шоу: Елтон Џон се збогуваше со публиката на Гластонбери

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот